Салим Курто, по потекло од Скудриње, претседател на мнозинската советничка група во Општина Видор, Италија
Македонскиот државјанин, Салим Курто, по потекло од долнореканското село Скудриње, Општина Маврово и Ростуше, кој живее и работи во Италија, е вториот нашинец кој обезбеди место во Совет на една италијанска општина.
На конституивната седница на Советот општината Видор, тој е избран за претседател на мнозинската советничка група што ќе ја води општината. Победничката советничка група ја предводеше актуелниот градоначалник на Видор Никола Зандо.
-Чест и голема одговорност е функцијата која ја добив. Со моето максимално залагање очекувам да ја оправдам довербата. Би сакал да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа со мене за време на ова мое патување, ме поддржуваа и охрабрува. Ќе работам посветено за доброто на Општината и секако за нашинците, кусо изјави Салим за МИА.
Во општината Видор од вкупно 364 странци (податок од јануари 2025) македонската заедница е најбројна и брои 93 македонски државјани.
„Салим е успешен и етаблиран геодет, вклучен во општествениот живот на Видор, Тревизо и пошироко. Вреден и позитивен човек, почитуван од сите. Честитки за Салим за советничкиот мандат и успеси во работењето, објави Фросина Ременски, генерален конзул во Венеција.
Нагласува дека Видор и многу општини во Северна Италија каде што живеат и работат нашите државјани се повеќе го ценат и вреднуваат нивниот придонес во општеството и активно се вклучуваат во управувањето на општината.
Според неа, интеграцијата и поддршката што ја овозможува Италија, дава можност и шанси „многу наши државјани да бидат дел од развојот и да бидат мостови за соработка и пријателство помеѓу општините и државите“.
Ова е последователен успех на нашинците во Италија. На локалните избори во ова земја, дипломираниот архитетект на престижниот универзитет во Венеција, Тарик Семси, по потекло од село Коџаџик, Општина Центар Жупа, испиша историја и стана прв странец советник во Советот на Општина Венеција. Тој обезбеди место во 36-члениот општински совет, како кандидат на независната листа на новоизбраниот градоначалник, Симоне Вентурини.