Ревизорски извештај за Буџетот за 2024: Дефицит над законскиот лимит и кратења на капиталните инвестиции
Државниот завод за ревизија го објави конечниот ревизорски извештај за Буџетот на Македонија за 2024 година, во кој се евидентирани низа структурни проблеми во планирањето и реализацијата.
Според извештајот, буџетскиот дефицит на ниво на централниот буџет за 2024 година достигнал 4,4 проценти од Бруто домашниот производ. Ова ниво е пониско во споредба со 2023 година, но останува над лимитот предвиден со фискалната стратегија и над новите фискални правила, кои предвидуваат максимален дефицит од 3 проценти од БДП.
Ревизорите констатираат дека со ребалансот на буџетот е направено значително зголемување на расходите за субвенции и трансфери, додека во исто време се направени значителни кратења на капиталните расходи.
„Расходите за субвенции и трансфери се зголемени до 38 проценти, додека капиталните расходи се намалени за 27 проценти“.
Ова, според извештајот, е направено без да се земат предвид препораките на Фискалниот совет да не се пренаменуваат капиталните средства во тековни расходи, бидејќи тоа директно влијае врз зголемување на дефицитот и намалување на просторот за развојни инвестиции во иднина.
Извештајот укажува и на сериозни проблеми во процесот на буџетското планирање, при што за 16 проценти од буџетските барања на институциите, Министерството за финансии подготвило предлози без доставени стратешки планови од самите институции.
Едно од најпроблематичните наоди се однесува на непочитувањето на законите во финансирањето на судската власт и регионалниот развој.
„Средствата за судската власт се намалени иако законот забранува кратења во случај на ребаланс“.
За рамномерен регионален развој, законот предвидува најмалку 1 процент од БДП, додека во 2024 година се издвоени само 0,08 проценти.
Државниот долг на крајот од 2024 година достигнал 8,3 милијарди евра или 53,8 проценти од БДП, додека јавниот долг надминал 62 проценти од БДП, бележејќи значително зголемување во споредба со претходната година.
Ревизорите нагласуваат дека продолжува практиката на неефикасно управување со проектите финансирани со кредити и грантови, при што се искористени само 37 проценти од одобрените средства, а за неискористениот дел државата платила милиони евра во провизии.
Државниот завод за ревизија бара зајакнување на фискалната дисциплина, пореално планирање на буџетот и целосно почитување на законите со цел да се гарантира финансиска стабилност и поефикасно користење на јавните пари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ревизорски извештај за Буџетот за 2024: Дефицит…
Државниот завод за ревизија го објави конечниот…
Мицкоски: Започнува инвестиција од 21 милион евра…
– Денес зборуваме за нешто што со…
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги…
Управата за јавни приходи ја известува јавноста…
Претрес во Струга и Крушево, пронајдени пиротехнички…
На 29.12.2025 во 17:30 часот во Струга,…
ДПИ: Во декември времено затворени 26 угостителски…
Државниот пазарен инспекторат во текот на месец…