Поранешни функционери бараат реформа на СДСМ

t

Дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на СДСМ во средата одржаа промоција на новото движење – алтернатива на СДСМ кое според нив треба да ја реафирмира социјалдемократската идеја која сметаат дека не е артикулирана добро од страна на СДСМ под водство на актуелниот лидер Венко Филипче.

На собирот дојде некогашната екипа на СДСМ – екс потпретседателот Игор Ивановски кој ја предводи групата, екс генералниот секретар Никола Ќуркчиев, Емилијан Станковиќ, некогашните потпретседатели Андреј Петров и Гордан Георгиев, а од сегашните функционери дојде пратеничката Славјанка Петровска која се бореше за претседателското место во СДСМ заедно со Венко Филипче, како и лидерката на Либерално демократската партија и пратеничка Моника Зајкова.

На собирот наречен „Разговори за иднината” од јавните личности дојдоа и адвокатот Звонко Давидовиќ и политикологот Ненад Марковиќ.

„Не сме фракција”
Во соопштението по собирот учесниците порачаа дека опозицискиот простор не се пополнува со нови партии туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција.

„На Македонија и е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која за да ја погоди целта мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети”, се наведува во соопштението.

Во него беше нагласено и дека собирот кој се одвиваше под наслов „Разговори за иднината во 12:05“ е нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата. „Времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија”, велат учесниците.

Во неформални разговори, некои од нив на прашањето од ДВ дали се фракција на СДСМ рекоа дека не се тоа бидејќи не се дел од СДСМ, а и дека сегашниот статут на СДСМ не е доволно демократски за прогласување на фракција. Некои од учесниците сепак изјавија за ДВ дека идејата е да го трансформираат СДСМ.

„Останувам во СДСМ, не си одам, целта на нашата нова платформа е да вршиме притисок во СДСМ”, изјави учесник кој сакаше да не биде именуван.

Исто така неформално беше речено дека собирот е поттикнат од лошата состојба во државата и можноста по шест месеци да се одржат вонредни избори што според оваа група не се добар развој на настаните во земјата.

Филипче: Знаеме зошто го прават тоа
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, во првата реакција по настанот, за ДВ изјави:
„Ние знаеме што е ова. И знаеме зошто се прави”.
„Постои Фронтот за вистина и правда. Сѐ друго е фејк. Наместо да одат на таков собир, нека го отворат Фејсбук профилот на Латас, нека ја вклучат Алфа ТВ – таму имаат доволно „различно мислење“ кое секојдневно го труе народот со лаги, со измислени непријатели на Македонија, на идентитетот, јазикот и културата”, рече Филипче.

Тој притоа се осврна на ЗНАМ како паралела на новата фракција во СДСМ и потенцира дека „сега, кога знаеме дека еднаш веќе беше направен еден „ЗНАМ“ од страна на Мицкоски и од група луѓе кои прво ја предадоа својата партија, а потоа и своите гласачи, и тоа служеше за да се претопат гласовите на опозицијата во гласови за Мицкоски и неговата банда – тогаш одењето на собир кој го организираат истите тие луѓе, не бара многу објаснување”.

Денешниот настан, инаку, се одвиваше зад затворени врати под таканареченото правило Чатам (Chatham house rule) кое значи дека не смее да се наведуваат имиња на дискутантите, а смее да се открие содржината на нивните дискусии. Ова правило вообичаено се применува за дискусии на чувствителни и контроверзни теми, иако најавените теми во поканата за собирот не може да се наречат такви. Темите за кои се разговараше се иднината на државата, владеење на правото но и како посебна точка беше наведена „состојбата со опозициското делување” што укажува на амбицијата на групата да се промовира како алтернативна или водечка опозиција на политичката сцена.

На неколку медиуми кои дојдоа на настанот им беше речено дека не може да присуствуваат ниту да снимаат, а беше најавено соопштение по неговото завршување.

Првите реакции на политичките набљудувачи се индиферентност додека поддржувачите и симпатизери на СДСМ на социјалните мрежи ја обвинија групата дека дејствува во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поранешни функционери бараат реформа на СДСМ

Дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на…

Екипите работат на расчистување на критичните точки…

Општина Кисела Вода свика итна седница на…

Побарана забрана за предавање и повеќе други…

Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за…

„Безбеден град“ ќе ги казнува и странските…

Возачите кои транзитираат низ Македонија ќе бидат…

Достоинствено погребан Владо Јаневски – последна почит…

Во Скопје денеска се одржа последното испраќање…