Клековски: Епидемијата се смирува, но опасноста не е завршена, гостиварци да бидат дисциплинирани
Општата состојба во однос на бројот на лица со стомачни тегоби во Гостивар во моментов е стабилна и нема нови хоспитализации. Сите резултати и анализи за водата ќе бидат јавно објавени. Не смее да дојде до опуштање во спроведувањето на мерките, бидејќи секогаш кога ќе помине главниот ризик, граѓаните се опуштаат. За мене, откако ќе помине инкубацискиот период и кога веќе знаеме кои вируси и бактерии се присутни, многу поважно е дали граѓаните ќе ја задржат дисциплината, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој ги повика граѓаните на Гостивар да не се опуштаат сè додека не завршат интервенциите на водоводниот систем, бидејќи, како што рече, од понеделникот анализите покажуваат четири чисти и пет загадени локации. Поради тоа, мерките на претпазливост мора да останат во сила, иако бројот на заболени се намалува.
Тој посочи дека најчесто се детектирани астровирус и бактеријата шигела, но резултатите не се идентични, па затоа не може да се донесе еден генерален заклучок.
– Моето обраќање да се користат официјалните канали за комуникација беше со цел да не се создава забуна околу тоа кои се официјалните мерки. Не се однесуваше на никого конкретно. Не споменав ничие име. Имаме Комисија за заразни болести и јас ги следам препораките што ги дава таа комисија. Таа е составена од епидемиолози, инфектолози, претставници на Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и други институции. Апелирам да се следат официјалните канали за комуникација, бидејќи мешањето на пораките за тоа што треба да се прави не може да биде добро во овој момент. Ова се однесува на однесувањето на пациентите и не претставува критика кон властите. Контролата на исправноста на водата е одговорност на Агенцијата за храна и ветеринарство, а не на Министерството за здравство – рече Клековски, одговарајќи на новинарски прашања по работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“, организирана од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со поддршка на Светската здравствена организација.
Тој истакна дека вчера биле побарани и доставени сите анализи што ги извршил Центарот за јавно здравје – Тетово, односно неговата подрачна единица во Гостивар. Во моментов тие се обработуваат и се врши споредба меѓу локациите од кои се земени примероците и добиените резултати.
Во доставените анализи, потенцира министерот, има и негативни наоди, но мора да се направи споредба на кои локации се однесуваат, бидејќи примероците се земани на повеќе места – и од каптажата и од корисничките места.
– Денеска Институтот за јавно здравје ќе го достави својот дел од анализите, по што ќе направиме целосна анализа и ќе реагираме соодветно. Не е точно дека има само позитивни наоди – има и два негативни. Треба да утврдиме дали тие се однесуваат на истите контролни точки, бидејќи примероците се земани на различни локации и тоа мора прецизно да се спореди. Ако на четири места водата ги исполнува условите за употреба, а на едно не, мора да направиме дополнителни анализи и споредби. Затоа апелирам за трпение. Сите резултати ќе бидат јавно објавени, како и самите анализи. Тоа се јавни документи. Ништо нема да биде сокриено и сè ќе биде целосно транспарентно. Во моментов се доставени сите анализи, а го очекувам уште извештајот од Институтот за јавно здравје за да се направи споредба. Доставени се анализите изработени по барање на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и оние што се изработени согласно договорот со јавното комунално претпријатие – рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека во овој момент не може да даде конечен одговор кога гостиварци ќе добијат исправна техничка вода, а потоа и вода за пиење, бидејќи тој дел од процесот го водат други надлежни институции.
Министерот појасни дека анализите на водата се прават континуирано и додаде дека ЈКП „Водовод и канализација“ веќе има проценка на системот за хлорирање, бидејќи дополнителните извори на загадување постоеле и претходно. Во моментов фокусот е ставен на системот за хлорирање, а нивната лабораторија паралелно спроведува испитувања и проценки.
– Повеќе примероци се анализираат и на Клиниката за инфективни болести. Побарав сите анализи да се прават на две различни места и со различни техники, бидејќи секогаш постои можност некоја метода да не биде доволно чувствителна. Опремата со која располага Клиниката за инфективни болести е меѓу најсофистицираните во државата и според мене обезбедува највисоко ниво на доверба во резултатите. Повеќе позитивни наоди упатуваат на фекално загадување, односно присуство на бактерии, но и на загадување што може да биде последица на атмосферски води. Значи, станува збор за два типа причинители – бактерии и вируси. Едните се типични за фекално загадување на водоводната мрежа, а другите се карактеристични за загадување на каптажата со атмосферски води или за влијание од околината на каптажата – рече Клековски.
Во основа, додаде министерот, веќе има доволно анализи за тоа каков тип бактерии и вируси се присутни.
– Во моментов фокусот на Министерството за здравство е насочен кон консолидирање на сите информации од здравствените установи во Гостивар, центрите за јавно здравје и сите други вклучени институции. Целокупната здравствена евиденција треба да биде собрана на едно место за да може да се спореди со епидемиолошките анкети. Вториот дел од работата, кој го води Управувачкиот комитет, се однесува на оспособување на водоводниот систем. Епидемијата постепено се смирува. Следниот фокус ќе биде детална анализа на тоа што се случило, утврдување на хронологијата на настаните и извлекување поуки. Секако дека мора да има одговорност, но за мене е уште поважно да утврдиме што било погрешно во системот за ваквите ситуации да не се повторат во иднина – додаде Клековски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Клековски: Епидемијата се смирува, но опасноста не…
Општата состојба во однос на бројот на…
САД продолжуваат со воздушните напади врз Иран
САД ги продолжуваат нападите врз Иран. Овојпат,…
Црвениот крст отвори сметка за донации за…
Црвениот крст отвори сметка на која сите…
Унгарски „Икарус“ повторно најевтин понудувач за автобусите…
Во однос на Jавниот повик за набавка…
Над 300.000 боледувања за една година: Се…
Во организација на Министерството за здравство и…