Николоски е оптимист дека уште следната недела ќе се постигне решение за транспортерите

t

Министерот за транспрот Александар Николоски е оптимист дека на состанокот, што Европската комисија (ЕК) за следната недела им го закажа на министрите за транспорт од шесте земји на Западен Балкан, ќе се постигне договор за престојот на транспортерите во Шенген-зоната.

Сепак, дури и договорот да се постигне следната недела, како што изјави Николоски во интервју за ТВ Сител, ќе треба време да почне да се применува бидејќи треба да биде изгласан од членките на Шенген-зоната и од ЕК.

„Јас сум оптимист имајќи предвид дека навреме се фати работата. Очекувам да имаме уште во вторник решение, но после тоа, за да се имплементира тоа решение потребно е да биде изгласано во земјите членки и во Европската комисиај. Нормално е дека за тоа ќе треба одреден временски период. Превозниците се за ова целосно свесни и ако се погледне внимателно – нивното барање пред да ги почнат протестите не беше во рок од овие седум дена колку што беше првично предвидено да траат протестите да се реши проблемот туку да започне дијалог со ЕК. Тој дијалог започна на четвртиот ден од протестот, значи не се чекаше ни да завршат протестите и мислам дека тоа е одлично постигнување. Ова што го имаме сега е она што го бараа превозниците“, изјави Николоски.

Главната пречка, како што рече министерот, веќе е надмината – превозниците се препознаени како професионалци – а сега е прашање на методологијата кое решение ќе се изнајде. Вели дека е добро што протестите на транспортерите се случиле сега, за да се остави доволно време за да се најде решение.

„Новиот систем на евиденција стартува на 10 април. Ние не мора до 10 април да имаме решение затоа што превозниците имаат простор да ги искористат оние 90 дена за престој во Шенген по 10 април, а имајќи предвид дека законски мора да имаат и денови за одмор, тие денови стануваат отрпилика 115-120, што значи дека до летото треба да го најдеме решението за транспортот нормално да може да функционира после тоа“, додава министерот за транспорт.

По состанокот со европските претставници во вторник, Николоски најави дека ќе се сретне со превозниците за да им ги предочи предлозите кои ќе дојдат оттаму за, како што вели, заедно да ги прецизираат деталите.

„Мојот одговор ќе го работам во координација со нив затоа што сакам да понудам најдобри можни решенија кои ќе им одговараат на нашите транспортери. Тие се едни од основните двигатели на македонската економија. Цели градови во македонија живеат од транспортот како Гевгелија, Радовиш, Богданци, Кавадарци итн. Цели градови живеат од овој сектор и ние мораме да даваме целосна поддршка на овој сектор“, додава министерот.

На новинарска забелешка дека проблемот со транспортерите потврдува колку е важно земјава да биде дел од ЕУ за во иднина да се спречат вакви ситуации, Николоски вели дека не се согласува со ваквата констатација.

„Таргет за влез во ЕУ кој сега е нов е 2030 година. За една земја да стане дел од Шенген-зоната се потребни дополнителни 5 години. Бугарија и Романија дури сега станааа дел од Шенген, што значи дека во најдобар случај девет и пол години од денес ние би биле во Шенген. Доколку не се сменеа правилата, девет и пол години не знам како ќе преживееше и транспортниот сектор и економијата со постојниве правила“, рече Николоски.

Европската комисија за следната недела закажа состанок со министрите од шесте земји од Западен Балкан на кој ќе се отворат прашањата што ги иницираа транспортерите од регионот, а кои изминатите денови ги блокираа граничните премини кон Шенген-зоната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Николоски е оптимист дека уште следната недела…

Министерот за транспрот Александар Николоски е оптимист…

Кардиологот Кедев се повлекол од Советот на…

Кардиологот и академик, д-р Сашко Кедев, се…

15 пешаци прегазени од почеток на годината:…

Во нов трагичен инцидент на периферијата на…

(Фото) Трагедија: Вака изгледа државното знаме на…

Ова е државното знаме во спортско-рекреативниот зимски…

Нови откритија за Епстин и елитата: објавени…

Американското Министерство за правда објави нови милиони…