Обилните врнежи предизвикаа хаос: Најкритични се поплавите во Кичево!
Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави и зголемен водостој на реките во повеќе региони, со интервенции на јавните служби и активирани кризни штабови. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), поплавени се подруми, дворови, земјоделски површини и локални водотеци, а службите предупредуваат дека поради натопен терен се можни и нови излевања.
Најсериозна е состојбата во Кичево, каде што дел од населба покрај реката Зајашка, на улицата „Прилепска“, се најде под вода откако реката се излеа од коритото. Жителите сведочат дека водата навлегла во домовите за многу кратко време, а дел од семејствата биле принудени да бараат засолниште кај роднини, во автомобили или во привремени објекти.
Локалните власти формирале кризен штаб и поради ризикот на терен, одлучиле да се евакуираат најзагрозените жители. Во Кичево се вклучени и екипи на Црвениот крст, кои информираат дека се евакуирани околу 100 лица и дека им е обезбедена основна помош – храна, вода, хигиенски средства, душеци и ќебиња, додека дел од евакуираните се згрижени во спортска сала.
Паралелно, ЦУК известува и за проблеми во други делови од земјата. Во Охрид и околината има поплавени подруми и објекти и излевања на локални водотеци, додека во Битола е регистриран нагол пораст на водостоите и поплави на куќи, дворишта и земјоделско земјиште. Како илустрација за интензитетот на врнежите, од мерната станица кај хидросистемот „Стрежево“ се наведува дека за 12 часа паднале 42 литри дожд на квадратен метар.
Во Пелагонија, според ЦУК, Црна Река предизвикала поплави на патниот правец Бараково – Вардино, кој е непрооден, а ризикот од „заезерување“ на водата е најизразен во Пелагониската Котлина и во битолско-прилепскиот крај.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обилните врнежи предизвикаа хаос: Најкритични се поплавите…
Обилните врнежи од дожд предизвикаа поплави и…
Силни поплави ја погодија Албанија: Едно лице…
Едно лице се удави во поплавите што…
Згрижени лицата погодени од поплавите во Кичевско,…
По синоќешните обилни дождови кои ја зафатија…
Поплавени 800 домови во Албнија, евакуирани 180…
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу,…
Поплави во Косово, се излеале неколку реки!
Косовскиот хидрометеоролошки институт (КХИ) објави дека како…