„Некои луѓе се родени да бидат херои“ – Илче носел на раце повредени и починати во пожарот, но не ја издржал преголемата болка
Сопругата на возачот на Брза помош Илчо Гоцевски, кој почина неполни 24 часа по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за „Фокус“ раскажа дека нејзиниот сопруг цел ден бил на работа и меѓу првите пристигнал на местото на несреќата, каде што се соочил со сцени какви што „не се гледаат ни на филм“.
Таа вели дека Илчо на 16-ти бил на повик речиси целиот ден, а од 19 часот започнала неговата ноќна смена која траела до 7 часот наутро. Кога добиле повик дека треба да интервенираат во дискотеката „Пулс“, екипата прво помислила дека станува збор за вообичаен случај – дека некому му се слошило и дека треба да му помогнат на еден-двајца. Но кога пристигнале таму, ги пречекале сцени на паника, врескање и стампедо.
Според неа, Илчо и неговата екипа веднаш реагирале професионално и почнале да ги превезуваат повредените. Луѓето сами влегувале во возилото барајќи помош, а во еден момент во амбулантното возило влегле и дваесетина лица. Тој, како што раскажува неговата сопруга, превезувал и повредени и починати, додека некои од повредените имале тешки изгореници и силни болки.
Сопругата додава дека се зборувало дека Илчо таа ноќ возел многупати на релација Кочани – Скопје, а дел од тие возења биле и пред самата трагедија, бидејќи тој и претходно бил на интервенции. По пожарот, тој продолжил да работи и по завршувањето на смената, бидејќи ситуацијата била вонредна и имало огромен број повредени.
Тој подоцна кога дошол дома ѝ рекол дека додека спасувал луѓе и им давал кислород на сите, заборавил самиот да земе кислород, бидејќи повеќе пати влегувал во објектот за да извлече повредени. Дома се вратил дури вечерта, по цел ден поминат во превезување на повредените. Кога влегол, бил преморен и, како што раскажува сопругата, лицето му било потемнето и модро. Само ѝ рекол дека се случила огромна трагедија и дека носел деца на раце – меѓу нив и другари на нивниот син.
Рекол и дека сцените биле толку страшни што никогаш претходно не видел нешто слично во неговиот живот.
Откако дошол дома, сакал само кратко да се одмори неколку часа, па повторно да се врати на работа. Меѓутоа, по неколку часа сопругата сфатила дека нешто не е во ред. Кога влегла во спалната соба, го видела како лежи и веднаш ѝ станало јасно дека не реагира.
Таа повикала Брза помош, а на интервенција дошла токму екипата со која Илчо работел. Кога го виделе, неговите колеги биле во шок, бидејќи само неколку часа претходно работеле заедно на спасување на повредените од трагедијата. Еден од нив дури и се онесвестил.
Според лекарите, Илчо починал од срцев удар, најверојатно поради огромниот физички и емоционален напор и адреналинот под кој работел со часови.
Сопругата вели дека трагедијата оставила тешки последици врз нивното семејство, особено врз нивниот син, кој имал 17 години во тој период. Освен што го изгубил татко си, во пожарот загинале и негови пријатели, па момчето сè уште посетува психолози и не посетува настава.
Таа додава дека семејството добило поддршка од локалната заедница и од организации како Црвен крст и Сапорт Кочани, но вели дека државата не помогнала доволно.
– Од државата – не… Тоа што само Црвен крст ни помогна со финансиски средства што се собираа донации. Имавме поддршка и од „Сапорт Кочани“– од нив имавме секаква поддршка. Иле имаше многу признанија за хуманост, не би ги споменала конкретно за да не испуштам некое. Дури има и од претседателката на државата. Значи неколку признанија и плакети – и ќе го кажам јасно тоа – најверојатно некои луѓе се родени да бидат херои. Затоа што тој цел живот го помина во помагање на некого и можам да замислам како таа ноќ дал сè од себе“, вели сопругата на Илчо.
За Илчо, вели, сите во Кочани знаеле дека е човек кој секогаш помагал. Работел 18 години во болницата, често останувал и прекувремено, а луѓето од целиот Источен регион му се јавувале за помош и совет.
На годишнината од трагедијата, нејзината порака е луѓето да бидат сплотени и хумани.
„Иле ни покажа дека и обичен човек може да биде херој – човек кој целиот живот им помага на другите, па дури и по цена на сопствениот живот“, изјави таа во сведоштвото за „Фокус“.