Одбраната на Бектеши тврди дека не бил во државата кога се издавале дозволите за „Пулс“: „Не потпишал ниту една лиценца, тоа беше факсимил“

t

Со воведни зборови на одбраната во судницата во Идризово денеска продолжи судскиот процес за трагедијата во „Пулс“.

Одбрана на Крешник Бектеши:

Одбраната на Крешник Бектеши ќе ви докаже на правен и фактички план дека истиот не може да биде со акузалитет на дејствија за сторување на ова кривично дело кое му се става на товар.

Во делот на правните факти коишто одбраната на Бектеши ќе се фокусира и ќе ги докажува, останува на истата правна аргументација во однос на одредбите од чл. 292, 288 од КЗ која ја дадов во воведниот говор за обвинетиот Беким Максути, бидејќи тој дел е идентичен и во однос на обвинетиот Бектеши .

Во однос на фактите кои како одбрана на обвинетиот Крешник Бектеши ќе ги докажуваме пред вас, најнапред ќе укажам дека она што на Крешник Бектеши се става на товар, со точка 7 како дејствија на извршуавње, е период од 26.02.2018 до 11.02.2022 година. Бектеши е министер од 2017 година, Крешник Бектеши е министер за економија до јуни 2024 година, но тој период како каузалитет на дејствија коишто ЈО сака да ве убеди дека се преземени по оваа правна квалификација го нема. Она што ќе ви го докажеме, а и е дел од самиот опис на обвинението за Крешник Бектеши е дека лиценца од Министерството за економија постои во 2023 до март месец 2024 година. Но тој каузалитет го нема кај Крешник Бектеши.

Ќе ви докажеме дека тоа е затоа што таа лиценца е издадена по овластување, но ќе ви го докажеме и тоа дека издадените лиценци од Министерството за економија во периодот којшто се става на товар на обвинетиот се издадени со факсимил на Крешник Бектеши како министер за економија. Ова значи дека не постои ниту еден потпис на лиценца од Крешник Бектеши. Овластување за користење на факсимил постојат уредно предвидени согласно законски одредби и посочени конкретни лица кои во одреден период имале овластување да го користат тој факсимил.

Најмалку за една од овие лиценци ќе ви докажеме дека е издадена на датум кога Бектеши не се наоѓа во Република Македонија. Но, Бектеши стои во ова обвинение со оваа правна квалификација како дел од каузалитет во однос на издадени лиценци но без конкретни дејствија за такво нешто. Она што во однос на Бектеши, а и поголемиот дел од оние кои се обвинети како вработени или извршители во Министерството за економија, е дека постапувал спротивно на чл.6 и чл.21 од Законот за угостителска дејност.

Притоа како аргумент или факт којшто треба да ве убеди во постапување спротивно на закон, во овој обвинителен акт се тврди дека овие лиценци се издадени за објект кој нема намена за угостителска дејност. Одредбата од чл. 12 од Законот за угостителска дејност е дециден дека „угостителска дејност може да се врши во деловни објекти или во простории во деловно-станбени и станбени деловни објекти, уредени и опремени за давање на угостителски услуги“ и вториот услов од овој член 12 став 1 е „да бидат исполнети условите за вршење на угостителска дејност утврдени со овој закон или мининално-техничките услови од член 6“.

Толку од теоријата на ЈО дека во овој објект на кабаре Пулс не можело да се врши угостителска дејност, законот вели дека може. Единственото ограничување во однос на кабаре, дискотека или ноќен клуб е дека не може да биде во станбен објект. Но, неспорен факт е дека не е станбен објект. И овој објект ги исполнува тие услови.

Повторно Закон господа судии, ни се допаѓал или не, како извршители треба да го применуваме. Одредбата од чл 6 од овој закон ги предвидува минимално-техничките услови за угостителски објект, но чија надлежност е утврдувањето на овие услови исто така е во овој закон. Па во членот 57 вели дека „инспекциски закон на спроведување на одредби на овој закон вршат ДПИ и други инспекциски органи“.

Министерството за економија нема ниту инспекциска служба, ниту овластувања за надзор. Одредбата од чл.60 од истиот закон ги утврдува надлежностите на ДПИ, што се истиот проверува. Па проверува „дали угостителската дејност се врши во ноќен клуб, кабаре, без лиценца или спротивно на исполнетост на минимално-техничките услови од чл. 6 од овој закон“. Ќе ви докажеме дека не постои ниту еден записник од ДПИ или било која друга иснпекциска служба доставена до Министерството за економија во овој период на обвинение за Крешник Бектеши со укажување дека не се исполнети минимално-техничките услови. Ќе ви докажеме дека во овој објект кабаре Пулс, се вршени повеќе инспекциски надзори од ДПИ по разни основи, но и по основ на исполнетост на минимално-технички услови и ќе ви докажеме дека овие инспекциски надзори се вршени токму во периодот кој се става на товар на Крешник Бектеши.

Записник за извршен инспекциски надзор од 27.01.2018 или записник којшто е пред издавањето на првата лиценца која се става на товар, од 11.02.2018. Ќе ви докажеме дека постои записник за извршена инспекциска контрола од 12.11.2021 година пред издавањето на последната лиценца со факсимил на Крешник Бектеши. И овие запсиници не утврдуваат недостатоци во однос на исполнување на минимално-технички услови како контроли кои се направени, како основ за неиздавање или отповикување на таа лиценца.

Законот ги утврдува и правилата или документит коишто Министерството за економија треба да ги поседува и да ѝ бидат доставени за издавање на лиценца за ноќен клуб, кабаре или дискотека. И тоа се „решение за упис во трговски регистар, постои во секое од овие досиеја за издадена лиценца со факсимил на Бектеши, одлука за определување на висина на надомест од општината каде се наоѓа објектот, документ кој постои во секое од досиејата за издадени лиценци, пријава за исполнување на минимално-технички услови доставена до ДПИ кој ја препраќа до Министерство за економија и во која пријава согласно фамозната регулаторна гилотина, корисникот на објектот тврди дека се исполнети минимално-техничките услови, доказ за платена административна такса и надомест кон општината и Буџетот“ и последниот документ кој се бара од државна институција, а тоа е барање или согласност од МВР дека има безбедносни услови за пристап до објектот, обезбедено паркинг простор и од безбедносни услови нема пречка за издавање на таа лиценца. Сите овие документи ќе ви докажеме дека постојат во документацијата за издавање на лиценци кај Крешник Бектеши.

Обвинението сака да ве убеди дека покрај тоа што во ДУП не е предвидено угостителска дејност, објектот по својата квадратура не одговара на кабаре, туку дискотека. Судии, извинете, од овие пет потребни документи никаде не може да се утврди квадратурата. Никаде не постои обврска законска да се прибави геодетски елаборат или било каков друг документ, ниакде не стои законска обрвска да се побара од ДПИ утврдување на минимално-технички услови во момент на издавање на конкретна лиценца. А од потребните законски документи, освен пријавата со изјава ио тврдење за вистинитост од корисникот нема ништо друго.

Она што судии, не можеме да ви го докажеме, но не може ни обвинителството, е тоа какви беа условите и што имаше во овој објект пред издавањето на лиценцата во 2018 година, што имаше во овој објект и какви беа условите од аспект на излези, од аспект на опрема за заштита и спасување, ПП апарати, во време на издавање на лиценцата од 11.02.2022 година, затоа што во 2024 и тоа после престанување на функцијата на министер на Крешник Бектеши, фактичката положба во објектот како неспорен факт кој го тврди обвинителството, а ние го прифаќаме, е изменето. Но Крешник Бектеши во однос на тоа и таквата измена, ниту има издадено лиценца, ниту ја има службената положба. А кои беа условите во време на издадените лиценци е пријавата како законски документ согласно Законот за угостителство. И затоа, сметам дека каузалитет на овие лиценци издадени со факсимил на Крешник Бектеши, со за жал трагедијата од 16 март оваа година во дискотеката Пулс, ја нема. Причинско-последична врска во дејствија на Крешник, спротивно на законски одредби по кои е должен да постапува, нема. Ниту Министерството со коешто управувал нема надлежност за инспекциски надзор, тоа е по самиот Закон на други инспекциски органи, ДПИ кој врши контроли и не наоѓа забелешки. И тука прекинува каузалитетот.

Покрај каузалитетот, правниот дел на оваа квалификација содржи и обвинување за соизвршителство. По чл. 22. За да има соизвршителство треба да две или повеќе лица со учество во дејствие на извршување, дејствие на извршување е предизвиканиот пожар од пиротехника несоодветна за затворена просторија, пиротехника употребена спротивно на Законот за користење на пиротехнички средства, без задолжително одобрување од МВР за користење во затворен простор и тука заедничкото извршување и учество во дејствие на извршување за Крешник Бектеши, а и за било кое во ноќта 15 кон 16 март оваа година не беше кај дискотеката во Кочани, кое немаше службени или било какви други обврски околу таа дискотека, не може да одговара за соизвршителство. Но, она што сака да ве убеди обвинителството е дека она што го сторил евентуално Крешник Бектеши и другите, е особен придонес кон извршување на делото. Но тој особен придонес мора да биде конкретен, опишан и нареден во она што му се става на товар. Дали ја набави пиротехниката? Дали беше во Кочани да ја внесе? Не дај Боже, да ја активира? За каузалитет и причинско-последична врска во дејствија на соизвршителство е обвинет со уште 33 физички лица, со кои надвор од оние коишто се во Министерството за економија, никого не познава. Но, бил соизвршител, по она што сака д аве убеди обвинителството. Затоа, сметам дека правната квалификација е работа на судот, правната квалификација прифаќање или неприфаќање на онаа која е во обвинението е ваша одлука господа судии, а Крешник Бектеши кој никогаш во својот живот не бил во Кочани се јавува како соизвршител или сакаат да ве убедат во тоа, со службеници од институции во Кочани, Штип, градоначалници…

Сметам дека со почитување на законските прописи од Крешник Бектеши и службите во Министерството за економија, како извршители, не може да ги сметате за некој систем или законодавци, кои имаат допринос за овој настан.

Не сум бранител на сите, но слободен сум да ви кажам, господа судии, дека никој кој ноќта 15 кон 16 март 2025 година не беше во Кочани, кај дискотеката Пулс, со работни или службени обврски, не може да одговара за поставената правна квалификација и тоа е вистината која верувам дека вие како судски совет на крајот ќе ја утврдите и врз основа на таа вистина и ќе ја донесете својата одлука праведна, соодветно за секој од учесниците во оваа постапка. Правдата која ќе ја донесете нема да ја намали болката, за жал, ниту на оштетените, ниту на повредените. Но, заслужуваат да ја чујат вистината и да ја знаат правдата за оние кои допринесоа за нините страдања, за нивните загуби, за кои не сакам да бидам во склад со сите и да кажам дека изразувам длабоко жалење, затоа што целата државаза овој настан и за овие млади деца жали. Жалиме сите, но виновникот и виновниците треба да одговараат, не системот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Одбраната на Бектеши тврди дека не бил…

Со воведни зборови на одбраната во судницата…

Одбраната на екс-министерот за економија, Сараќини тврди…

Со воведни зборови на одбраната во судницата…

„Имал службени дописи до неговите надредени и…

Одбрана на Љупчо Грнчиштанов Судот не е…

„Трагедијата во Пулс не е настаната поради…

Со воведни зборови на одбраната во судницата…

„Неможно е да е виновен“: Одбраната на…

Со воведни зборови на одбраната во судницата…