Мицкоски го корегираше „коректорот“: Им се обрати на Сали и на Филков – престанете денеска!

t

Прво да се донесе закон и потоа правосудниот испит ќе може да се полага и на албански јазик, порача премиерот Христијан Мицкоски во обид да ја спушти топката помеѓу владините партнери Вреди и ЗНАМ. Вицепремиерот за европски прашања Беким Сали од Вреди и министерот за правда Игор Филков од ЗНАМ се надмудруваат и обвинуваат кој правилно го чита Уставот, а кој залутал во правната проблематика за тоа дали студентите по право може да го полагаат правосудниот испит на албански јазик. Мицкоски не смета дека последната кавга помеѓу Вреди и ЗНАМ ќе направи раздор во владината коалиција и очекува дебатата за тоа прашање уште денеска да заврши.

Повикувајќи се на Уставот и на Законот за употреба на јазиците, Сали застана зад барањата на студентите од Тетовскиот и од Универзитетот на Југоисточна Европа, државниот испит по правни науки да го полагаат на албански јазик и го обвини Филков дека за тоа нема политичка волја. Филков ја одби иницијативата и образложи дека Законот за испитот по правни науки не предвидува полагање на друг јазик освен на македонски, а на Сали му порача „стоматологот да не толкува право“.

Мицкоски има волја да се донесе закон

Премиерот порача дека треба да се гледа суштината за да се најде решение и дека тој има волја да се донесе закон со кој ќе се овозможи правосудниот испит да се полага и на албански јазик, секако, ако Венецијанската комисија оцени дека тој закон не е противуставен.

– Уставот е јасен и прецизен и вели дека службен јазик на целата територија на Македонија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик. Но, исто така, во согласност со подолу опишаното, службен јазик е и албанскиот, односно заедницата која е повеќе од 20 проценти, а тоа во случајов е албанскиот јазик. Тоа е амандманот 5 кој го заменува членот 7 од Уставот, и во еден дел од тој амандман 5, многу јасно стои – комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот на заедницата која е повеќе од 20 проценти откако тоа ќе биде утврдено со закон. Значи, ние мораме овој процес на полагање прво да го утврдиме со закон. Јас сум подготвен тоа да го регулираме со закон и тоа не само за албанскиот јазик, туку и за јазиците на сите делови од народи што се споменати во преамбулата – рече Мицкоски.

Тој се повика на Уставот каде што се вели дека во единиците на локалната самоуправа каде што има националност што е повеќе од 20 отсто од вкупниот број, комуникацијата во подрачните единици на министерствата со граѓаните од таа националност да се одвива на нивниот мајчин јазик.

– Јас сум подготвен да се направи закон, да се испрати во Венецијанската комисија и да се даде мислење дали законот е во согласност со Уставот или не е. Факт е дека кога е направен Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија за делот на правосудството дала негативно мислење. Тоа е факт и кога се дава една анамнеза треба сите параметри да се имаат предвид. Но, еве, политичка волја од моја страна има. Јас ќе ги поканам утре луѓето што темата ја изнесоа во јавност, да поразговараме со сите факти за да дојдеме до решение – рече премиерот и додаде дека лично смета дека се потребни правници што ќе бидат квалитетни.

Препукувањата помеѓу Филков и Сали ги оцени за политикантство.

– Сега ние да се зачауруваме со некакви националромантични тези, да се повикуваме на Устав и на закон, а самите да не го објаснуваме како е, ниту едната ниту другата страна, мислам дека е политикантство. Нема врска ниту со Устав, ниту со закон, ниту со политика, тоа е класично политикантство. Целта на оваа Влада е да ја развива Македонија да одиме напред и еден ден да бидеме дел ода ЕУ. Теми од пред 30-40 години не ни требаат и затоа велам дека тоа е политикантство – рече Мицкоски и додаде дека не мисли дека тоа ќе направи раздор во коалицијата, бидејќи добро е да има дебата и дека очекува таа денеска да престане.

Што рекоа Сали и Филков

Вицепремиерот Сали во гостување на ТВ21 го обвини министерот за правда дека од телефонскиот разговор со него заклучил дека кај него нема волја испитот да се полага и на албански јазик.

– Ние велиме дека Уставот мора да се почитува и дека нема потреба во секој закон или во правилниците на различни институции да се запишува истото, бидејќи ако нешто е запишано во Уставот, тоа автоматски се инкорпорира во понатамошната практика на институциите. На ова ќе инсистираме и студентите ќе ја имаат нашата максимална поддршка – рече Сали.

Филков, пак, му порача на Сали дека времето кога Уставот и законите се толкуваа според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина, заврши со заминувањето на СДСМ-ДУИ од власт. Оваа Влада нема намера да ја продолжи практиката на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите – додаде Филков.

– Во врска со изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, чувствувам обврска јавно, јасно и недвосмислено да реагирам, во интерес на Уставот, правниот поредок и институционалната сериозност на државата. Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации. Но, почитувањето на Уставот подразбира цело, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки. Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог, и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи.

Но, потенцирам, државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток. Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон.

Во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“ – му порача Филков на Сали.

Зад толкувањето на Уставот од вицепремиерот Сали, пак, застанаа сите партии на Албанците, и од власта и од опозицијата.

Касами вети закон

Билал Касами, еден од лидерите на Вреди, по средбата со студентите ја поддржа нивната иницијатива испитот да го полагаат на албански јазик и вети законско решение за ова прашање.

– Разговаравме детално за ова прашање и повторно ги уверив дека испитот по право ќе се полага и на албански јазик. Многу наскоро, ова прашање ќе добие соодветно законско решение – рече Касами.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ССМ: Во четврток протест пред Стопанска комора,…

Со барање за зголемување на минималната плата…

Македонија бележи скок од четири места на…

Од 182 земји кај кои е измерен…

Таравари: Претседател на ВЛЕН е Мицкоски, тој…

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари,…

Филипче: СДСМ ќе побара намалување на цените…

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р…