Кинезите кренаа раце: Запре заемот за автопатот Кичево–Охрид
Автопатот Кичево–Охрид, кој се гради повеќе од 12 години, повторно влегува во нова фаза – без поддршка од кинеската Ексим банка и со ново задолжување кај домашни банки.
Долгогодишниот проект за изградба на автопатот Кичево–Охрид се соочува со нов пресврт, откако престана финансирањето од кинеската „Ексим“ банка, а државата најавува дека остатокот ќе го покрие со кредити од домашни банки.
Премиерот Христијан Мицкоски призна дека процесот не поминал без проблеми.
„Имавме мала потешкотија, морам да признаам, посебно во делот на обезбедување на средства за довршување на делницата Кичево-Охрид. Затоа што знаете дека заемот којшто го добиваме од кинеската „Ексим“ банка, повеќе не го добиваме, престана“, изјави Мицкоски.
Прекинот на финансирањето доаѓа по одлука од претходната влада, која ја известила банката дека натамошните средства за проектот ќе ги обезбедува државата. Според информациите, од вкупно обезбедените 529 милиони евра, исплатени се 478 милиони, додека остатокот ќе се исплаќа согласно постојниот договор.
Во меѓувреме, државата се свртува кон нов модел – задолжување кај домашни банки.
„Формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително, би рекол, поволни услови. И практично тие домашни банки ќе го дозавршат финансирањето и тоа ќе биде последно. И со тоа веќе конечно таа делница ќе биде функционална“, рече премиерот.
Сепак, зад најавите за „последно финансирање“ стои проект што веќе со години се одолговлекува. Автопатот, долг 57 километри, се гради повеќе од една деценија, а досега се пуштени во употреба околу 40 километри.
Во меѓувреме, цената расте, роковите се поместуваат, а договорите се менуваат. Во март беше потпишан осми анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“, со кој се обезбедуваат дополнителни средства за стабилизација на свлечишта и изградба на 14 галерии.
Проектот со години е симбол на проблематично планирање, правни контроверзии и политички препукувања. Случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на начинот на финансирање, заврши без судска разрешница поради застарување на делата.
И покрај тоа, изградбата продолжува, овојпат со нови кредити и нови ветувања дека крајот конечно е близу. Но, по повеќе од 12 години, прашањето дали автопатот ќе биде навистина завршен останува отворено.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кинезите кренаа раце: Запре заемот за автопатот…
Автопатот Кичево–Охрид, кој се гради повеќе од…
„Ако задоцневме 12 секунди, немаше да излеземе“,…
На денешното судско рочиште за пожарот во…
(ФОТО) Екс градоначалникот на Струмица стапи во…
Екс градоначалникот на Струмица – Костадин Костадинов…
Иран го ограничи преминот низ Ормуската Теснина…
Во рамки на договорот за прекин на…
Мемов: Пензискиот систем не може да колабира,…
Граѓаните да бидат сигурни, пензискиот систем никојпат…