Мицкоски го испраќа Касами во опозиција?

t

Владиниот партнер Билал Касами од Вреди ја изгуби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат за градоначалник на Тетово и очекувањата се дека вмровските гласачи, во решавачкиот втор круг на изборите, нема да гласаат за него, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Касими му порача дека секоја акција има реакција, со што ја потврдува најавата тетовскиот градоначалник да не се надева на поддршка, откако тој и покрај владиното партнерство јавно порача дека во вториот изборен круг ќе го поддржат Фатмир Дехари од ДУИ за нов мандат во Кичево.

По локалните избори и при веќе најавената реконструкција на Владата, нема да биде изненадување ако Мицкоски ѝ се заблагодари на Беса за досегашното учество на „Илинденска“.
Мицкоски не го криеше незадоволството од најавата на Касами во вториот изборен круг наместо кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, во Кичево да дадат етничка поддршка на Дехари.

Не ја гледа разликата помеѓу нив и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат

– Мора да разбере дека секогаш сум подготвен да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички продуцирани разлики. Сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката, нека го видат и нека научат од примерот и падот на ДУИ и ќе разберат на што мисли. И тоа е добра лекција и за некои други политичари на македонската политичка сцена кои мора да разберат дека за да бидеме коалициски партнери, треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али од Зајас, кого сакаат да го заменат – рече Мицкоски.

Според него, погрешно е луѓето да се третираат како контингенти гласови што може човек да ги насочи.

– Сакам да кажам дека ниту еден од нас ги нема гласовите во својот џеб и дека поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Сè поинаку од ова сметам дека е погрешно. Во тој контекст, треба да прифати дека станал градоначалник со волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволи да ја изневери. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата – му порача Мицкоски на Касами.

Од митинг во Аеродром синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше уште пожесток и истакна дека во политиката мора да се има цел и стратегија и дека ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не барала ништо освен почит за својата жртва што ја дале за друг, но тоа не го добиле и дека тоа нема да им го заборави.

– Додека ги реализиравме овие стратешки цели, крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо, затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата што сме ја дале за друг, не ја добивме, и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември и масовно да излеземе на изборите – порача Мицкоски.

Билал Касами Фото: Вреди Фејсбук
Касами во вториот круг во Тетово без 2.000 вмровски гласови
Според функционерот, ВМРО-ДПМНЕ во првиот изборен круг на контото на Касами испорачало 2.000 гласа, но по изјавата на Касами тешко дека во вториот изборен круг тие ќе излезат на гласање. Касами пред кандидатот на ДУИ Бајрам Реџепи води со 4.000 гласа, односно тој освои 19.028 гласа, наспроти Реџепи за кого гласале 15.272 избирачи.
Дека Мицкоски тешко ќе му прости на Касами не само на локално, туку и на централно ниво како владин партнер, навести и во изјава за Радио „Лидер“ потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски. Тој порача дека соработката во Владата може да продолжи само врз основа на принципи и вредности.

– Ако Билал Касами сака во Тетово да биде алтернатива на Теута Арифи, тој не може да е ист како нив. Второ, не треба да се срами и да му е непријатно тоа што Македонците во Тетово гласаа за него во првиот круг. Тој сега треба да им испорача на тие луѓе, затоа што тоа се негови поддржувачи. Ние ќе продолжиме да соработуваме во Владата, но само врз основа на принципи и на вредности. Не може вие да држите митинзи и да зборувате дека треба во Тетово да победи Билал за да не се врати ДУИ, а во исто време да речете во Кичево гласајте за ДУИ. Тоа е непринципиелна политика – вели Николоски.

Сепак, колку испадот на Касами ќе ја чини Беса напуштање на Владата, ќе биде појасно по локалните избори. Неофицијално, веќе се опипува пулсот за можен влез на Алијанса за Албанците на Зијадин Села во Владата на местото на Беса. Во тој контекст, можно е ВМРО-ДПМНЕ во Струга да го поддржи кандидатот за градоначалник на АА на Села, Арсим Далипи, наместо независниот кандидат поддржан од Вреди Менди Ќура. По првиот изборен круг, Ќура е само 200 гласа во предност пред Далипи, со тоа што за него гласаа и вмровските гласачи. Ќура освои 9.934 гласа, а Далипи 9.719 гласа. Резултатот по вториот изборен круг меѓу двајцата кандидати ќе биде првиот индикатор дали е можна и промена на владиниот партнер на централно ниво. Од Алијанса на Села велат дека немаат информации за можни контакти со ВМРО-ДПМНЕ за влез во Владата и повторуваат дека без предвремени парламентарни избори не влегуваат во извршната власт.

Наспроти Касами, кој најави поддршка за Дехари во Кичево, Вреди се дистанцира од неговата изјава и порача дека кичевци сами ќе треба да решат кого ќе поддржат. Од Вреди порачаа дека за нив „јавниот морал не е предмет на преговори“. Изет Меџити, пак, излезе со отворена поддршка за кандидатурите на ЗНАМ на Максим Димитриевски за Куманово и на Мирослав Лабудовиќ за Центар.

Претходно, пред почеток на изборната кампања Касами повика Албанците да си ја вратат Брвеница назад, на што Мицкоски му порача да не влегува во фолклорот на ДУИ.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски го испраќа Касами во опозиција?

Владиниот партнер Билал Касами од Вреди ја…

(Видео) Митовски: Победуваме во Брвеница, а лавови…

Победуваме во Брвеница, а лавови морски? Влатко…

(Видео) Инцидент на плоштадот во Приштина –…

Инцидент меѓу пратеникот на Демократскиот сојуз на…

„Кога работите треба да се завршат брзо“:…

Сопственикот на германската компанија „Бокер Машиненверке“, која…