Клековски: Во 2025 година над 14.000 хируршки интервенции за тумори
Во текот на 2025 година се направени околу 14.000 хируршки интервенции за бенигни и малигни тумори, од кои околу 8.000 се за ин-ситу или суспектен рак, истакна денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
На прес-конференцијата по повод Светскиот ден за борба против ракот – 4 Февруари, Клековски презентираше податоци за раното откривање, хируршките интервенции и новините во дијагностиката и терапијата.
Директорот на ФЗО посочи дека минатата година фокусот бил ставен на засилување на раното откривање преку набавка на опрема и зголемување на бројот на прегледи.
– Комплетни интервенции, прегледи за дојка, вклучувајќи мамографија, ултразвук, магнетна резонанца, биопсија, се направени над 13.000 во 2025 година. Ендоскопии, вклучувајќи ректоскопија, гастроскопија, колоноскопија, се направени околу 18.000 вкупно, со тоа што можам да кажам дека не сме задоволни од бројот на направени колоноскопии, земајќи предвид дека сите граѓани над 50 години треба да направат една превентивна колоноскопија и ги охрабрувам сите возрасни да го направат тоа, рече Клековски.
Според податоците од ФЗО, во 2025 година биле реализирани вкупно 17.581 ендоскопски прегледи, од кои 7.096 колоноскопии и 9.807 гастроскопии. Во делот на дијагностиката на дојка, реализирани се вкупно 13.042 услуги, при што доминираат мамографиите со 7.076 прегледи.
Во однос на Онкологија, Клековски информираше дека буџетот за лекови во 2025 година бил зголемен за 70 отсто во споредба со претходната година, со цел да се обезбеди континуитет на терапијата.
Тој најави и потреба од итно обновување на официјалните водичи за лекување, кои датираат од 2008 година.
– Зборуваме за третман на пациенти кои се речиси со метастази, ние мораме да имаме проценка за ефикасноста на оваа терапија. Оваа терапија е исклучително скапа и доколку нема ефект, не би требало да се продолжува за да ги имаме за ситуации кога треба да има ефект. И тука важна алка е ПЕТ центарот, рече Клековски, додавајќи дека во 2025 година се направени над 2.007 ПЕТ снимки, а целта е да се достигне бројка од 5.000 до 6.000 годишно.
Во хируршкиот дел, статистиката покажува дека во 2025 година се извршени вкупно 13.993 операции на тумори по органски системи, како и 7.907 операции на ин-ситу и сомнителни неоплазми. – Ова е значителен број што нашите хирурзи во Македонија успеаја да го постигнат и треба да им дадеме признание, вели Клековски.