Министерството за здравство: „Фостер“ повторно ќе биде достапен без доплата

t

Лекот „Фостер“, кој се наоѓа на позитивната листа на лекови, повторно ќе биде достапен за пациентите без доплата, соопшти Министерството за здравство. Од ресорното министерство информираат дека компанијата што е носител на одобрението за ставање во промет ги известила дека лекот во најскоро време повторно ќе биде достапен во аптеките.

„Министерството за здравство е известено од компанијата која е носител на одобрението за ставање во промет на лекот ‘Фостер’, што се наоѓа на позитивната листа на лекови, дека овој лек повторно ќе биде достапен за пациентите без доплата, во најскоро време“, соопшти Министерството.

Од таму додаваат дека ќе продолжат со активности за обезбедување поголема достапност на лековите по поприфатливи цени за граѓаните.

Соопштението следува откако СДСМ ја обвини Владата дека ги оставила без соодветна терапија пациентите кои боледуваат од астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека цената на „Фостер“ се зголемила од околу 300 на 1.080 денари, а во аптеките, според информациите што ги добиле, не бил достапен ниту бесплатниот генерички лек кој бил најавен како замена.

„Во оваа сиромаштија во која ВМРО ги доведе граѓаните, многу пациенти едноставно немаат можност да издвојат уште 780 денари плус за терапија без која не можат нормално да живеат. Фондот им вети на пациентите бесплатен генерички лек како замена за лекот ‘Фостер’, а сега ниту тој лек, според информациите кои стигнаа до нас, сè уште го нема во аптеките. Ова е бесрамно поигрување со здравјето на хронично болните пациенти“, изјави Кузеска.

Таа нагласи дека станува збор за неопходна терапија која пациентите мора редовно да ја примаат, бидејќи секој прекин може сериозно да ја влоши нивната здравствена состојба.

Кузеска потсети и на минатогодишниот недостиг на биолошка терапија за онколошките пациенти, оценувајќи дека здравствениот систем се соочува со сериозни проблеми во обезбедувањето на неопходните лекови.

Во меѓувреме, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вчера информираше дека од 1 јули на позитивната листа се ставени повеќе нови лекови. Меѓу нив се и антикоагулансите „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кои веќе се издаваат со рецепт во аптеките.

Клековски најави дека Фондот ќе признава рефундација за овие лекови во периодот од 1 до 15 јули, за да не бидат оштетени пациентите поради доцнењето на дел од аптеките во нивната набавка.

„За антикоагулансите ќе обезбедиме период од 15 дена во кој ќе признаваме рефундации. Од 1 до 15 јули ќе прифаќаме барања за рефундација за да ја надоместиме инертноста на аптеките, бидејќи не сакаме граѓаните да бидат ставени во неповолна положба“, изјави Клековски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Министерството за здравство: „Фостер“ повторно ќе биде…

Лекот „Фостер“, кој се наоѓа на позитивната…