Прогнозите за Ормускиот теснец го смируваат пазарот: Цената на нафтата падна под 102 долари
Цените на нафтата во понеделникот паднаа на меѓународните пазари под 102 долари за барел, бидејќи аналитичарите проценуваат дека Иран и покрај контролата врз Ормускиот теснец сепак дозволува дел од нафтените пратки да поминуваат кон големите купувачи во Азија.
На лондонскиот пазар барел нафта попладне се тргуваше по цена од 101,83 долари, што е за 1,31 долар пониско во однос на затворањето на крајот на минатата недела.
На американскиот пазар, пак, цената падна уште повеќе – за 3,46 долари, на 95,25 долари за барел.
Пазарите на почетокот на неделата беа охрабрени од проценките дека нафтата од Блискиот Исток сепак стигнува до купувачите во Индија, Кина и Пакистан, и покрај воената криза во регионот.
По американско-израелските напади, Иран ја презеде контролата врз Ормускиот теснец, клучниот морски премин за глобалната трговија со нафта. Техеран забрани транзит на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.
Сепак, теснецот не е целосно блокиран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека бродовите можат да минуваат, но мора да се координираат со иранската морнарица за да се обезбеди безбедна пловидба.
И шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи порача дека теснецот е „затворен само за непријателите кои кукавички го напаѓаат Иран“.
Аналитичарите сметаат дека Техеран намерно одржува делумен проток на нафта.
Според BCA Research, Иран на тој начин испраќа сигнал дека е подготвен да врши притисок врз пазарите, но истовремено избегнува целосно да ги оттурне своите клучни партнери во Азија.
Целосно затворање на Ормускиот теснец, предупредуваат аналитичарите, би можело да предизвика меѓународна воена операција за негово повторно отворање.
Потези на САД и сојузниците
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика сојузниците да ја поддржат операцијата за обезбедување безбеден транзит низ теснецот, но одговорот од многу држави бил претежно негативен.
За време на викендот, САД извршија напад врз иранскиот остров Харг во северниот дел на Персискиот Залив, кој е главен ирански извозен терминал за нафта, но притоа ја избегнале директната нафтена инфраструктура.
Во обид да се стабилизираат пазарите, Јапонија најави дека ќе пушти 80 милиони барели нафта од своите резерви, што би покрило околу 45 дена потрошувачка.
Истовремено, членките на Меѓународната агенција за енергија (IEA) минатата недела едногласно се согласија на пазарот да пуштат 400 милиони барели од стратешките резерви.
Агенцијата оцени дека ова ќе донесе „значително и добредојдено олеснување“ за пазарите, но нагласи дека редовниот транзит низ Ормускиот теснец останува клучен за стабилно снабдување со нафта во светот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Прогнозите за Ормускиот теснец го смируваат пазарот:…
Цените на нафтата во понеделникот паднаа на…
Вучиќ: Србија гради силна одбрана
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја посети…
Гужви по бензинските пумпи, од полноќ повторно…
Новите зголемени цени на горивата кои ќе…
СДСМ со одлука за исклучување на Петре…
Извршниот одбор на СДСМ денеска донесе одлука…
Германски министер за надворешни работи: НАТО не…
И Германија со контра реплика до претседателот…