Криминал од 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА во Државна лотарија – Финансова полиција нема абер

t

Штета од минимум 3,5 милиони евра констатира Државниот завод за ревизија, само за 2024 година, во Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија, во времето кога Перпарим Бајрами е директор на претпријатието, а раководител на сектор за финансии е Анета Настева. Според досегашните информации средствата биле секојдневно изнесувани како готовина од Државната лотарија на Македонија, а дел од лицата осомничени за проневерата неофицијално имаат златна виза во соседна Грција, како и значителен имот таму.

Дополнително, новинар со потекло од беровско, чија редакција згасна по доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската позиција во Соединетите Американски Држави исто така добивал донации од истото претпријатие.

Целата приказна е како холивудско сценарио за крими-серија. Фиктивни уплати, фалсификувани документи и потписи, изнесување на средства во кеш и дупка од 3,5 милиони евра за една година го прават веројатно најголемиот криминал од независноста на Македонија до овој момент, а овој случај ќе треба да се изучува како пример во учебниците по казнено право во државава.

Што констатира извештајот на ДЗР?

Со извршената ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година, утврдени се сериозни неправилности кои се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, поради што постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија, за 2024 година, при што се воздржа од изразување на мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и изрази неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (дневен пазар од едно место во еден ден) – (вкупно 746.970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.

Во текот на 2024 година друштвото само во два наврати извршило уплата на име “дневен пазар‘‘ и тоа: во април 2024 година уплатени се 36.364 илјади денари и на крајот на 2024 година уплатени се 15.427 илјади денари. При тоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово – „дневен пазар‘‘, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото.

Наведената состојба била овозможена од повеќе причини. Имено, не е воспоставена пракса да се води посебна книга на благајна (благајнички дневник), за секој ден во кој е остварен промет, со впишани трансакции по редослед на настанување, ниту да се изготвува соодветна документација како потврда за извршената трансакција (предавање на готовина) поради што не е овозможено нивно следење и евидентирање во моментот на настанување и не постои прегледност во остварениот дневен пазар.

Истовремено, не се воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, а пред се недостасува разграничување на надлежностите меѓу вработените и следење и контрола на трансакциите во  процесот на продажба и евидентирање и уплата на дневен промет од продажба.

Иако во Правилникот за систематизација на работни места предвидени и пополнети се работни места благајник и шеф на сметководство во Сектор за финансии и сметководство, поголем дел од работните активности кои се однесуваат на прием и ракување со готови пари, како и нивно сметководствено евидентирање ги извршувалo едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. На ова се надоврзува и околноста што во друштвото не функционирала внатрешната ревизија, што резултирало со неоткривање на недозволените и нелегални активности. Наведеното, предизвикува нефункционално финансиско управување, ја нарушува финансиската дисциплина и претставува сомнеж за можна злоупотреба на парични средства.

Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер.  

За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување.

За евидентираните одливи (36.465 илјади денари) и приливи на парични средства (7.897 илјади денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна. За потврдување на оваа состојба од страна на ревизорите обезбедени се изјави од вработените лица во друштвото, со тврдење дека за наведените износи не се примени, ниту вратени аванси во Секторот за финансии и сметководство, што упатува на сомнеж за нерегуларности поврзани со можна злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки.

Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот on–line систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, како и податоците од on–line платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи, во вкупен износ од 122.490 илјади денари, односно 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни средства. 

Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on–line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.

За 3 инстанти со добивки во предмети (станови, автомобили и електрични скутери), ревизорите утврдиле дека:

  • нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност од неосновано присвојување;
  • набавките се вршеле 2–15 месеци пред одобрување на правилата од страна на Министерството за финансии, со што пред време се трошеле парични средства и
  • не се евидентирани трошоци за набавка на предмети во износ од 35.395 илјади денари за 2024 година и 37.424 илјади денари за 2023 година, а за еден случај не се искажани обврски во износ од 23.264 илјади денари.

Појаснување на извештајот

И бидејќи сите не сме сметководители, ниту правници и економисти, извештајот мора да биде симплифициран за секој кој не е од струката да може да разбере како најмалку 3,5 милиони евра во готовина се извадени од Државна лотарија.

Државната лотарија на Македонија има 10 сопствени продажни места (тоа се обично штандовите кои ги гледате во скопските или другите молови, каде вможете да уплатите лото, да купите грепка и слично). Системот кој е воспоставен изминатите години за овие конкретни продажни места предвидува дека истите имаат дневен промет кој се носи во просториите на државна лотарија и истиот треба да биде уплатен во банка како дневен промет од конкретниот ден. Дневниот пазар во овој случај бил носен во просториите на Лотарија, меѓутоа не бил уплаќан на сметка, туку истиот во готовина бил изнесуван од просториите о страна на лицата инволвирани во овој случај, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на Инфомакс, меѓутоа конкретни имиња не можеме да објавиме за да не се наштети на евентуалната официјална истрага во надлежните органи. За да ја надополнат дупката која се јавува доколку не се уплати дневниот промер, лицата инволвирани во случајот, кои имале пристап до комплетната финансиска работа на Државна лотарија, сите сметки и податоци, префрлале од други сметки средства во различни износи на сметката каде се уплаќа дневниот промет. Средствата, според нашите информации се префрлани на неколку сметки, а целата шема воопшто немало можност да биде разоткриена пред Државен завод за ревизија да се вклучи во целата приказна, пораид тоа што никој освен лицата инволвирани во криминалот немале пристап до овие податоци во претпријатието.

Покрај продажните места кои се на Државна лотарија, претпријатието има и деловни соработници кои работат во име и за сметка на Државна лотарија. Тоа се практично оние трафики, тобака и слично каде исто така можете да купите грепки и да уплатите лото, меѓутоа се посебни субјекти кои вршат и други дејност, вклучително и вршење на работите во име и за сметка на Државна лотарија.

Според информациите на Инфомакс, најмалку еден таков деловен соработник потврдил шема за изнесување на пари од претпријатието. Деловните соработници треба, согласно Закон за приредување на игри на среќа, да добиваат од Државна лотарија средства во готовина за исплата на помалите добивки од игрите на среќа. Поголеми добивки се подигнуваат само лично од Државна лотарија на Македонија. Овде се констатирани пропусти со неиздавање на таканареченото „каса-прими“ од лицата инволвирани во криминалот, а истрагата ќе утврди дали биле фалсификувани документи и потписи за да се покријат и дупките во Буџетот на Лотарија од овие активности.

Што велат од Државна Лотарија?

Прашања на оваа тема секако испративме и до Државна лотарија. Од Лотарија побаравме одговори за утврдените неправилности, дали надлежни државни органи побарале материјали од Државна лотарија и дали осомничените лица и во овој момент работат во Државна лотарија.

Оттаму велат дека ревизорскиот извештај е направен на барање на директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, кој веднаш по стапувањето на функцијата побарал ДЗР да ја провери работата на претпријатието во последните неколку години.

Во продолжение целосниот одговор од Државна лотарија:

„Ревизорскиот извештај за кој се интересирате е резултат на ревизија извршена од страна на Државниот завод за ревизија за работата на Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотраија на Северна Македонија за 2024 година, а објавен во 2025 година. Ревизијата е извршена откако Претседателот на Управниот одбор на АД Државна лотарија, Александар Климовски, со писмено барање на 12.09.2024 година се обрати до ДЗР и побара од надлежната институција да изврши ревизија во работата на акционерското друштво за 2024 и 2025 година поради сомнежи за неекономично, неефикасно и неефективно трошење на буџетски средства од страна на претходното раководство на Државна лотарија.

Во извештајот, кој е јавно достапен на веб-страницата на ДЗР, се констатирани низа неправилности и финансиски штети за периодот на управување на претходното раководство, за кои се известени сите надлежни државни органи. Од страна на Државна лотарија се предадени сите потребни материјали во надлежните институции, но немаме увид во нивната интерна работа. Сегашното раководство на Државна Лотарија дури и пред добивање на извештајот подготви 11 интерни документи наречени протоколи заради спречување на евентуалните идни злоупотреби на имотот на компанијата како и за подобрување на работата на секој од секторите на компанијата во насока на зајакнување на принципот на легалитет.

Детали во врска со случајот, надвор од извештајот на ДЗР, не можеме да споделиме за да не ја загрозиме понатамошната постапка пред надлежните органи.

Лицата за кои се констатирани неправилности се прераспределени и немаат овластувања за постапување и увид во секторите во кои работеле претходно до завршување на постапката.“

Постапка во ОЈО

Нормално, дали е отворен предмет во ОЈО Скопје за овој случај прашавме и во Обвинителството, од каде ни го кажаа следното:

„Ревизорскиот извештај за Државна лотарија е предмет на постапување на Јавното обвинителство, а наодите во него се опфатени во повеќе постапки. Во меѓувреме, Државниот завод за ревизија врз основа на предлог од ОЈО Скопје во годишната програма за ревизорски надзори вклучи ревизии и на повеќе правни лица поврзани со Државна лотарија. По комплетирање на тие ревизорски извештаи и тие ќе бидат доставени до надлежните органи.“

Нема одговор од МВР и Управа за финансиско разузнавање

Прашања испративме и до Министерството за внатрешни работи и до Управата за финансиско разузнавање, дали осомничените лица се повикани на разговор, дали се повикани сведоци или помагачи на осомниичените, дали лицата се достапни за органите на прогонот…

Одговор до овој момент ниту од МВР, ниту од Управата за финансиско разузнавање не добивме.

Доколку добиеме одговори по објавување на овој текст, истиот соодветно ќе биде надополнет.

Ќе биде ли криминалот и овој пат побрз од државните институции?

Како што спомнавме на почетокот на овој текст, неофицијално, едно од инволвираните лица има таканаречена „златна виза“ во соседна Грција и повеќе недвижности во истата држава, која е и членка на ЕУ.

Според нашите информации, Управата за финансиско разузнавање, МВР и останатите институции се известени соодветно за ситуацијата уште пред речиси една година. Дали и како истите посташуваат до овој момент е нејасно бидејќи истите не одговорија на нашите прашања.

Најважното прашање е дали воопшто инволвираните лица се достапни за органите на прогонот, бидејќи на македонската јавност добро ѝ е познат случајот со претходниот директор токму на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами, за кого беше покренато обвинение, но истиот е надвор од Македонија.

На крај, се поставува прашањето, колку институциите се ажурни во случај во кој има штета од најмалку 3,5 милиони евра и дали и овој пат, како и многу пати претходно, криминалот ќе биде побрз од државата и ќе ги користи „златните привилегии“ на плажа, платени со наши пари?

Продолжува…

А. Митовски

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Криминал од 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА во Државна…

Штета од минимум 3,5 милиони евра констатира…

Мицкоски за инвестициите во дата центри: Ние…

Се обидуваме да ја развиваме државата, да…

Euronews: Зошто да го посетите Скопје?

Euronews со пофални зборови за македонскиот главен…

Димитровски: И да го смениме Уставот поради…

Заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски, во…

Ѓорѓиевски: За првпат средношколците првенци на генерацијата…

На манифестацијата „Првенец на генерација“, Градот Скопје…