Не е исклучено и укинување на вториот столб во најавената реформа на пензинскиот систем
Заклучокот се наметнува од информациите кои вечерва ги сподели заменикот-министер за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, на неговото гостување на ТВ Сител.
Прашан директно – дали е можно да се укине вториот пензиски фонд, тој кажа дека би оставил прво да се завршат неколкуте анализи кои се прават на темата и притоа не ја исклучи таа можност.
Владата ги очекува резултатите од три анализи кои се изготуваат независно една од друга, а од кои ќе зависи дали и каква реформа ќе се презеде во пензинскиот систем. Ова вечерва го изјави заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, на гостувањето на ТВ Сител.
Причината поради која воопшто се размислува за реформа е затоа што првите пензионери кои почнале да земаат пензија по системот на два пензиски фонда, земаат значително пониски пензии споредено со граѓаните кои земаат пензија само од Фондот за ПИОМ. Причината, објасни Велковски, е што кога се вовел вториот приватен задолжителен фонд во 2006 година, проекциите биле дека средствата на идните пензионери ќе се оплодуваат по повисоки стапки, отколку што тоа се случило во реалноста.
„Првите 150 пензионери што искочија оваа година, како први во воведување на оваа мерка, недоволно им се оплодиле средствата за да имаат добри пензии… Вториот веќе се анализира добар период во Владата“,изјави Велковски.
Во понатамошнот разговор заменик-министерот кажа дека е формирана една државна комисија која прави анализа. Независно, побарани се анализи на истата тема и од меѓународни институции. На прашањето, дали е можно да се укине вториот пензиски столб, ги остави сите опции како отворени.
Има комисија којашто е формирана од страна на Владата, составена од експерти меѓутоа и од лица вработени во Министерството за финансии, Социјална политика, Фондот за пензинско и инвалидско осигурување, да со нивната стручност во текот на целото работење да ги дадат потребните анализи, да видиме што понатака со вториот пензиски столб.
Сител: Можно ли е укинување?
Јас би оставил… бидејќи министерката за финансии ако ја следиме внимателно и не извести дека преговарала со ММФ, меѓутоа и со Светската банка, да направат доброволно анализи, да ни помогнат како држава, како систем, бидејќи имаат искуство… Да ги почекаме анализиве од овие две институции коишто се нели еминентни, плус работната група којашто ја имаме нели во рамките на Владата формирано и функционира. Да со овие анализи на крај го заокружиме целиот процес, да видиме каква би била реформата.изјави заменик-министерот Ѓоко Велковски.
Темата за потенцијална реформа на пензискиот систем веќе ја споменуваа и гуверненерот на Народната Банка и премиерот. Христијан Мицкоски, Премиерот кажа дека најголем дел од новите пензионери, нема да бидат задоволни со она што ќе го видат на сметката. Една од идеите на маса е идните пензионери прво целосно да ја искористат заштедата од вториот фонд, па би преминале со пензиите во ПИОМ. Трајко Славески, пак, кажа дека 80% од осигурениците во вториот столб ќе немааат ниту минимална пензија.