Рубио го обвинува НАТО дека дејствува еднострано против САД – „Ќе го преиспитаме односот“
Американскиот државен секретар Марко Рубио го обвини НАТО дека дејствува еднострано против САД во интервју за Фокс њуз, по одбивањето на неколку сојузници да помогнат во операцијата против Иран.
„Ако стигнеме до точка каде што НАТО значи дека не можеме да ги користиме овие бази, кога повеќе не можеме ефикасно да ги користиме за да ги браниме американските интереси, тогаш НАТО е еднонасочна улица. Во тој случај, НАТО значи дека нашите сили се во Европа за да ја бранат Европа, но кога ни треба помош, не ја добиваме“, нагласи Рубио. Државниот секретар додаде дека САД ќе мора да го преиспитаат својот однос со НАТО по конфликтот во Иран.
„Ќе мора да ја преиспитаме вредноста на НАТО и овој сојуз за нашата земја. За жал, ќе мора да размислиме дали овој Сојуз, кој добро ѝ служи на оваа земја веќе некое време, продолжува да служи за таа цел“, заклучи тој.
Зборувајќи за конфликтот на Блискиот Исток, Рубио рече дека САД нема да дозволат Иран да развива нуклеарно оружје, истакнувајќи дека воените операции на САД имаат за цел да ги уништат клучните воени капацитети на Техеран и дека крајот на војната е на повидок. „Никогаш не треба да им се дозволи да поседуваат нуклеарно оружје, што претседателот (САД Доналд) Трамп го стави јасно до знаење од првиот ден од неговото претседателствување, всушност од првиот ден од неговата кандидатура“, рече Рубио во интервју за Фокс њуз.
Тој рече дека иранскиот режим со децении развива капацитети што би можеле да доведат до производство на нуклеарно оружје, вклучително и збогатување на ураниум до 60 проценти и развој на балистички ракети со долг дострел.
„Тие се водечки државен спонзор на тероризмот не само во регионот, туку и во светот“, рече Рубио. Според него, американската операција има четири главни цели: уништување на иранските воздухопловни сили, ослабување на морнарицата, уништување на значаен дел од ракетните лансери и уништување на индустриската база за производство на беспилотни летала и ракети. Рубио изјави дека американските сили се „на добар пат“ да ги постигнат овие цели и оцени дека операцијата би можела да влезе во историјата како една од најефикасно спроведените тактички воени акции во модерното време. Тој исто така рече дека Иран развива ракети што би можеле да стигнат до Европа, па дури и до територијата на Соединетите Американски Држави, додавајќи дека некои од таквите капацитети веќе се демонстрирани со лансирања на ракети.
„Тоа е нивната цел. Тие имаа за цел да станат следната Северна Кореја, само не Северна Кореја управувана од режим кој е проблематичен и тешко разбирлив, туку Иран управуван од радикални шиитски свештеници со интерконтинентални ракети кои на крајот би можеле да стигнат до копното на САД“, рече тој.
Рубио нагласи дека Вашингтон останува отворен за разговори со Техеран, но го обвини Иран дека одбива или одложува разговори за неговата нуклеарна програма, ракети и поддршка за милитантни групи во текот на изминатите децении. „Не можеме да го игнорираме фактот дека 47 години тие избегнуваа и отфрлаа секој обид за преговори. Тоа не значи дека ќе престанеме да се обидуваме. Претседателот Трамп секогаш претпочита преговори пред војна, и секогаш ќе го прави тоа“, рече американскиот државен секретар.
Според него, САД разменуваат пораки со Иранците и крајот на војната е на повидок. „Разговорите се во тек. Постои можност за директна средба во одреден момент. Секогаш ќе бидеме отворени за тоа“, рече Рубио, но додаде дека Трамп нема да дозволи „лажните преговори да се користат како тактика за одложување за да се купи повеќе време“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Рубио го обвинува НАТО дека дејствува еднострано…
Американскиот државен секретар Марко Рубио го обвини…
Хегсет: САД се „справуваат“ со руските и…
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет истакна…
Трамп до тие што не им помогнаа…
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повикува земјите…
Израелскиот амбасадор во САД: Воените цели „веројатно…
Израелскиот амбасадор во Вашингтон, Јехиел Лајтер, во…
САД по четврти пат го продолжија рокот…
Соединетите Американски Држави го продолжија по четврти…