Кошта: Посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан е реална исто како што е реална можноста за проширување на Унијата
Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, кој е на балканска турнеја, денес во Сараево изјави дека посветеноста на Европската Унија кон Западен Балкан е реална, исто како што е реална и можноста за проширување на Унијата.
„Почетокот на изработката на пристапниот договор на Црна Гора е доказ за тоа. Босна и Херцеговина мора да го направи неопходното. Дали ќе ја заврши потребната работа за да ја сподели истата иднина во Европската Унија? Оддалечени сте само неколку чекори од следната фаза во отворањето на пристапните преговори“, рече Кошта на прес-конференција по состанокот со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Тој оцени дека е време политичарите да го насочат вниманието кон целта и да го забрзаат темпото на реформите, нагласувајќи дека е неопходно да започне спроведувањето на реформската програма.
„Патот напред е тежок, но постојат и плодови што лесно се берат и кои можете да ги искористите доколку ги исполните условите за усогласување со законодавството на Европската Унија. Ве повикувам да ги усвоите преостанатите две реформи во вашиот правосуден систем и да именувате главен преговарач“, рече Кошта, пренесоа сараевските медиуми.
Станува збор за усвојување на нови закони за Судот на Босна и Херцеговина и за Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, како и за именување главен преговарач со Европската Унија.
„Не ја пропуштајте оваа можност. Босна и Херцеговина веќе изгуби 108 милиони евра од Планот за раст за Западен Балкан, а дополнителни 373 милиони евра се изложени на ризик. Доколку ги исполните условите за усогласување со законодавството на Европската Унија, постепената интеграција во единствениот европски пазар ќе им донесе корист на вашите граѓани и компании уште пред самото членство“, истакна претседателот на Европскиот совет.
Тој нагласи дека членството во Европската Унија е „слободен и суверен избор на Босна и Херцеговина“, додавајќи дека во време на глобална геополитичка неизвесност и економска нестабилност, проширувањето претставува геостратешки интерес за Европа.
„Тоа е инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот континент“, рече Кошта.
Говорејќи за изборот на нов меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, тој наведе дека земјата повеќе не е таму каде што била во 1995 година и дека е постигнат значителен напредок.
„Ако иднината на оваа земја е во Европската Унија, ние ќе помогнеме тоа да се оствари. Важно е новиот висок претставник да го отсликува изборот на Босна и Херцеговина и да се стреми кон пристапување во Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме заедно за европската иднина“, заклучи претседателот на Европскиот совет.
За време на посетата на Западен Балкан, Кошта со лидерите разговара за можностите и предизвиците на проширувањето на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста. На крајот од турнејата ќе копретседава со Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват на 5 јуни.
Првата станица на неговата турнеја денес е Сараево. Во вторник, на 2 јуни, Кошта ќе престојува во Тирана, а истиот ден ќе го посети и Скопје.
Во среда, на 3 јуни, Кошта ќе пристигне во Приштина, во четврток, на 4 јуни, ќе биде во Белград, а истата вечер во Тиват ќе присуствува на вечерата на лидерите од регионот по повод 20-годишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора.
Во петок, на 5 јуни, Кошта ќе копретседава со Самитот Европска Унија – Западен Балкан, чија централна тема е „Заеднички просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“, соопшти претходно Европската комисија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кошта: Посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан…
Претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, кој…
Муцунски: Со Кошта дефинитивно ќе разговараме за…
Шефот на македонската димпломатија Тимчо Муцунски вели…
Филипче: Албанија и Црна Гора одат напред…
Соопштение за јавност Регионот оди напред, Црна…
Ќе бидат ли „еко-активистите“ и против ЕУ?…
На чија страна ќе застанат еко-активистите кои…
Муцунски: Иднината се гради врз дијалог, солидарност…
Мирот бара храброст, толеранцијата бара лидерство и…