Разбиена криминална организација во Грција за нелегално производство и трговија со тутунски производи
Во организирана операција во неколку региони, грчката полиција разбила голема криминална организација, активна во нелегално производство и трговија со тутунски производи, при што биле уапсени 26 лица, откриени три целосно опремени нелегални производствени единици и шест магацини, запленети над 14 милиони парчиња цигари, а избегнатите даноци и такси изнесуваат над седум милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Акцијата била спроведена во петокот и саботата, а началникот на Дирекцијата за справување со организиран криминал Фотиос Дуицис и портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду претпладнево детално информираа за акцијата и за криминалната организација активна најмалку од август 2018 година.
Објаснија дека постоела и меѓународната активност и од крајот на септември 2025 година биле регистрирани најмалку 15 испораки на нелегални цигари, а активноста привремено била прекината во октомври 2025 година, откако биле запленети пратки во Романија и Полска, но повторно се активирала во јануари годинава.
Димоглиду посочи дека уапсени се 26 членови на криминалната организација, за случајот дополнително се товарат уште 13 лица, меѓу кои и еден полицаец, а паралелно, се истражува вмешаноста на уште девет лица.
За време на дводневната операција во Аттика, во областа Магнисија, во централна Грција и на Евија биле пронајдени три целосно опремени простории за производство и пакување на цигари, како и погон за термичка обработка и сечење на тутун со специјални машини за оваа намена, како и шест магацини, а запленети се 14.438.040 парчиња цигари, 20,04 тони ситно сечен индустриски тутун, 1.218.082 евра, 24.000 швајцарски франци и 16.050 дирхами, 42 златни лири, оружје, мобилни телефони, компјутери, 17 возила и 10 камиони, три приколки итн.
-За да ја постигнат својата цел, членовите на криминалната организација развиле целосна и повеќеслојна оперативна структура, со нелегални капацитети за преработка на тутун и производство на цигари, главно во делови на Аттика и централна Грција, складишта, како и мрежа за транспорт и пласирање на произведените производи. Произведените цигари се пакувале во лажни пакувања, со знаци и обележја на легални тутунски компании, главно со странски јазични ознаки, рече Димоглиду.
Додаде дека потоа, се префрлале од производствените локации до места за привремено складирање, а потоа се товареле на камиони со приколки и полуприколки со странски регистарски таблички, наменети за други земји-членки на Европската Унија или трети земји, додека дел од производството се насочувал и во рамките на земјата.
Транспортот бил придружен со фиктивни документи, а во некои случаи, возилата носеле лажни регистарски таблички.
Началникот на Дирекцијата за справување со организиран криминал Фотиос Дуицис нагласи дека конкретниот случај е „типичен пример за тоа како организираниот криминал еволуира во модерната ера со структура, времетраење, меѓународни врски и јасни бизнис карактеристики“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Разбиена криминална организација во Грција за нелегално…
Во организирана операција во неколку региони, грчката…
Сопругата на грчкиот премиер Мицотакис доживеала тешка…
Марева Грабовски Мицотакис доживеа несреќа во саботата…
Инциденти пред солунскиот Универзитет „Аристотел“, приведени над…
Судири во Солун избувнаа ноќта кон 7…
Катимерини: Бугарија, попријателска од Грција за нови…
Грција е рангирана многу пониско од земјите…
Автобус изгоре на автопат кај Солун –…
Пожар избувна рано утринава во градски автобус…