Платеното политичко рекламирање пред уставните судии

t

Седница на која ќе се гласа за иницијативата на опозициските партии Левица и Демократи врзана за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање, денеска ќе одржи Уставниот суд. На седницата е предвидено да се одржи гласање за предметот за кој минатата недела не беше донесена одлука, бидејќи не беа обезбедени гласови на мнозинство од најмалку петмина судии. На седницата присуствуваа седуммина судии, по што предлогот на судијата известител Осман Кадриу остана отворен за повторно гласање.

– Судијата Кадриу, како подносител, предложи да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но тој предлог не доби мнозинство, односно немаше петмина судии што го поддржаа – објаснија тогаш од Судот, со најава дека предметот повторно ќе биде ставен на гласање на некоја од следните седници.

Според процедурата, доколку при гласањето има пет гласа против поведување постапка, тогаш автоматски следува обратен предлог, да не се поведе постапка. Но, во овој случај го немаше потребното мнозинство ниту за прифаќање на иницијативата ниту за формално одбивање.

Иницијативата на Левица пред Уставниот суд оспорува делови од Изборниот законик, оценувајќи дека постојните правила за распределба на медиумскиот простор и на јавните средства за политичко рекламирање создаваат нееднаквост меѓу политичките субјекти. Во иницијативата е наведено дека одредбите од Изборниот законик овозможуваат привилегиран третман на најголемите партии, додека помалите партии и другите учесници во изборниот процес имаат ограничен пристап до медиумите и до ресурсите што се обезбедуваат за изборна кампања.

Подносителот смета дека Изборниот законик треба да обезбеди еднаков третман на сите регистрирани политички партии, без разлика дали се парламентарни или вонпарламентарни, бидејќи медиумската застапеност директно влијае врз видливоста на кандидатите и можноста граѓаните да се информираат за нивните програми. Во иницијативата се посочува дека во практиката одредбите се толкуваат така што најголем дел од времето во медиумите и од државната поддршка за политичко рекламирање добиваат двете најголеми партии од власта и двете најголеми партии од опозицијата.

– Во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позицијата и од опозицијата добиваат најмногу време, на штета на другите помали партии. На овој начин, четирите најголеми партии – по две од власта и по две од опозицијата добиваат привилегиран пристап до медиумите и до државните средства, а другите парламентарни партии се наполно исклучени – се наведува во иницијативата на Левица.

Од Демократи тврдат дека ваквиот пристап е спротивен на уставните начела за политички плурализам, еднаквост на граѓаните и слободно политичко здружување. Според нив, оспорените одредби создаваат нерамноправна положба, бидејќи обезбедуваат 80 отсто од бесплатниот рекламен простор само за четири политички партии, додека другите учесници добиваат само 20 отсто од вкупниот простор за реклами и за билборди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иран: Нема да дозволиме САД да се…

Иран нема да дозволи САД да се…

Багеи: Иранските власти во моментов не планираат…

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи,…

Силен руски ракетен напад врз Киев, експлозии…

Украинскиот главен град Киев рано утрово бил…

Хегсет најави скрининг за тестостерон за американските…

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет објави…