САД ГО РЕВИДИРАШЕ БРОЈОТ НА ВАКЦИНИ: Даниловски објаснува што тоа значи за Македонија
Докторот Драган Даниловски на социјалните мрежи се огласи со објаснување што значи ревидирањето на бројот на вакцини за Македонија.
„ШТО (НЕ) ЗНАЧАТ НОВИТЕ АМЕРИКАНСКИ ПРЕПОРАКИ ЗА ВАКЦИНИ ЗА МАКЕДОНИЈА?
На 5 јануари американските здравствени власти објавија ревидирана верзија на вакцините што федерално се препорачуваат за деца и адолесценти.
Со новиот распоред, бројот на болести за кои постои „универзална препорака“ за вакцинација се намалува од 17 на 11. Дел од вакцините – како оние против ротавирус, грип, хепатит А и Б, менингокок и КОВИД-19 – се преместени во категории што важат само за високоризични групи или се ставаат под т.н. „shared clinical decision-making“, односно индивидуализирана процена во разговор со лекарот.
Во самите САД оваа промена предизвика значајни дебати. Повеќе професионални здруженија, како Американската академија за педијатрија и Американската медицинска асоцијација, јавно изразија загриженост дека промените може да доведат до намалена покриеност и повторна појава на болести кои децении наназад опаѓаат. Дел од критиките се однесуваат и на транспарентноста на процесот, кој овој пат се разликува од вообичаената, внимателна процедура што ја следи Комитетот за имунизација (ACIP).
Но клучното прашање за нас е следното: што значат овие промени за Македонија? Треба ли да нè загрижуваат? И треба ли да очекуваме некакво влијание врз нашиот вакцинален календар?
Одговорот е јасен: за нашата земја нема никаква непосредна импликација, ниту пак треба да се прават предвремени споредби. Но потребно е да се даде стручен контекст – токму поради сензитивноста на темата и довербата во вакцинацијата.
Вакциналните календари не се глобално унифицирани – туку локално адаптирани.
Секоја држава го гради својот вакцинален календар според следните елементи:
• кои болести реално циркулираат во земјата;
• колкав е ризикот од тешки исходи кај невакцинирани деца;
• каков е безбедносниот и ефективниот профил на конкретните вакцини;
• каков е степенот на опфат, доверба и пристап до примарната здравствена заштита.
Македонија и САД имаат сосема различни епидемиолошки услови.
Во последната деценија, нашиот регион се соочи со повеќе епидемии на морбили; циркулацијата на хепатит А периодично е повисока отколку во земјите со многу слични календари; ротавирусните гастроентерити и натаму предизвикуваат значајно болничко оптоварување. Покрај тоа, кај нас постои т.н. резидуален ризик од хепатит Б, особено кај невакцинирани возрасни групи, што ја засилува смислата на раното вакцинирање.
Со други зборови: не постои универзален календар кој важи за сите држави. Дури ни Европската Унија нема единствен календар – секоја земја има свои приоритети, токму поради локалната епидемиологија.
Инаку, во Македонија нема никакви промени во програмата за имунизација. Комбинираните вакцини – како ММР (морбили, паротит, рубеола) – остануваат рутински и не се под знак прашалник. Тие се дел од глобалната стандардна практика и се поддржани со податоци собирани со децении. Комбинираните вакцини го намалуваат бројот на „боцкања“, го олеснуваат логистичкиот процес, го подобруваат опфатот и се безбедни и ефективни.
Потребно е да се нагласи и следното: американските промени не значат дека некоја вакцина станала „лоша“ или „непотребна“. Тоа се само промени во класификацијата на препораките, а не во научните докази за ефективноста или безбедноста на вакцините.
Во нашиот контекст, ризиците од враќање на веќе контролирани болести се реални. Секое намалување на опфатот – под влијание на конфузни меѓународни сигнали или манипулирани интерпретации – може да доведе до повторни епидемии.
Порака до родителите: Нашите препораки се непроменети, вакцините остануваат најсилната заштита.
Секоја новост во странство неизбежно создава дилеми кај дел од родителите. Затоа е важно да се каже јасно и недвосмислено:
1. Нашиот вакцинален календар останува истиот. Истото важи за времето на давање, за комбинираните вакцини и за обврските што произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести.
2. Децата во Македонија треба да ги примаат вакцините според возраста – како и досега. Овие вакцини ги штитат од болести кои и понатаму циркулираат во нашиот регион.
3. „Shared decision-making“ не значи „не треба да се прими“. Тоа е модел на одлучување што е специфичен за американскиот здравствен систем и не е дел од нашиот нормативен или организациски контекст.
4. Довербата во вакцините треба да се темели на научни факти, а не на парцијални интерпретации на странски одлуки.
Важно е родителите да ги поставуваат своите прашања – но одговорите да ги бараат кај педијатрите и во официјалните стручни тела, а не на социјалните мрежи.
Порака до институциите: потребна е проактивна комуникација
Иако Македонија нема никаква обврска или причина да реагира на американската одлука, корисно е здравствените институции да дадат кратко разјаснување. Да ја објаснат ситуацијата кај нас и да спречат непотребна конфузија меѓу македонските родители. Не да ја коментираат политиката на друга држава.
Зашто, кога станува збор за вакви сензитивни теми, молкот создава простор за шпекулации. А довербата во имунизацијата се гради и одржува преку навремена, транспарентна и стручна комуникација.
Да заклучиме:
Ниту една земја не треба автоматски да пресликува туѓ вакцинален календар. Вакциналната политика мора да биде „скроена по мерка“ на сопствената епидемиологија, сопствената здравствена инфраструктура и сопственото население.
Македонија мора да остане при рационалниот и научно заснован пристап: висока покриеност со рутинските вакцини, јасни препораки, стабилен календар и едуцирана јавност. А секоја меѓународна новост – вклучително и оваа – треба да ја разгледуваме со трезвеност и со разбирање на локалниот контекст, пишува тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД ГО РЕВИДИРАШЕ БРОЈОТ НА ВАКЦИНИ: Даниловски…
Докторот Драган Даниловски на социјалните мрежи се…
(Видео) „Авионoт на судниот ден“ снимен над…
„Авион на судниот ден“ на американските воздухопловни…
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18…
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00…
САД почнале да планираат напад врз Иран,…
Високи функционери во администрацијата на американскиот претседател…
Трамп нарачува план за инвазија на Гренланд,…
Американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на…