„Охрид СОС“: Пропаѓа стар објект од деветнаесетти век, ГП „Гранит“ не прави ништо иако е културно наследство

t

Архитектонски објект на улицата „Нада Филева“ бб во Охрид, заведен во листата културни добра на територијата на општина Охрид, Струга и Дебрца или училиштето „Св. Сава“, како што е локално познат, е изграден на крајот од деветнаесеттиот век, но е оставен на забот на времето, иако веќе подолго време е во сопственост на Градежното претпријатие „Гранит“, реагира иницијативата „Охрид СОС“.

„Делува малку иронично, најстарото и најголемо македонско претпријатие за изградба, кое располага и со стручен кадар и со технологија, кое изградило толку многу во републиката, регионот и странство, да не реагира соодветно за еден ваков објект во старото градско јадро на Охрид“, посочуваат од иницијативата.

Оттука, пред три седмици го контактирале ГП „Гранит“ и ги потсетиле дека она што им е отстапено од Општина Охрид има своја историја и значење и дека титулата споменик на културата или културно добро од особена важност не е само формално доделена од институциите, туку, како што велат, таа претставува и обврска.

„Овој објект е дел и од културното наследство на Охридскиот Регион кое е на Листата светско наследство на УНЕСКО. Дополнително, на нивната интернет страница е наведено дека ‘луѓето кои стојат позади името на Гранит денес, имаат една заедничка желба – да го зачуваат тоа што било формирано до овој момент’. Во таа насока, побаравме информации за нивните намери, дали имаат изготвено план за итна реконструкција и реставрација на објектот, со приоритет да се зачува изворниот изглед и специфики на објектот“, велат од „Охрид СОС“.

Според активистите, објектот забрзано деградира и постои опасност од обрушување доколку не се преземат итни мерки. Посочувуваат дека веќе се срушени делови од подот, а меѓукатната конструкција е уништена.

„Пропаѓа и фасадата, а веќе подолго време делови од објектот се покриени со бујна вегетација. Побаравме да ја покажат на дело нивната општествена одговорност и да го спасат и сочуваат овој уникатен и за Охрид значаен објект и за следните генерации. Градежното претпријатие има и законска обврска и одговорност, како имател на културно наследство во рамките на заштитеното подрачје, за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство во рамките на заштитеното подрачје“, забележува иницијативата.

Дополнително, велат оттаму, симптоматично е што со години и надлежните Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство воопшто не реагирале за овој објект до новиот сопственик, имајќи ја предвид неговата историска важност.

„Во членот 9 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е наведено дека ‘националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид е одговорна за преземање заштитно-конзерваторски мерки во заштитеното подрачје во согласност со Законот за заштита на културното наследство’. Веќе е крајно време да го повикаат на одговорност имателот на културното наследство со оглед дека не го почитува законот и да иницираат итна заштита на објектот пред да биде доцна“, нагласуваат активистите.

Воедно, констатираат дека во Старото градско јадро на Охрид режимот на заштита се остварува според детално дефинирани параметри во деталните урбанистички планови кои се донесуваат за споменичната целина, како и според посебни заштитно-конзерваторски услови што се однесуваат на зачувување на заштитенитe добра во изворна состојба преку конзервација, санација и во исклучителни случаи со факсимилна обнова.

„Вака е на хартија но досега на дело ова многу малку или воопшто не се спровело. Ретки се објектите кои сè уште ја имаат својата изворна состојба, а она што со децении се преферира е т.н. факсимилна обнова, која обично се применува на објекти кои настрадале во одредени природни непогоди или во вонредни околности (како војна). Кај нас, во мирнодопски услови се дозволува тотална деградација и губење на објектот, за дури потоа да се подигне негов ‘факсимил’. Допрва треба да се донесат и Деталните урбанистички планови за деветнаесетте урбани комплекси кои го сочинуваат старото градско јадро како и планот за интегрирана заштита на Старото градско јадро на Охрид, а кои требаше да се изготват уште пред десет години. Во меѓувреме неповратно се изгубени десетици уникатни објекти, изградени се несоодветни градби па дури и висококатници во самото старо градско јадро и неговата контактна зона, спротивно на членот 7 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење“, стои во реакцијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Охрид СОС“: Пропаѓа стар објект од деветнаесетти…

Архитектонски објект на улицата „Нада Филева“ бб…

Од денеска директна авиолинија Охрид-Братислава, а од…

Од денеска граѓаните ќе можат директно да…

Средношколките во Охрид ќе се едуцираат како…

Камп за сајбер безбедност за средношколки се…

(Видео) Мрак во студентскиот дом „Никола Карев“…

Студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“…