Мароко подготвува хибридна операција во Сеута, го користи своето население како геополитичко оружје, велат шпанските експерти
Дел од шпанските аналитичари сметаат дека масовниот прилив на мигранти во енклавата Сеута има бројни обележја на хибридна операција и не може да се објасни исклучиво со активностите на криумчарските мрежи, пишуваат шпанските медиуми.
Според официјалната верзија на шпанската и мароканската влада, меѓу 40.000 и 60.000 Мароканци, претежно млади луѓе, но и семејства со мали деца, препливале или пеш ја преминале границата кон Сеута, поттикнати од криумчарски мрежи. Сепак, дел од аналитичарите во Шпанија сметаат дека причините се многу покомплексни.
Во разговор за шпанската јавна телевизија РТВЕ тие оценија дека настаните содржат многу елементи на таканаречено хибридно војување.
Тие посочуваат дека Мароко не може да се споредува со другите соседни држави поради неговите долгогодишни територијални претензии кон Сеута и Мелиља и дека во случајот се испреплетени бројни геостратешки интереси.
Професорот по меѓународно право и меѓународни односи на Универзитетот во Кадиз, Алехандро дел Ваље, смета дека кризата е резултат на повеќе фактори.
„Станува збор за сплет на различни околности – положбата на младите, медиумските информации и пораките на социјалните мрежи, кои Мароко ги искористи во своја полза“; изјави Дел Ваље.
Сличен став има и пензионираниот адмирал Хуан Родригес Гарат, автор на книгата „Воени тапани“, кој оценува дека миграцијата е природен феномен што дополнително бил поттикнат од неодамнешната пресуда на шпанскиот Врховен суд, но дека толкав број луѓе не може да се објасни без премолчена толеранција од мароканските власти.
Истражувачката Наталија Санча од Кралскиот институт „Елкано“ смета дека станува збор за хибридна операција што комбинира дезинформации и користење на мигрантите како средство за политички притисок.
„Комбинацијата на овие два елемента има цел да ја принуди Шпанија на одредени отстапки“, оцени Санча.
Мароканскиот опозициски новинар Али Лмрабет истакна дека толкав број луѓе не можел да ја премине границата без знаење на мароканските власти. Според него, Мароко врши многу строг надзор врз јавниот простор и социјалните мрежи, поради што, како што тврди, властите однапред знаеле за движењето на мигрантите.
Аналитичарите наведуваат повеќе можни мотиви за кризата. Лмрабет потсетува дека на 23 јули Комисијата за правда на шпанскиот Конгрес поддржа предлог-закон со кој шпанско државјанство би можеле да добијат жители на Западна Сахара родени додека таа била шпанска колонија, како и нивните потомци. Според проценките, право на државјанство би можеле да добијат меѓу 100.000 и 200.000 луѓе, што, според аналитичарите, би можело да има значително политичко влијание.
Дел Ваље смета дека основната причина е долгогодишното барање на мароканската монархија Сеута и Мелиља да станат дел од мароканската територија.
Во последните денови и мароканскиот портал „Ле 360“ објави дека прашањето не е дали овие енклави ќе се „вратат“ на Мароко, туку кога тоа ќе се случи.
Аналитичарите не ја исклучуваат можноста Мароко во иднина да се обиде да обезбеди јавно американско признавање на своите претензии кон Сеута и Мелиља. Како дополнителен геостратешки фактор тие го посочуваат пренасочувањето на дел од светските трговски поморски рути по случувањата во Ормуската Теснина, со што влезот во Средоземното Море, меѓу Сеута и Гибралтар, добива уште поголемо значење.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мароко подготвува хибридна операција во Сеута, го…
Дел од шпанските аналитичари сметаат дека масовниот…
Сосед истепал сосетка во скопски Петровец
На 04.08.2026 во 07:10 часот во СВР…
Двајца косовски државјани уапсени во Скопје: Во…
Вчера во Скопје, од страна на полициски…
Франција регистрираше повеќе од 14.000 пожари и…
Франција од почетокот на сезоната регистрирала околу…
Николоски: Секогаш сме спремни за избори
Власта е подготвена за избори во секој…