Левица: Со Ристов на чело РКЕ ќе остане инструмент во рацете на бизнис – политичките структури

t

Од самото формирање на Регулаторната комисија за енергетика, па сè до денес, изборот на нејзините членови континуирано се одвива по партиски клуч, под превез на наводна независност и експертиза, велат од политичката партија Левица.

„Наместо институција што ќе биде коректив на пазарот и заштитник на јавниот интерес, РКЕ се трансформираше во механизам преку кој се носат одлуки со директно влијание врз цената на струјата, горивата и услугите, но на штета на граѓаните, а во корист на тесен круг политички и бизнис интереси. Таа привидна мантра за ʼстручностʼ служи како параван за систем во кој регулацијата е подредена на енергетско-политичката олигархија и на интересите на крупниот капитал.

Најавениот избор на Ацо Ристов за претседател на РКЕ е само продолжение на истиот модел. Станува збор за поранешен градоначалник од редовите на ДПМНЕ (2021–2025), со јасни политички врски и бизнис релации во енергетскиот сектор. Во вакви околности, прашањето не е дали поседува техничко знаење, туку дали воопшто може да делува како независен регулатор. Кога лице со директни политички и деловни врски седнува на позиција што треба да ја контролира токму таа сфера, границата меѓу јавниот интерес и приватниот профит се брише, а довербата во институцијата дополнително се еродира.

Историјатот на РКЕ го потврдува овој континуитет. Марко Бислимоски, активен кадар на СДС, од позиција на раководител во Комисијата стигна до два мандати како претседател, при што неговата политичка и семејна поврзаност со структурите на СДС беше јавна и неспорна. 
Димитар Петров, претходно поврзан со ДПМНЕ, доаѓа од ЕВН, а по завршување на мандатот повторно се враќа на високи позиции во истата компанија, што отвора сериозни дилеми за судир на интереси и ротација меѓу регулатор и регулиран субјект. 

Слични обрасци се гледаат и кај актуелните членови: Елена Маркова Велинова, со директна партиска функција во ДПМНЕ, и Атанаско Туневски, кој во различни периоди се позиционираше во повеќе политички структури, од ДПМНЕ, преку СДС, до ЗНАМ, истовремено извршувајќи значајни функции во енергетскиот сектор.

Сè додека РКЕ функционира како партиска испостава, граѓаните ќе продолжат да ја плаќаат цената на ваквиот модел преку повисоки сметки за струја, поскапи горива и отсуство на вистинска заштита од монополите во енергетиката. Во таков систем, регулаторот не е брана, туку канал преку кој одлуките се пренесуваат директно на товар на народот.

Во тој контекст, Ацо Ристов е најновата потврда на истата пракса. Наместо прекин со партизацијата и враќање на кредибилитетот на институцијата, ДПМНЕ поставува кадар со длабоки политички и бизнис врски, во момент кога РКЕ има клучна улога во одредувањето на цените што директно го погодуваат секое домаќинство. Со ваков избор, не се враќа довербата туку се продлабочува недовербата.

Прашањето повеќе не е дали РКЕ е независна, туку до кој степен ќе продолжи да биде инструмент во рацете на политичко-бизнис структури. А додека одговорот е очигледен, граѓаните остануваат тие што ја плаќаат секоја последица од таквото управување“, се вели во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Левица: Со Ристов на чело РКЕ ќе…

Од самото формирање на Регулаторната комисија за…

РКЕ донесе одлука: Дизелот поскапува

РКЕ денеска донесе одлука со која бензинот…

Левица: Задоцнетите мерки го чинеа народот повеќе…

Од Левица тврдат дека Владата нема сериозна…

Левица: Оставка од Трипуновски по двата големи…

Оставка од Трипуновски по двата големи скандали…

Левица: Инфлацијата ја јаде платата, куповната моќ…

Во услови на забрзана инфлација и структурна…