Пожарот во Кавадарци бил подметнат, се очекува денеска да биде изгаснат
Од околу 30 пожари кои биле регистрирани вчера на отворен простор на разни места низ земјата, пожарот во Кавадаречко бил најтежок за интервенција и се очекува до крајот на денот да биде изгаснат во целост, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на заедничката прес-конференција со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор, неколку од нив се претворија во сериозни, тешки за гасење, пожари. Најтежок којшто вчера беснееше на територијата на државата е пожарот којшто се одвиваше на подрачјето зад нас, на територијата на општина Кавадарци.
Во текот на вчерашниот ден овде дејствувавме со два ер-трактори и со полицискиот и со армискиот хеликоптер. Денеска наутро почнавме да дејствуваме со три ер-трактори коишто помогнаа на локалните пожарникари од Кавадарци овој пожар да биде ставен безмалку под целосна контрола – рече Ангелов.
Пожарот бил исклучително тежок за гасење, зашто се одвивал на тешко пристапен терен обраснат со густи грмушки и трња, тежок за движење на пешадија, но и многу стрмни ридишта.
– Градоначалникот Јанчев покажа школски пример како треба да се гаси еден ваков пожар, бидејќи на лице место овде на земја имавме голем број локални пожарникари.
Од негова страна беа ангажирани и доброволни пожарникари – две доброволни противпожарни друштва, понатаму локалната самоуправа, комуналното претпријатие, механизација, булдожери и друга тешка механизација со којашто се правеа противпожарни пресеци. Од воздух помош дадоа ер-тракторите на Дирекцијата, како и еден армиски и еден полициски хеликоптер – појасни Ангелов.
Јанчев се осврна хронолошки на пожарот во Кавадаречко.
-На нашиот најголем македонски празник Илинден, 2 Август, околу 21 часот, е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнуваат пожари на пет локации коишто се оддалечени една од друга по околу 500 до 700 метри. Значи станува збор за очигледно подметнат пожар – вели Јанчев.
Пријавата веднаш била сфатена сериозно, додаде тој.
-Се работеше до доцните ноќни часови, меѓутоа поради специфичноста на теренот, недостапноста и терен до којшто не може да се пристапи со пешадија, не успеавме вечерта да го санираме комплетно. Утредента, на 3-ти, се продолжи со комплетно гасење на пожарот. Ни се придружија и два ер-трактори во вчерашниот ден кои помогнаа доста од воздух.
Вчера пожарот поради ветровите и високите температури, доста се прошири, во радиус од околу 7 километри квадратни и го зафати делот на село Дреново, село Раец, околината на Раец и село Ќесендре – додаде Јанчев.
Тој очекува до крајот на денот, овој пожар да биде изгаснат во целост заедно со ер -тракторите и да се остават патроли за да функционираат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пожарот во Кавадарци бил подметнат, се очекува…
Од околу 30 пожари кои биле регистрирани…
Измамник од Кавадарци фатен со обележани 2.000…
На 23.07.2026 во 13:50 часот на Градски…
ЦУК: Активни се четири пожари
Активни се четири од 14 регистрирани пожари…
Пожарите во Штип и кај Пробиштип се…
Чистење двор или спој на разлабавени електрични…
Опожарени две возила во скопски Аеродром
Во раните утрински часови во Скопје избувнал…