Лина Ѓорческа елиминирана на стартот од ВТА 125 турнирот во Рим
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши настапот на ВТА 125 турнирот во Рим уште во првото коло, откако по голема борба загуби од домашната тенисерка Дебора Киеза со 2:1 во сетови – 6:7(1), 6:3 и 6:3. Натпреварот траеше 162 минути.
Дуелот беше израмнет и неизвесен, а ова беше нивниот шести меѓусебен натпревар во последните четири години. Во првиот сет двете тенисерки направија по два брејка, по што победникот беше решен во тај-брејк. Иако Киеза поведе со 1:0, Ѓорческа освои седум поени во низа и го доби сетот.
Во вториот сет се водеше вистинска битка на сервисите, со дури седум брејка во девет гема. Италијанката успеа да ги задржи првиот и последниот сервис-гем и со 6:3 го израмни резултатот во сетови.
Во решавачкиот трет сет Ѓорческа повторно имаше проблеми на свој сервис, што Киеза го искористи со три брејка и стигна до пресврт и победа.
Статистиката покажува дека Ѓорческа реализираше шест брејка од 14 можности, додека Киеза искористи осум од вкупно 21 брејк-шанса.
Со овој триумф, италијанската тенисерка го зголеми водството во меѓусебните дуели на 4:2.
За Лина Ѓорческа следува нов предизвик, бидејќи веќе следната недела ќе настапи на уште еден ВТА 125 турнир, кој ќе се одржи во Палермо.