Професорот Трајковски со детали за состојбата во РЕК Битола: Ова претставува катастрофално ниска ефикасност, што мора да се дополнува со купување електрична енергија

t

Следејќи ги дневните извештаи од МЕПСО дознаваме дека еден блок од РЕК Битола (другите два блока не работат) не достигнува дури ни моќност од 130 MW (мегавати), што претставува одвај 56% од номиналната моќност од 230 MW. РЕК Битола моментално испорачува само околу 3,1 GWh (гигаватчасови) електрична енергија дневно, наместо 16,5 GWh, доколку сите три блока би работеле во номинален режим.

Ова претставува катастрофално ниска ефикасност, што мора да се дополнува со купување електрична енергија од приватната гасна термоелектрана-топлана (Те-То) Скопје, како и со увоз од странство. Звучи нестварно, но моментално приватната Те-То Скопје произведува повеќе електрична енергија отколку термоелектраната на јаглен во РЕК Битола. Дури и хидроцентралите на ЕСМ произведуваат повеќе од термоцентралите, што до скоро било незамисливо. Поради облачното време, производството од фотонапонските централи е симболично.

На сите што ја следат состојбата со термоелектраните на јаглен (освен на нашите власти) им е јасно дека РЕК Битола, кој работи под техничкиот минимум, се наоѓа во претсмртна агонија. Јаглен едноставно нема, односно сé потешко се ископува и истиот има сé понизок квалитет. Домашниот лигнит има сé поголема содржина на јаловина и пепел, што заедно со високата влажност значи дека има сé пониска калорична вредност. Пониската калорична вредност значи дека е потребно сé поголемо количество јаглен по единица електрична енергија. Но, тоа додавање јаглен е ограничено со капацитетот на мелниците и котлите, па така турбините остануваат „гладни“ за пареа со потребите карактеристики.

Кога котелот и турбината работат во подноминален и подоптимален режим, нивниот степен на корисно дејство драстично се намалува, односно дури и при исто количество хемиска енергија од јагленот се добива сé помало количество електрична енергија. Поради тоа нејзината цена сé повеќе расте, а постројката станува сé помалку економична и рентабилна.

Од друга страна, послабата калориска вредност на јагленот не овозможува стабилно согорување (пламенот во ложиштето од јаглената прашина, измешана со земја, сака да згасне), поради што е потребно додавање мазут заради стабилизација на согорувањето. Мазутот нормално се користи при старт на котлите, но повремено и по потреба, доколку наиде помалку квалитетен јаглен. Но, моментално сиот наш јаглен е неквалитетен и без додавање на мазут согорувањето не би било одржливо, а моќноста на турбините би опаднала под техничкиот минимум од 130 MW. Ако во нормални услови се троши околу 2 kg мазут за 1 MWh произведена електрична енергија, сега е потребно преку 10 kg, па дури и 15 kg мазут за секој мегаватчас електрична енергија, што дополнително ја поскапува.

На тој начин, термоелектраната на РЕК Битола е целосно увозно зависна, не само од скапиот грчки јаглен, туку и од увезениот мазут. Доколку синџирот за снабдување биде нарушен, што се случува деновиве поради блокадите на грчките земјоделци, домашното производство од термоелектраните на јаглен ќе биде ничкосано на колена.

Нашите власти имаа време да разберат дека времето на овие термоелектрани измина. Затоа звучи налудничаво нивната намера да го стартуваат рудникот за јаглен „Живојно“, што претставува уште еден ќорсокак. За ископување на 1 t јаглен во новиот рудник е потребно ископување на околу 8…9 t откривка, односно јаловина. Ископувајќи со приватни компании, при минимална цена од 11 евра/t јаловина и 24 евра/t јаглен, цената само на јагленот би изнесувала 8х11+24 = 112 евра/t. При постоечката калориска вредност на јагленот потребни се околу 1,7 t јаглен за 1 MWh електрична енергија. Ако кон ова се додадат и останатите оперативни трошоци од најмалку 25 евра/MWh, производната цена на електричната енергија со јагленот од рудникот Живојно би изнесувала најмалку 215 евра/MWh, што е двојно поскапо од моменталната цена на електричната енергија на берзите.

На секој разумен човек би требало да му биде јасно дека ова е неодржлива ситуација. Уште пред 3 години започнав да апелирам дека Македонија треба итно да купи две евтини работени гасни централи од по 180-200 MW, истите да ги релоцира во Неготино и да и поврзе со парната секција на тамошната термоцентрала на мазут, која би произведувала без еден грам мазут, само од отпадната топлина од гасните турбини.

Во светот денеска се продаваат многу гасни централи со малку работни часови поради преминот кон обновливи извори на енергија. Постојат и специјализирани компании кои вршат нивна преселба. Така за најмногу 100 милиони евра и само 18 месеци Македонија би добила гасна централа во комбиниран циклус со капацитет од 540 MW и енергетски би застанала на свои нозе. Оваа евтина инвестиција би била отплатена за само 2 години работа.

Во меѓувреме би продолжиле со изградба на обновливи извори на енергија, така што до 2050 година конечно би се ослободиле и од гасот.

Наместо тоа, нашата Влада одлучила државата да не гради ништо, бизнисот да им го отстапи на приватните инвеститори, на кои им ги отстапува нашите најдобри локации за ветропаркови, плодните полиња за фотонапонски централи, а во меѓувреме да купува скапа електрична енергија од приватните производители и од увоз. Бидејќи се работи за непланирани буџетски трошоци, тие директно го зголемуваат буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Единствени профитери се приватните производители, увозници и трговци со електрична енергија, а губитници се буџетот, односно сите граѓани на нашата земја. Стручното слепило и инаетот на властите одат дотаму што се спремни да градат брза пруга покрај Вардар и така да го упропастат и проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали, со чија помош Македонија би станала речиси целосно енергетски независна. На тој начин дефинитивно ќе ја закопаат нашата енергетска иднина заради своите неразумни и економски штетни планови, што не можат дури ни да се наречат инвестиции.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професорот Трајковски со детали за состојбата во…

Следејќи ги дневните извештаи од МЕПСО дознаваме…

Македонскиот математички гениј освои злато на Германската…

Македонското чудо од дете уште еднаш ја…

(Видео) Протече „млеко“ низ реките и го…

Еко активистите тврдат дека Присадска и Оревоечка…

„ШТО ЌЕ ПАДНЕ ПРВО – КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ…

При одредувањето на кредитниот рејтинг во 2025,…

Буквална инвазија од 10 илјади луѓе: Расте…

Во период од последните четири години, околу…