КОЛУМНА НА ЈАНЕВСКИ: „27 април“ треба да падне за сите, а не само за т.н. организатори!

t

Дарко ЈАНЕВСКИ

Евентуалното паѓање на случајот „организатори нa 27 април“ за Трајко Вељановски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски поради непримена на Законот за амнестија, не ја исправа целата неправда која со себе ја донесе овој случај, затоа што тој треба да падне за сите осудени, а не само за организаторите, вклучувајќи го тука и обвинетиот екс директор на УБК, Атанасовски. За тие што веќе седма година се во затвор и да не заѓброуваме. Еве и зошто:

Првичните 211 години затвор за „27 април“, подоцна намалени за некоја година, колку да не е без ништо, беа изречени за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од член 313 од КЗ.

Дека во настаните од 27 април 2017 година не станува збор за тоа, туку за реакција на пучот кој внатре во Собранието беше извршен со дивиот, неуставен и неделовнички избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, зборував уште во декември истата година, иако тогаш мака имав да обезбедам соговорници, бидејќи освен адвокатот Петар Василев, никој не сакаше да зборува. Таков страв каков што постоеше тогаш, немаше ни во средината на деведесетите кога СДСМ беше суверен и владеше без опозиција, а можеби е еднаков на стравот кој постоел во време на Втората светска војна или веднаш по неа (еден збор на кодошите и готови сте). Но, независно од тоа, нема да пречи ако денеска повториме за што точно стануваше збор.

Ова е тој член:

Како што можете да видите, делото има три елементи:

-загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ;

– акт на насилство (овој втор елемент има повеќе делови, но за нас е битен актот на насилство)

-чувство на несигурност или страв кај граѓаните!

За да може некој да биде обвинет и осуден за ова дело, како што се осудени лицата кои се во затвор и како што се води постапка за наводните организатори на делото од член 313, треба да бидат исполнети сите три елементи. Ако недостига еден од нив, не постои делото.

Ајде да го разгледаме првиот елемент: намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ.

Значи потребно е да постои посебна намера и таа намера треба да се докаже. Таа е субјективен елемент, без што т.н. битие на делото не е исполнето.

Значи, во конкретниот случај, требаше да се докаже дека осудените имале намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на РМ. Дека влегле во Собранието на РМ со таква намера. Дека имале за цел да го сменат поредокот запишан во Уставот или дека сакале да ја загрозат безбедноста на РМ.

Не е потребно посебно право познавање за да се сфати дека никој од тие што влегоа во Собранието на РМ на 27 април, ниту пак некој осудените, имал намера да го загрози уставниот поредок. Всушност самите поставете си го прашањето: кој дел од Уставот овие лица го загрозија?

Бргу ќе дојдете до одговорот дека, напротив, нивната цел беше обратна: тие немаа намера да го загрозат поредокот, туку сакаа да се зачува уставниот поредок, нарушен со криминалниот начин на избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Дали го одобрувате начинот на кој тоа е сторено, е друго прашање, но намерата да се загрози уставниот поредок едноставно не постои. Со тоа не постои ни првиот елемент од член 313, бидејќи покрај непостоењето намера, не постои ни загрозување на поредокот. Посебно што седницата на Собранието беше завршена, ја затвори токму Трајко Вељановски во 18:01 часот, па тие што беа нападнати не беа нападнати додека извршуваа службена должност како пратеници (како што беше случајот со 6 јануари во САД, кога луѓето влегоа во Конгресот додека траеше седницата), туку напротив, беа нападнати откако на неделовнички и противуставен начин ја преземаа власта во РМ завладувајќи го законодавниот дом.

Патем, дека со нападот на неколкумина пратеници надвор од нивното работно време не е и не може да биде загрозена безбедноста на РМ, веројатно не треба посебно да се објаснува. РМ не е и не може да биде нападната и загрозена доколку без посебна намера за загрозување на безбедноста и уставниот поредок, некој нападне пратеници. Инаку, ризикувате да ве осудат за ова дело и ако го опсуете пратеникот или му удрите шамар поради кавга на семафор.

Значи, да резимираме за првиот елемент од чл. 313: намерата на осудените не беше да го загрозат уставниот поредок, туку да го зачуваат. Дали е тоа примерен начин, како што рековме е друг муабет, но елементот намера отпаѓа.

Отпаѓа и елементот загрозување на уставниот поредок бидејќи тој на ниту еден начин не беше загрозен. Самото влегување во Собранието на толпа луѓе, доколку не е со цел да го преземат законодавниот дом, не е загрозување на поредокот. Тоа не е ни насилството кон некој пратеник, бидејќи во тој момент немаше седница, па нападнатите пратеници беа граѓани кои на див начин изгласале избор на претседател на Собранието и всушност тие се тие кои го загрозија уставниот поредок на РМ. Тие се тие кои извршија пуч елиминирајќи го Трајко Вељановски од позицијата претседавач кој ја затворил седницата и избирајќи го Џафери за претседател на неуставен начин.

Значи направено е извртување на тоа што се случуваше во реалноста. Тие кои го загрозија и нарушија уставниот поредок странаа власт во државата, а тие кои реагираа против загрозување на уставниот поредок, се во затвор или се на суд како организатори.

Тоа е криминалот што го направија Кацарска, Рускоска и останатите од обвинителско-судската власт, во случајот со организаторите – судијата Трпков, кои учествуваа во ова.

За безбедноста на РМ, рековме, не треба да се троши мубает.

Така што, веќе во старт, еден елемент од трите кои се потребни за да постои ова дело, отпаѓа и делото не постои.

Но да одиме на вториот елемент: насилство. Не е спорно дека некои пратеници беа нападнати и физички повредени, но тоа го сторија конкретни лица кон конкретни пратеници. Постојат посебни дела кои го санкционираат тоа (насилство, учество во толпа, нанесување телесна повреда итн), но не постоеше насилство со намера да се загрози уставниот поредок или безбедноста. А двата елемента треба да бидат поврзани, што во случајов не е така.

И третиот елеменет: предизвикување чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

Како што можете да видите, делото постои ако, покрај загрозување на уставниот поредок или безбедноста, покрај насилството, е предизвикано чувство на несигурност или страв кај граѓаните, за разлика од Кацарска и Рускоска кои велеа дека е предизвикано чувство на несигурност и страв кај пратениците.

Тоа е тотално погрешно, а таа грешка не е направена од незнаење, туку свесно. Целта на тој што врши терористичко загрозување е да предизвика страв не кај тој кој го напаѓа (во случајов беа нападнати пратеници), бидејќи кај секој кој е нападнат се предизвикува чувство на страв (чувство на страв постои и кога жена оди по неосветлена улица, а не пак кај некој кој е нападнат – на улица, во кафеана и сл.). Ова дело ја казнува ситуацијата кога целта е несигурност да се предизвика кај општата популација, а не кај нападнатите кај кои стравот доаѓа сам по себе. Целта е општата популација да живее во страв, не знаејќи кога, каде и како може да биде нападната – од бомба во трговски центар, камион кој ќе влета во продавница, самоубиец во преполн маркет или ресторан, киднапиран авион кој ќе се удри во некоја зграда и слично (американскиот 11 септември предизвика чувство ан страв низ цел свет за користење авион како патничко средство). Тие дејствија предизвикуваат чувство на страв кај граѓаните, така како што бара ова дело, а не удирањето на некој пратеник кое нема за цел преку тој чин да изврши напад и врз државата чиј составен елемент се жителите на таа држава. А тие жители, на 27 април беа сосема мирни и без страв, сеедно што се случуваше во Собранието.

Оттука, токму кај првиот и третиот елемент може да се види како е наместен овој случај спротивно на тоа што го бара Кривичниот законик. Тие два елемента не постојат кај ниту еден од осудените, а вториот кај некои од нив, но недоволно за да бидат осудени по чл. 313 од КЗ.

За жал, требаше да поминат повеќе години за да почне за ова поотворено да се зборува. Како што реков, во декември 2017 година, повеќетоси гледаа со главата надоле во пантолоните. Да не зборувам пак за оние, кои сега глумат опозиционери, а тогаш учествуваа и го поддржуваа доаѓањето на Заев на власт на див начин и врескаа за што построги казни за „терористите“.

Во секој случај, осудата за терористичко загрозување и безбедноста на РМ на овие лица и гонењето на т.н. организатори е еден од најголемите криминални акти во правниот систем и во историјата на оваа држава. Оттука, треба расчистување со сите тие кои учествуваа во креирањето на процесот и сите тие кои го поддржуваа сето тоа, а знаеја или можеа да знаат дека станува збор за криминален процес. Не може денес ортаци да ви се тие кои се сликаа со Заев по ручеци и кои беа свесни дека делото во овој случај не постои, а гласно или молкум го поддржуваа осудувањето и гонењето на тие луѓе.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кошмарна ноќ за Далас – загуби од…

Далас маверикс вечерва загуби од Минесота тимбервулвс…

Лазаров е тренер на годината

Министерството за спорт ја организираше церемонијата на…

КОЛУМНА НА ЈАНЕВСКИ: „27 април“ треба да…

Дарко ЈАНЕВСКИ Евентуалното паѓање на случајот „организатори…

„Лежел“ во Идризово, а се претставувал како…

СВР Струмица - ОВР Гевгелија до Основно…

Кривична за маж од Берово, преку смс-пораки…

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе…