Најмалку десетина војници во велешката касарна во изолација поради шуга, немаше ни греење, ни топла вода
Најмалку двајца војници на АРМ од велешката касарна се заразени со шуга. Симптомите ги добиле пред неколку дена, но нивните старешни првично не го сватиле сериоазо силното чешање и осипи по телото, се додека не добиле температура.
Професионални војници од касарната кои од разбирливи причини сакаа да останат анонимни, за ТВ24 велат дека бројката на војници во изолација е поголема и дел од нив биле пренесени и на болнички прегледи. Тие тврдат дека условите за хигиена во касарната се несоодветни, без доволно топла вода и со дотраена постелнина. Војниците викендов се пуштени дома, а нишите соговорници стравуваат дека болеста може да ја прошират и надвор од касарната.
„Прво, не се двајца, околу 10-тина се во изолација, дел ги однесоа на болнички прегледи. Второ – тие деца се таму од декември, во јануари даваа заклетва, шуга фатиле таму бидејќи немаат основни услови за хигиена. Немаат топла вода, се снаоѓаат душички, во пластични шишиња точат вода од околни објекти и ја топлат некако во касарната за да се избањаат колку-толку. Спијат на распаднати, усмрдено душици, со ќебиња што смрдат и се полни со прашина… и така се фаќа шуга.
Се јавила во машкиот одел, во женскиот засега нема случај, иако симптоми може да се јават и од 4 до 6 недели по заразување.
Шугата им се појавила пред 10-тина дена, почнале да се чешаат децата, прво не им верувале старешините, па откако почнале да креваат температури сфатиле дека е сериозно. Во четвртокот вечерта им отишла медицинска екипа, ваљда од ИЈЗ, не знам, вика од Скопје дошле доктори во скафандери. Им правеле првичен епидемиолошки преглед на сите, дел однеле по болници, десетина во изолација, а сите останати се пуштени дома. Недaj Боже ако некој е заразен, а нема уште симптоми, ќе пренесе и по дома. Тоа со греењето што немаа и што се испоразболеа од бронхитис – посебна приказна.“
Од АРМ потврдија дека нивни војници се заразени со шуга, но негираат дека тоа се случило во касарната. Оттаму велат дека заразените се дел од новите војници примени на 29 декември, но и дека во касарната владејат војнички услови, кои се далеку од нехигиенски. Тврдат дека веднаш по дијагностицирањето биле преземени сите здравствени протоколи и мерки за спречување на ширење на заболувањето. Посочуваат дека пред сместувањето биле извршени дезинфекција и подготовка на просториите, а капењето и хигиената се организирани плански и во соодветни услови.
„Сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со Армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови.“
Оттаму велат дека во изминатиот период Армијата реализирала повеќе теренски активности со ангажман на неколку стотици домашни и странски сили и не е евидентирана појава на ваков тип заболување. Од Министерството за одбрана велат дека постапуваат согласно барањата на Армијата и дека за конкретниот случај ќе се преземат мерки според насоките на Воено-медицинскиот центар.
Шуга или скабиес е кожна болест кој се појавува во нехигиенски услови, а е предизвикана од паразит кој се вовлекува во кожата, а симптомите се појавуваат од 4 до 6 недели поконтакт со заразено лице. Случајот отвора прашање за хигиената и условите во кои престојуваат новопримените војници, но и за навременото препознавање и справување со евентуални здравствени ризици во касарнските капацитети.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Најмалку десетина војници во велешката касарна во…
Најмалку двајца војници на АРМ од велешката…
Орбан: Унгарија не испрати војници во Југославија…
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека…
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш…
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола…
Малолетник тешко повреден во сообраќајка во Кочани
Вчера (06.02.2026) во 11:53 часот во ОВР…
РАБОТЕВ ВО СТРАНСТВО, ИНВЕСТИРАВ ПАМЕТНО И УМНО:…
Димитриевски откри дека не зависи економски од…