Поднесено обвинение за Фехми Стафа за Примање награда за противзаконито влијание
По спроведена сеопфатна истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, предвидено и казниво согласно Кривичниот законик.
Според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Имајќи ги предвид неизменетите околности врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката, надлежниот јавниот обвинител со обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на истата.
Се работи за предметот со поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.
Тој беше уапсен на 13 декември минатата година, во рамки на постапка што против него ја поведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Како што информираа тогаш од Обвинителството, во периодот од октомври до 13 декември, осомничениот Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да влијае кај судија во Апелациониот суд Скопје во врска со предмет што се водел против негов клиент, односно лице што го застапувал како адвокат.
Непосредно по примањето на парите, осомничениот Стафа бил лишен од слобода, при што кај него биле пронајдени и одземени парите.
Лицето за кое Стафа требало да издејствува укинување на мерката притвор е осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот.