Министерството за правда се огласи по статусот на Груевски: Постапката за случајот со Никола Груевски се води согласно закон и меѓународни договори
Министерството за правда соопшти дека во врска со случајот поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино понатамошно процесирање во рамките на законската процедура.
Оттаму велат дека постапките се водат во согласност со важечките закони и меѓународните договори, како и во соработка со надлежните институции од Унгарија.
„Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив“, се вели во соопштението.
Од Министерството додаваат дека сите активности се спроведуваат низ институционален процес, без влијание на политички изјави или квалификации, како и дека остануваат посветени на владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок.
Ова следува откако поранешниот премиер и бегалец во Унгарија, Никола Груевски, вчера се огласи на социјалната мрежа Фејсбук, коментирајќи ги подготовките на надлежните за испраќање ново барање за негова екстрадиција по смената на власта во Будимпешта.
Груевски во објавата директно му се обраќа на актуелниот министер за правда Игор Филков, порачувајќи му наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се воделе против него.
Во тој контекст, тој упати и серија обвинувања до поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, тврдејќи дека додека ја предводел Владата, имало системски злоупотреби на правосудниот систем.
„Го слушнав денеска излагањето на министерот за правда на Македонија, објаснувајќи на медиумите и јавноста како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да се информирал за промената на мојот и статус тука и да започнал постапка за екстрадиција. Го гледам, и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Гледајќи од страна, воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи си заминала од власт. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее. Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се отстрани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други“, пишува Груевски.
Обвинува и дека во рамките на судските процеси што се водеа и се водат против него во земјава се уценувале сведоци да даваат лажни изјави, дека се вршеле притисоци врз адвокати да се повлечат како бранители, како и оти во процесите се поднесувале обвинувања со лажни претпоставки.
Телевизијата Телма завчера објави дека од скопскиот Кривичен суд добиле потврда оти сите документи потребни за екстрадицијата на Груевски се доставени до Министерството за правда.
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
Пред три дена, министерот Филков кажа дека се чека формирањето нова влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана за случајот со Никола Груевски, кој, патем, има политички азил.
Сепак, азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран. Од друга страна, ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министерството за правда се огласи по статусот…
Министерството за правда соопшти дека во врска…
Судска медицина: Јаглероден моноксид главна причина за…
На денешното судско рочиште за трагичниот пожар…
Митко Чавков е пуштен на условен отпуст
Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков,…
Кумановец ја силувал сопругата
Кривично ќе се гони кумановец затоа што…
Се зголемуваат цените на горивата од полноќ!
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и…