Макрадули: Џабе комшиите полнат бензин кај нас, кога мерките ги празнат џебовите на нашите граѓани

t

„Да се секиравме вака за Македонија како за Унгарија, гарант подобро ќе ни беше. Историјата нѐ учи дека револуцијата во една земја е уникатна, не се увезува и не се копира. До промена на власта не се доаѓа со постови за Унгарија, туку со гласање на кредибилна понуда, претставена со луѓе од доверба, вклопени во широк прогресивен фронт“, вели поранешниот функционер и член на СДСМ, Јани Макрадули за состојбите во државата и споредбите со ситуацијата во Унгарија по падот на Виктор Орбан.

Макрадули им посакува среќа на Унгарија и новите ветришта во ЕУ, а, како што вели, ние имаме уште фурни леб да јадеме.

„Џабе победи Маџар кога кај нас изгуби универзитетот, џабе Унгарија слави, кога во Македонија професорите молчат за Законот со кој се самоказнуваат. Џабе им се насмените лица на колегите студенти од Унгарија, кога нашите студенти треба да плаќаат данок, затоа што работеле по 14 часа за да чекираат некои младешки бакет листи.

Што фајде има намачениот земјоделец од Македонија, ако ФИДЕС го пожнее она што го засадиле? Џабе комшиите полнат бензин кај нас, кога мерките ги празнат џебовите на нашите граѓани. За почитување на Колективниот договор во културата борбата е дома, заедно со борбата за минималната плата, со наши сили и сложни работници поддржани преку мерки за социјална правда. Дополнително, сами треба да се избориме за правда во Македонија, вистинска, а не со чувства“, дециден е екс-функционерот.

Според Макрадули, иницијативата за прогресивниот фронт мора да дојде од СДСМ.

„Тоа верувам ќе биде почетна основа за широк прогресивен фронт од различни субјекти, каде ќе нема места за дискриминација, разни фобии и предрасуди. Каде не е важно дали е некој стар, на кој јазик зборува, во кој Бог верува. А, за милијардата, неколку пати сум предлагал надзорна расправа во Собрание. Надзорна веднаш. Впрочем и падот на Груевски почна од надзорните во Собрание“, објави, меѓу другото, поранешниот функционер на социјалните мрежи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ