Регулаторна денеска ја крои цената – дизелот замрзнат, бензините поевтинуваат за 2 денари
Се очекува утре Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да донесе одлука со која дизелот нема да поскапи, додека бензините ќе имаат дополнително намалување од 2 денари за литар, откако денеска Владата, на вонредна седница, одлучи да се намали акцизата на овие три горива. Како што образложи премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на вонредната владина седница, со тоа ѝ е овозможено на Регулаторната комисија да ја намали акцизата за дизелот за 4 денари, односно за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денари за литар.
Моменталната акциза за дизелот изнесува 15,5 денари за литар, а за бензините е 22 денари за литар.
Тој истакна дека Владата ја продолжила мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 % до крајот на кризната состојба, односно до 20 април.
– Со овие одлуки драматично ќе се намали цената на горивата, со што се штити стандардот на граѓаните. Ако не ја намалевме акцизата, литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари – истакна Мицкоски.
Премиерот соопшти и дека по разговорите со надлежните во ОКТА е договорено попустот што веќе им го даваат на трговците на нафтени деривати од 3 денари за дизелот за литар, а за безоловните бензини од 95 и 98 октани дополнителни 2 денари помалку за литар, да продолжи до крајот на април.
– Кога ќе се анализира сето ова, доаѓаме до цена што ќе биде иста за дизелот како и досега, доколку се вкалкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари што го добиваме од ОКТА, така што ги амортизираме потенцијално седумте денари зголемување за литар. Додека кај безоловните бензини од 95 и 98 октани, покрај 2 денари акциза за литар, ќе имаме намалување 2 денари за литар, односно ќе бидеме 2 денари во минус од цената што беше во изминатиот регулиран период, односно изминатата недела – објасни Мицкоски.
Тој истакна дека дневната потрошувачка на горива достигнува два милиони литри, од кои 75 % е дизел и околу 25 % безоловен бензин и рече дека тројно е зголемена потрошувачката на одредени бензински пумпи поради притисокот од граѓаните од соседните држави, кои доаѓаат да полнат гориво поради пониските цени.
– Жесток е притисокот на северната, западната и на јужната граница, каде што потрошувачката на одредени бензински пумпи е и триплирана, затоа што доаѓаат граѓани од други држави да ги полнат резервоарите. Се очекува дополнителен притисок од Србија кога таму, пред Велигден, ќе заврши двонеделниот регулиран период, но и од тоа какви ќе бидат цените на берзите од вторник. Веќе неколку аеродроми од соседни земји откај нас земаат керозин, како што е, на пример, аеродромот во Приштина – истакна Мицкоски.
Премиерот смета дека нема потреба од други мерки, бидејќи во разговор со трговците со горива било утврдено дека има доволно горива и дека нема да бидат загрозени домашните потрошувачи.
– Во овој момент нема потреба од какво било ограничување, бидејќи во разговор со трговците и со снабдувачот добив уверување дека нема опасност да бидат загрозени домашните потрошувачи, иако од 1,5 милион конзумот (потрошувачката) е зголемен на 2 милиони литри на ден. Се надевам дека така и ќе остане и дека сето тоа што се случува во (Персискиот) Заливот ќе престане и состојбата во светот ќе се нормализира, односно режимот во Иран ќе престане да го опструира природното право на трговија на земјите од Заливот и навремено снабдување на другите потрошувачи со нафта и нафтени деривати од Заливот – рече Мицкоски.
Инаку, берзата за нафта се затвори во четвртокот поради велигденските празници и според калкулациите што ги правеле во Владата, дизелот требало да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините од 1,5 до 2 денари.
– Намалената акциза ќе влијае со десетици милиони евра на буџетот. Сепак, буџетот има доволно средства поради домаќинското работење – изјави премиерот Мицкоски.
За опозицијата во земјава, владините мерки се задоцнети и недоволни бидејќи сè е поскапено. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по посетата на Повардарјето и разговорите со земјоделците, заклучил дека состојбата е алармантна.
– Разговарав со земјоделци, лозари, производители на житарки од селото Криволак и можам да констатирам дека ситуацијата е навистина алармантна. Во оваа временска ситуација, кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици. Прво, по прашањето на нивната егзистенција, како земјоделските семејства. И второ, мора да знаеме дека може да се соочиме со сериозен недостиг поради сета оваа криза и негрижата на власта за овој сектор и недостиг на производство на одредени земјоделски култури, особено житарки, што значи дека во следниот период може да се соочиме со дополнителен раст на цената на лебот, до крајот на годината – изјави Филипче.
Тој посочи дека никој не води грижа за наводнувањето и дека не се исчистени каналите, а за откупните центри рече дека ги уценуваат земјоделците со ниски цени, а потоа тоа им е услов да добијат некакви субвенции.
– Ниска субвенција и неисплатена за сточарите, висока производствена цена поради високата цена на работната рака, водата, ѓубривата, сѐ на сè сметам дека оваа ситуација треба да биде сериозен аларм, ако згора на тоа ставиме дека нема дополнителни пари преку ИПАРД-програмата – рече Филипче.
Имајќи ги предвид барањата на земјоделците, СДСМ во следниот период ќе предложи неколку предлог-закони.
Инаку, пет земји од ЕУ – Германија, Италија, Шпанија, Португалија и Австрија – бараат воведување данок на дополнителната добивка на енергетските компании за да се намали финансискиот притисок врз граѓаните поради кризата на Блискиот Исток. Тие сметаат дека не се доволни националните мерки и бараат координиран европски пристап.
Според нив, ваквиот данок би обезбедил средства за помош на потрошувачите и би помогнал во намалувањето на инфлацијата, без дополнително оптоварување на буџетите. Предлагаат модел сличен на „солидарниот придонес“ од 2022 година, кога беа собрани околу 28 милијарди евра.
Иницијативата доаѓа во услови на раст на цените на нафтата поради геополитички тензии и проблеми во снабдувањето. ЕУ засега не покажува подготвеност за поголема буџетска флексибилност, а се очекува кризата да трае подолго, со можни мерки како користење стратешки резерви и ограничување на потрошувачката.
Кризата веќе има глобални економски импликации, зголемувајќи го ризикот од инфлација и забавување на растот. Некои земји веќе размислуваат за привремено враќање на јагленот како енергетски извор, додека авиокомпаниите изразуваат загриженост за снабдувањето со авионско гориво.
Се крчка ребаланс на буџетот, нови антикризни мерки и замрзнување на маржите
Почнати се првичните анализи за ребаланс на буџетот. Се очекува во мај да биде завршено прекројувањето на државната каса и да ја помине владината процедура, а во јуни да влезе на разгледување и одобрување во Парламентот за да може веќе од јули Владата да ги троши средствата според ребалансираниот буџет. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски поради очекувањата и прогнозите дека кризата со цените на енергенсите ќе има продолжено дејство.
– Мора да се подготвиме за тешка година, но ја следиме состојбата за да реагираме врз основа на приоритетите. Треба да се помине овој период, а не да се брои приходот, профитот итн. Се подготвуваме за подолг и потежок период. И пред кризава планиравме некаде кон крајот на јуни да имаме ребаланс на буџетот. Треба да вратиме 2,5 милијарди евра стари долгови годинава, а почнавме да го враќаме и солидарниот данок од 50-ина милиони евра. Треба да се исплатат пензии, режиски трошоци, директни субвенции и сето тоа е од буџетот. Состојбата е таква каква што е, но нема откажување и ќе се бориме – рече Мицкоски и додаде дека и покрај економските предизвици и мерките за ублажување на кризата, Владата засега не планира зголемување на беџетскиот дефицит.
Тој најави дека се разгледуваат микротаргетирани мерки за ублажување на последиците од кризата, а меѓу опциите е и замрзнување на трговските маржи. Премиерот рече дека одмрзнувањето би се вршело постепено за да се избегнат ценовни шокови.
Извор: Вечер Прес
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Регулаторна денеска ја крои цената – дизелот…
Се очекува утре Регулаторната комисија за енергетика…
Мицкоски за најавениот протест за правосуден испит:…
По најавата за протестен марш утре пред…
Енергетски шок во Италија: четири аеродроми остануваат…
Четири клучни италијански аеродроми – Болоња, Милано…
Затоплување во следните денови – од петок…
До средината на следната седмица ќе се…
Трамп до Иран: Отворете ја проклетата теснина,…
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска упати нова…