Клиентелизам
Нов термин во современата македонска политика, пардон, политикантство. Може да го сретнете во повеќе различни форми на изразување, како полтронизам, лојализам, послушништво и други кои не е примерено да се изнесуваат во колумна. Најмногу се употребува терминот клиентелизам а се однесува на членови на политичка партија кои во партијата членуваат поради лични лукративни и кариеристички интереси. Некогаш, пред повеќе од 40 години во комунизмот, постоеше еден друг термин кој се употребуваше. Тоа беше терминот „Бирократизам“. Денес вака осовременети повеќе ни одговара терминот „Клиентелизам“. Впрочем, административниот апарат во државата се бори за сопствен опстанок и најголемиот дел од политичко-административните елементи во истиот лесно ја менуваат политичката опција со промената на власта и преминуваат под другиот господар. И тоа околу бирократијата или современо кажано администрацијата е посебен проблем за македонското општество. Проблем на компетентност и посветеност на служба кон државата Македонија.
Но да се вратиме на клиентелата. Таа живее во една политичка структура. Таа нема амбиција да биде само бирократија, но тоа не значи дека во одреден политички моментум нема да биде подготвена да го смени газдата. Едноставно е кај нив тоа: „Кралот е мртов – да живее кралот“.
Нивната клиентелистичка цел е секогаш да се блиску до газдата, да можат да добијат нешто со што ќе си ги задоволат своите лични потреби. Потреби за пари, моќ, егзистенција итн. поради што секогаш нешто очекуваат и чекаат. Во основа се исклучително неспособни појави без било каков интегритет и квалитет личен или професионален. Што би рекол еден мој драг пријател: „тие се брат невработливи било каде“. Всушност самите не вредат ни за ….., што би рекол нашиот народ жаргонски. Но затоа се одлични полтрони. Извежбани увлакачи. Докажани простаци и неграмотни. Тие како пијавици се зачипчени за партијата без идеолошко-политичка свест и со нечиста совест но со јасна визија за себе: „да стигнат до облаците и да го остварат тоа што надвор во нормалниот свет никогаш не би го оствариле“.
Па така, клиентелата покрај тоа што чека, активно полтронизирајќи (додека чека се слика на разни партиски настани по можност со „шефот“ и се постира на ФБ за сите да видат дека е на вистинската страна) во партијата, кога ќе дочека, развива бизнис и станува успешен бизнисмен. Си наоѓа девојка, жена, секретарка, љубовница (се заедно), и сите тие го сакаат, за разлика од времето кога не беше во партија и на власт кога истите тие го заобиколуваа во широк круг како да има Лепра. Одеднаш клиентелистот станува и познат во сетерските кругови, оди по забави на кои не го пуштале ниту да ѕирне, нарачува скапи пиења, сепареа, коњопои на разни турбо фолк настани, по малку или по многу стимулативни средства. Потоа се буди желбата да има образование. А дал Господ во нашата жална Македонија има универзитети кои за малку повеќе пари ќе дадат диплома, па и магистериум, а по ново и докторат (без разлика на фалсификуваните документи кои ги доставува клиентот) и така нашиот клиент онака невработлив за година-две ги придобива – купува сите нешта кои толку многу ги посакувал а никогаш ниту сонувал дека ќе ги достигне. А и да не била партијата никогаш и немало во нормална процедура да ги оствари, првенствено затоа што не го бива. Нешта кои нормалните луѓе во својот човечки живот ги изживуваат во определен период на возраст и психо-физички развој, а за некои постигнати видливи и признати резултати им се потребни децении или цел живот работа, бидејќи подразбираат неопходна и соодветна самосвест и совест, личен труд, едукација, знаење, посветеност, упорност, ум, разум и работливост или се она што на клиентелистот му е страно и недостижно. Односно се она што не може да го купи со пари.
Потоа доаѓа на ред омразата. Клиентелистот мрази се и секого. Ги мрази образованите – академската јавност бидејќи тие за да дојдат до своите академски звања работеле со децении или скоро целиот свој живот и знаат колку е овој прост и неграмотен. Ги мрази умните, здравомислечи луѓе, затоа што тие не доволуваат тој да им се прави голем и не дозволуваат да им гази по човечкиот интегритет или не дај Боже да прифатат да потпишат некаков си криминален – против законски документ. Тоа посебно го нервира и озлобува клиентелистот, бидејќи овие за него „глупаци“ не му вршат работа и не може зад нив да се сокрие, не му дозволуваат да ги злоупотреби. Ги мрази чесните и самостојни бизнисмени бидејќи овие работеле целиот живот и раснеле од мала семејна фирма да создадат угледна компанија, знаат колку учеле се образувале во областа, колку ризикувале, колку се намачиле во неуредените односи со државата и нелојалноста, но најмногу знаат колку овој клиентелист појма нема од бизнис и како ги заработува парите, односно како ги малтретира токму нив – уценува, рекетира во името на партијата или шефот.
Во клиентелизмот колку си повеќе послушен толку подобро, а најдобро би било доколку клиентот е глуп, необразован, суетен, подол и послушен. Е тогаш е идеален за манипулација. Секој обид за здраворазумско, логично или не дај Боже идеолошко, вредносно размислување претставува опасност за „монолитноста“ во партијата и интересот на политичките газди и нивните лукративни цели. Таквиот изданок не е подобен за клиент или лојалист, треба за глава (политичка се уште) да се скрати за да не предизвика преку својот пример да се појават уште такви. И тоа е всушност целата политикантска мудрост во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Молчи, слушај и биди глуп, биди клиентелист – лојалист за да успееш. Особено немој да имаш став, тоа е опасно, посебно доколку имаш идеолошко-политички став и мислење за кои би се борел со аргументи.
Нашата ВМРО-ДПМНЕ си има некаде околу 2000 клиентелисти кои на разни нивоа орбитираат околу Мицкоски (поточно во него…) и се вградени во партијските тела и органи, а сите останати членови се предодредени за улогата да бидат корисни идиоти за гласање и да ботираат по насоки на ФБ. Барем оние кои ќе ја прифатат таа улога во надеж дека ќе успеат да се вбројат во тие клиентелисти па и тие да ќарат нешто. Нема ништо од таа работа драги мој сопартијци, местата се пополнети. Добро би било да се откажете од тоа самозалажување и да почнете да покажувате став во партијата или барем да ги игнорирате обидите да бидете корисни идиот кои прифаќаат да веруваат на нивните лаги и да живеат со истите.
Доказ за погоре изречениот став ви е пратеничката од нашата ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петреска од Охрид која не знаеше што да му одговори на Боби Христов на ТВ Телма. На логични прашања поврзани со глупавите Резолуции за мигранти и нивната содржана, која е опасен преседан во однос на слободата на говорот, јадната Лидија збунето и изгубено, невешто се обидуваше да го повторува онаа што и го напишале од Центар за комуникации во нашата ВМРО-ДПМНЕ. И напишале и тоа многу, таа како секој клиентелист, не што не разбира за што се работи, туку не може тоа да го запамети, а не пак да го искаже. Причината за тоа е токму во клиентелизмот кој „лидериштето“ Мицкоски го негува во партијата и вакви лица му се неопходни за да пред народните маси глуми дека има поддршка. Лидија тоа си го врзала в крпче по принципот „ќути си трај си, кој ти ….“, бидејќи свесна дека се вивнала во облаците да биде пратеник во Собранието на Македонија единствено што и останува е да го поддржува шефот, бидејќи во спротивно нема да биде таму каде што е. А женичката божем креира државни политики а не е во состојба да даде ниту еден одговор на директните прашања на новинарот во емисија во живо. Каква срамота. Но поголема срамота за МАНУ, за академската јавност, за интелегенцијата, за образованите луѓе во Македонија, за медиумите, посебно за сите нас во ВМРО-ДПМНЕ што еден ваков лик од мнозината во партија излегува на национален медиум да ги брани глупавите политики на „лидериштето“, но уште повеќе да креира државни политики. Сигурно тоа си го заслужуваме и самите си го сакаме.
Клиентелата не знае што е тоа држава и што значат државни политики. Тие се застанати во развојот на ниво на дете од 5 години кое знае кои се неговите бихеивористички потреби врз основ на инстинкт. Затоа и им треба Голем Брат или тате, само што во нашиот случај Големиот Брат не го бива ниту за тоа кое сака да го спроведе, а како тате, слабо погледнува кон „третото дете“, повеќе гледа кон другите две. За ова, околу партијата, ќе зборуваме во друга прилика повеќе, посебно имајќи пред вид дека Мицкоски нема намера да ја среди ниту формално партијата до крајот на Април 2026 година, а и потпретседателите кои му се толку мили ем драги ќе го јадат стапот, или поточно ќе му одмилат па нема да имаме повеќе потпретседатели. Џабе се трудат да го возвеличаат и да ги спроведат сите негови желби и наредби, Е сега, колку вреди зборот на Мицкоски? Кажавме.
Сите ние во нашата партија во овие околности и состојби живееме во лага бидејќи главниот столб на системот на живеење во Македонија, а посебно во нашата ВМРО-ДПМНЕ е ЛАГАТА. Поради тоа фундаменталната закана за овој и ваков систем е ВИСТИНАТА. Главниот проблем во оваа битка на вредности (лага или вистина) е тоа што голем дел од оние кои ја гледаат и знаат вистината и ја препознаваат лагата се тивки и не се охрабруваат да влезат во борба за вистината. Ние како Внатрепартиска фракција ги повикуваме да се охрабрат, нема што да изгубат, може само да добијат, ако ништо друго барем во сопствените очи кога ќе се погледнат во огледало да не се срамат од самите себе си, а и нивните идни поколенија да не се срамат од нив. Затоа драги мој сопартијци, кога ќе се видиме или со страв полу јавно ќе седнете со нас од Внатрепартиската фракција да разговарате не шепотете дека сме во право и дека не поддржувате, туку охрабрете се и излезете јавно и како поддржувачи на Внатрепартиската фракција кажете го вашиот став и основана критика за состојбите во партијата и политикантството на Мицкоски. Тие приказни, ве подржуваме ама знаете не притискаат, или ќе видиме што ќе се случи за шест месеци итн. се празни муабети. Низ тие муабети самите себеси се залажувате, живеете во лага а во пракса полоши сте од клиентелата на која и се потчинувате.
Се додека владее лагата нема да видиме политичка дебата или барем форма на внатрепартиско прашање за тоа дали навистина преговара Мицкоски од позиција премиер со Британската влада за купување мигранти чија вредност според Британски медиуми е утврдена. Тоа е прашање кое треба да се дискутира на Конгрес и на кое треба да се добие јасен и конкретен, искрен и документиран одговор. Како што сериозен претседател на ВМРО-ДПМНЕ на Конгрес по неговиот избор веднаш го предлага новиот Извршен комитет и новиот Генерален секретар на партијата како и потпретседателите. За тоа се размислува пред Конгрес и се донесува одлука со кои тим ќе ја води партијата, а не да најавува за пет месеци подоцна. Секако, доколку се се одвива во демократска процедура и на Конгрес имаме повеќе кандидати за претседател на партијата кои би биле должни да ги претстават и своите тимови со кои планираат да ја водат партијата, а посебно да ја претстават својата партиска и државна визија. Но кај нас се е лага па и божем изборот за претседател на партијата, особено кога не знаеме колку и кој беа делегати на 18-от Конгрес, а знаеме дека 804 гласале за Мицкоски. Затоа сега само Мицкоски е континуитет, само тој во моментот е избран, сите останати на сите нивоа во партијата се во оставка и немаат функции без разлика како лажно се претставуваат, а Мицкоски ќе оди на одмор и до Февруари ќе размислува за тоа како да ја направи кадровската прераспределба во партијата која ќе ја направи во Април.
Во меѓувреме драги мој сопартијци забавувајте се со новогодишни и други празници, радувајте се на елката на плоштад и чекајте го Дедо Мраз да ви донесе подароче, и посебно немојте да прашувате за тоа каде ќе се движи Македонија во новите светски политичко-безбедносни турбуленции и егзибиции на Трамп. Тоа не е тема за внатрепартиска политичка расправа, а за неа не размислува ниту Мицкоски, тој размислува за 2029 година (или можеби порано), но најмногу за предвремени избори догодина на пролет. Дотогаш успешно ќе ги држи анестезирани и во исчекување сите клиентелисти во партија, а тие ќе треперат за своите позиции и интереси и ќе се борат за љубовта на „лидериштето“ какво не видело ВМРО во целата негова историја од 1893 година до денес, а и засекогаш.
Решението за сите наши партиски проблеми кои одеднаш, но не и одненадеж, ќе ни се треснат врз глава е во демократизација на партијата, не во празните ветувања, туку во партиската демократија во која секој е учесник во изборот за претседател на партијата, секој во својот месен комитет го избира својот претседател на Месен комитет, како и својот претставник во општинските тела и органи, го дава својот глас и мислење за кандидат за градоначалник, за советници и пратеници, како и претставници од Општинискиот комитет во Централниот комитет, не сите нив да ги избира претседателот на партијата а тие пак да го избираат него како делегати на Конгрес. За ова да се случи и етаблира како демократска вредност која нашата партија ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде на Македонија неопходни се коренити промени во Статутот на партијата, а за тоа треба да се избориме. Треба да се избориме и за регулирање на статусот на член на партијата, на статусот на функционер, партиски или државен. Не е нормално да луѓе со недооформено образование ни се наметнат како врвни партиски и државни функционери, а потоа од тие функции да завршуваат високо образование па дури и да се стекнат со докторски дипломи или научни звања поткрепени со фалсификати. Тоа би требало и во Статутот на партијата но и како предлог на ВМРО-ДПМНЕ со закон да се забрани. Тоа е злоупотреба на службената функција за лични цели преку влијание. Замислете еден државен функционер колку треба напор да даде за да заврши магистериум или докторат. Согласно важечките прописи мора да биде присутен на настава и полага испити, да пишува трудови и семинарски, да присуствува на научни конференции и на крајот да направи методолошки издржано истражување за магистерската или докторската теза, а при тоа да ги извршува во полна ефикасност и одговорност своите редовни функционерски обврски од интерес на државата.
Засега во нашата партија постои само слепа послушност и глупост изразен преку киентелизам. Едно непотребно натпреварување во полтронство, меѓусебни подметнувања, кодошења и внатрепартиски дворски игри за лична ситна корист во клиентелистичкиот натпревар кој никогаш нема да заврши. Овој натпревар ја троши партијата, ја полни со неспособен и идеолошки неодреден божем кадар кои е заинтересиран само и исклучиво за личните интереси. Згора на се истиот е и необразуван со фалсификувани, купени или поклонети дипломи за формално образование на секое ниво.
Доколку не го смениме ова одиме кон неминовно пропаѓање, не само како партија, туку уште повеќе како држава. Како партија се претворивме во Комунистичка партија од најтоталитарните денови. Тоа го докажува и „Резолуцијата“ поднесена до Собранието од нашата партија, во која се применуваат закани со обвинителство и казни доколку се зборува за теми кои не се благопријатни за ушите и рејтингот на Мицкоски. На работ сме кога треба да се освестиме каде сме и што правиме како партиски членови и која е нашата одговорност. Всушност и самиот Мицкоски јасно ни порача од 18-от Конгрес дека буквите ВМРО се само букви. Но за тоа друг пат. Засега сме си под власта на клиентелата. Можеби драги мои сопартијци вам ви е убаво така, да ве владее клиентелата?
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Клиентелизам
Нов термин во современата македонска политика, пардон,…
Сиромаштија во над половина од семејствата
Над половина од семејствата во државата живеат…
Кочанска трагедија – граѓаните се надеваат на…
Кочани учи да живее со болката и…
Грчка пратеничка го критикуваше однесувањето на градоначалникот…
Не смее да се дозволи мракот и…
Ведро, но студено утро време, сончев ден…
Времето утре наутро ќе биде ведро и…