Објавено на:

Плачот на Ивана и на Катја се слушаше во судница, десетици пријави, нула помош

t

Од десетиците пријави до броевите за итни повици 112 и 192 за суровото семејно насилство што го трпела Ивана од сопругот Стојанче Јовановски, може да се заклучи дека полицијата не го спречила хоророт што заврши со двојна смрт. Во продолжение од судењето за обвинетиот Јовановски, обвинителката Адела Бојчевиќ пушташе аудиоснимки на кои се слушаа повиците за помош до полицијата лично од жртвата, од соседите, нејзината мајка, од свекрвата. Пријавите беа во периодот од 2023 година до трагичниот ден, 2.3.2026, кога таа се фрли со петгодишната ќерка од балконот од семејниот стан.

Додека ги слушаше пријавите, Стојанче цело време мрдаше со нозете, го покриваше лицето со рацете, кога се слушаше гласот на починатата Ивана, на моменти, цинично се смееше. Последната снимка, која е дел од доказите на Обвинителството, беше токму неговиот повик до Брза помош, во 14 часот, кога пријавува дека жена со мало дете се фрлиле од балкон. Обвинетиот се вознемири и судијата Ивица Стефановски даде пауза. Обвинителката ја предупреди јавноста дека снимките се со вознемирувачка содржина и укажа на внимателно известување. Присутните во судницата, во заднина, го слушаа плачот на малата Катја, додека нејзината баба, мајката на Стојанче, го пријавува синот за обид за убиство на Ивана. „Татко ми ќе ја убие мајка ми“, плаче и вика детето, а операторот ја тера Цветанка Јовановска да се тргне оттаму бидејќи не ја разбира. „Не те слушам, оди на страна, кој кого сака да убие“, прашува операторот од 112, а Цветанка му вели, мажот – жената. Пријавата е од 20 декември минатата година, а бабата вели дека и детето е удрено, по што Катја потврдува. Во друга снимка, пријавува мајката на Ивана, Љубица Стојановска. Таа е многу вознемирена и уплашена за животот на ќерката. „Една молба“, му вели на операторот па продолжува со трепет во гласот, „ќерка ми отиде по некои работи во станот, во развод е со зетот, слушам врева, ја тепа, не му е прв пат, многу сум загрижена“, моли за помош мајката на Ивана на 28 август, 2025 година.

На два пати пријавуваат соседите, првиот пат жена од соседниот стан пријавува вознемирување. „Има голема бучава, слушам мало дете вреска и плаче, не знам дали се тепаат“, се слуша гласот на жената која се јави како анонимна. Потоа на друга снимка од 112, на 21 јануари минатата година, по полноќ, пријавува сосед, кој вели дека во станот отспротива многу се викало, а жената се наоѓа во нивниот стан и кажала дека ја тепа.

Ивана Јовановска лично пријавувала семејно насилство. Еднаш, Стојанче ја однел во Чаир и ја тепал, Ивана не знаеше да каже каде е точно локацијата, бидејќи сопругот не ѝ ја кажува. Потоа го пријавува дека ѝ ја заклучил влезната врата. Во овој разговор со операторите се сфаќа колку службите, кои треба да бидат „цврста рака“ за жртвите, ги одвраќаат со непрофесионалноста при водењето на повиците и со необученоста да препознаат семејно насилство. На 15 октомври лани, Ивана го прашува операторот каде да се обрати кога некој и ја заклучил вратата. „Викнете некој од куќен совет, ако не пожарна, да ја рушат“, вели човекот што го прима повикот. Ивана инсистира да ја поврзат со полиција, операторот, пак, да се обрати до куќен совет. Во вториот повик, кој следува веднаш по првиот, очајната жена вели: „Не ме пушта да влезам, сакам да го пријавам сопругот, чува дрога во мојот стан“, по што се слуша како му вели на Стојанче „ќе отвориш или да те пријавам“. На овој разговор обвинетиот се смееше и вртеше со главата. Еднаш Стојанче пријавил во полиција дека сопругата го тепа и самата се тепа и оти не го пушта да излезе од дома.

На денот што му претходеше на трагичниот чин, Ивана, за цело време додека се расправаат во близина на судскиот комплекс, го оставила телефонот отворен за операторот од 192. Во 11.25 минути се слуша гласот на жртвата: „Не те местам за дрога, што ми се закануваш, ништо ти немам направено, ајде да одиме во станица Пролет“. Стојанче ја обвинува дека лаже и се слуша како ја удира. Жената плаче и се брани. На момент се слуша гласот на сведокот Мартин Саздов. Во продолжение се слушаше: „Ќе ти ја земам Катја, нема да ја видиш, ќе излезам од затвор и ќе те уништам, немаш избор, памти ми го ова“. Судијата ја преслуша оваа снимка и со слушалки бидејќи обвинетиот, за дел од гласовите, велеше дека е на сведокот Саздов. Последниот повик на Ивана до 192 е оној кога ја предупредиле дека ако се јави уште еднаш, ќе ја пријават за лажно пријавување.

На судењето беа презентирани видеата од кафе-барот пред кој паѓаат двете тела, едното, па другото. Потоа се пуштаа видеа од безбедносните камери од улицата „Прашка“, каде што работела Ивана. Тука сопружниците се расправаат, а на неколкупати се виде како Стојанче силно ја удира Ивана по лицето, од силината на ударот главата ѝ се затресува и се задржува на оградата. Сведокот Саздов е со нив и застанува меѓу нив во обид да го спречи во ударите. Судењето продолжува со изведување на материјалните докази, меѓу нив се и лекарски извештаи од Клиниката, каде што ја турнал по скали, од Психијатрија, извештај од училиштето на Катја „Јохан Хајнрих Песталоци“, анализа од вештачењето на мобилните телефони, како и дигитален запис од увид, односно, фотоалбум од увидот со 51 фотографија со вознемирувачка содржина од настанот од 2.3.2026 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Плачот на Ивана и на Катја се…

Од десетиците пријави до броевите за итни…

Становите во Скопје поскапеле за 16,7% во…

Во првиот квартал од 2026 година, цените…

Хорор во Скопје: Мајка немо набљудувала како…

Скопје е во шок по грозоморниот инцидент…

Најскапиот ред во светот: Познато е колку…

Бродовите што во моментов се наоѓаат во…

Уставен ги поништи законските измени за намалувањето…

Уставниот суд денеска ја одржа 9. седница…