Под знак прашалник стартот на „Сејф сити“: ДУИ го блокира законот со бадентеровото мнозинство

t

Под знак прашалник е дали од 1 февруари ќе започне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско казнување на возачите, како што најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако во Собрание на Македонија сè уште не е обезбедено потребното двотретинско и бадентерово мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците.

Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не дава поддршка за законските решенија предложени од владејачкото мнозинство, а без гласовите на оваа партија не може да се обезбеди мнозинство од припадниците на заедниците, што е уставен услов за нивно донесување.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор за измените на Законот за прекршоците. Според него, доколку се постигне политички договор, измените веднаш ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница. Гаши посочи дека на досегашните координации немало суштински забелешки за содржината на законските решенија, туку дека станува збор исклучиво за прашање на политички договор меѓу пратениците.

Со предложените измени се предвидува прекршоците евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ да се доставуваат по електронски пат, односно преку СМС порака или електронска пошта до сопственикот на возилото. Во известувањето ќе има линк преку кој ќе може да се преземе записникот за сторениот сообраќаен прекршок и прекршочниот платен налог. Доколку во рок од 24 часа по првото известување сопственикот не го отвори линкот, ќе следи второ известување, а рокот за преземање на документите ќе изнесува осум дена. По истекот на тој рок, доставата ќе се смета за уредно извршена, дури и ако документите не се преземени. Законот предвидува и можност доставата да се врши преку дигитална апликација, согласно важечките прописи.

Покрај електронската достава на казните, со измените се воведуваат и построги санкции, меѓу кои трајно одземање на возилото за возачи фатени под дејство на алкохол или дрога, како и одземање на возачката дозвола. Сепак, без обезбедување на потребното парламентарно мнозинство, почетокот на примената на „Сејф сити“ останува неизвесен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Под знак прашалник стартот на „Сејф сити“:…

Под знак прашалник е дали од 1…

„Бела плима“: Шпанската полиција откри речиси 10…

Шпанската полиција во понеделник објави дека е…

Франција почна кампања за регрутација во доброволна…

Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна…

Се намали цената на јајцата

Се стабилизираат состојбите на пазарот за јајца…

„Лајка“ ги заловува кучињата кои се појавија…

По огромниот револт на јавноста по социјалните…