Пазешкјан разговарал со Моџтаба Хамнеи седум часа
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека со врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи разговарал седум часа за најважните прашања со кои се соочува Иран, оценувајќи го состанокот како „многу позитивен“.
Пезешкијан рече дека за време на средбата детално биле разгледани прашањата поврзани со санкциите, отпорноста и внатрешното единство, истакнувајќи дека сите државни функционери непрекинато работат на изнаоѓање долгорочни решенија за постојните проблеми.
Според него, врховниот лидер препорачал зачувување на единството и слогата меѓу различните политички сили, со оценка дека „фокусот на непријателот во моментов е насочен кон предизвикување поделби и раздор во земјата“.
– И покрај блокадата што ја наметнува непријателот, ќе отвориме нови патишта за надминување на пречките – рече Пезешкијан, додавајќи дека владата продолжува да ги спроведува плановите за ублажување на притисокот врз граѓаните и проширување на економските и политичките можности за дејствување.
Според иранската агенција МНА, Пезешкијан се сретнал со Хамнеи по повод почетокот на третата година од својот претседателски мандат.
Состанокот се одржа неколку дена откако Пезешкијан негираше постоење на каков било конфликт меѓу неговата влада, врховниот лидер и вооружените сили. Тој наведе дека „воопшто немало“ несогласувања меѓу вооружените сили и владата во врска со војната и преговорите и дека пристапот на владата е „целосно усогласен“ со вооружените сили на земјата.
Пезешкијан даде свечена заклетва како претседател на Иран на 30 јули 2024 година, откако претходно на 28 јули беше формално именуван на таа функција. На претседателските избори во 2024 година тој победи во вториот круг одржан на 5 јули, неколку месеци откако неговиот претходник Ебрахим Раиси загина во пад на хеликоптер.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израел се заканува дека ќе го „елиминира“…
По најновиот бран ирански ракетни напади, израелскиот…
Нетанјаху не ја исклучува опцијата за атентат…
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за…