„Пресретнувачи“ ќе ги казнуваат странците додека „Сејф Сити“ не почне да им доставува казни

t

Возачите кои транзитираат низ Македонија ќе бидат опфатени во системот „Безбеден град“, но додека не се надгради системот, казни нема да стигнуваат.

Дотогаш оние возачи кои возат брзо по македонските автопати со возила со странски сообраќајни таблички, ќе бидат казнувани само од полициските службеници „пресретнувачи“ кои според МВР се во континуитет присутни на коридорите 8 и 10.

„Во врска со возилата за кои прашувате т.н. „пресретнувачи“, ве известуваме дека истите во континуитет се присутни на коридорите 8 и 10 со цел санкционирање на возачите кои ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи“, велат од МВР.

Претходно, министерот Тошковски апелираше до сите што транзитираат низ коридорите 8 и 10 во Македонија, дека камерите на „Безбеден град“ функционираат, работат и евидентираат сообраќајни прекршоци.

Тошковски рече дека покрај македонските граѓани, наскоро и граѓаните кои транзитираат во земјава ќе добиваат казни за сторени сообраќајни прекршоци, затоа повика граѓаните кои патуваат да ги почитуваат правилата, укажувајќи дека секој спасен живот е огромен гест.

Министерот апелираше до сите кои транзитираат низ коридорите 8 и 10 да бидат одговорни, бидејќи функционира системот „безбеден град“ и ќе се однесува за сите, без разлика дали е со македонски или со странски регистарски таблици.

– Брзо, ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила, ќе биде токму тука на овој граничен премин, така што апелирам до граѓаните кои управуваат возила со странски регистарски таблички да ги известат дека прекршоците се констатираат и ќе бидат за брзо време доставени до оние кои не ги почитуваат правилата – рече Тошковски.

Инаку, во периодот од февруари до јуни оваа година, бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40% – од 55 жртви во истиот период минатата година, на 34 оваа година, истакнаа од МВР.

„Од почетокот на примената на системот се евидентирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, а повеќе од 95% од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Тоа јасно покажува дека најголемата опасност на нашите патишта не се камерите – туку неодговорното возење.

„Продолжуваме со неговата имплементација низ целата држава, затоа што нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите“, објавија оттаму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ