Почина македонскиот балетски уметник и кореограф, Хазарос Сурмејан
Националната опера и балет објавува дека починал Хазарос Сурмејан (1943–2026), македонски балетски уметник и кореограф, кој остави значаен белег во македонската и светската балетска уметност.
Хазарос Сурмејан (1943, Скопје – 2026, Торонто) изгради извонредна балетска кариера која траеше повеќе од пет децении. Своето образование и творечки пат ги започна во Македонија, а првиот професионален ангажман го оствари во Македонскиот народен театар (1958–1961). Во тој период остави забележителна трага со улогите на Бенволио во „Ромео и Јулија“, Џокер во „Фантастичен дуќан“, Кашеј во „Жар-птица“ и други.
-Потоа ја продолжи својата кариера во балетските трупи во Келн и Минхен, за подоцна да премине во Националниот балет на Канада, каде што работеше цели 54 години. Таму ја достигна највисоката позиција – првенец, изведувајќи голем број насловни улоги на кои им даде особен индивидуален печат. Во текот на својата извонредна кариера беше ценет по своите технички квалитети, импресивно сценско присуство и исклучителна уметничка изразност. Кон крајот на осумдесеттите години повторно се врати во Македонскиот народен театар, овојпат како кореограф. На 22 април 1987 година ја постави „Ромео и Јулија“ на музика од Сергеј Прокофјев (балетот доживеа обнови на 7 ноември 2003 и 23 март 2007 година). Во 2003 година го постави балетот „Ана Каренина“ на компилирана музика од Петар Илич Чајковски, стои во објавата.
Иако најголемиот дел од својот творечки пат го помина во странските балетски центри, Хазарос Сурмејан остави силен и траен белег во македонската танцова уметност, афирмирајќи ја како дел од светската балетска сцена.
На неговото семејство, пријателите и колегите од НОБ им упатуваат искрено сочувство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Почина македонскиот балетски уметник и кореограф, Хазарос…
Националната опера и балет објавува дека починал…
Масовна тепачка во Шуто Оризари, двајца тешко…
Двајца скопјани завршиле со тешки телесни повреди…
Гостин во хотел на Бит Пазар пронајден…
На 01.06.2026 околу 11:40 часот во СВР…
Тетовец (47) пронајден починат во стан –…
Починат маж е пронајден во стан во…
Се степале јатрви од гостиварско
Жена (34) од гостиварско село е уапсена…