Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски го освои четвртото место на Балканското првенство
Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски го освои високото четврто место во скок во далечина на Балканското првенство во атлетика за сениори и сениорки, кое овој викенд се одржува во Волос, Грција.
Својот најдобар резултат Андреас го оствари во шестата серија, кога скокна 7,68 метри, што му го донесе четвртото место во исклучително силна конкуренција.
Борбата за медалите беше на највисоко ниво, а за место на победничкиот подиум беше потребен скок над осум метри.
Златниот медал го освои Гркот Милтиадис Тентоглу со скок од 8,36 метри, додека големо изненадување приреди младиот српски атлетичар Лука Бошковиќ, кој со резултат од 8,19 метри го освои сребрениот медал.
Бронзата му припадна на актуелниот европски првак Божидар Сарабујуков од Бугарија, кој скокна 8,04 метри.
Трајковски веќе следниот викенд повторно ќе настапи во скок во далечина, овој пат на Националното првенство на Македонија кое ќе се одржи во Скопје.