Само 8 проценти од Ромките се вработени, повеќето се соочуваат со дискриминација на работното место
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска го презентираше тематскиот извештај за дискриминацијата на жени Ромки во областа на работните односи, во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Извештајот, како што беше кажано, има за цел да потсети на значењето на еднаквоста, недискриминацијата и заштитата на правата на жените, особено на оние кои се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација.
Во извештајот се анализира состојбата со дискриминацијата во областа на работа и работни односи во периодот од 2022 до 2024 година и се даваат препораки за институционални и системски мерки за надминување на структурните бариери при вработувањето.
Според податоците, Ромите сочинуваат околу 2,53 проценти од населението во државата, според пописот од 2021 година. Во 2023 година општата стапка на невработеност изнесувала 13 проценти, додека кај ромската популација достигнувала околу 67 проценти. Дополнително, само 8 проценти од Ромките се вработени, што укажува на сериозна структурна исклученост од пазарот на трудот. Ромките често работат во неформалниот сектор, без социјална и здравствена заштита и со ограничен пристап до мерки за вработување.
Бројот на поднесени претставки за дискриминација е многу низок, вели членот на Комисијата, Зекир Абдулов.
„Од 407 новоотворени случаи во 2024 година, приближно 40 проценти се за потенцијална дискриминација на работно место или при вработување, додека само три се за дискриминација врз Роми во областа на вработувањето, од кои само во еден случај е утврдена дискриминација“, рече Абдулов.
Тој појасни дека Комисијата постапува по претставки на граѓани, при што ги соочува аргументите на двете страни – подносителот на жалбата и лицето или субјектот кон кого е насочена претставката, по што се утврдува дали има елементи на дискриминација.
„Врз база на тоа постапување, Комисијата изработува мислење со кое се сугерира отстранување на недостатоците и укинување на неправедната положба во која дискриминираното лице се јавува“, потврди Абдулов.
На прашањето како судовите го вреднуваат мислењето на Комисијата, тој посочи дека во одредени случаи судот го потврдува мислењето на КСЗД, но има и случаи кога пресудата е спротивна од мислењето на Комисијата.
„Сепак, судот е независен орган, а нашата ингеренција завршува со покренување прекршочна постапка доколку не се постапи по нашите препораки“, додаде Абдулов.
Правното и економско зајакнување на Ромките ќе придонесе кон зголемено користење на механизмите за заштита од дискриминација и нивно учество во консултации за политики кои директно ги засегаат.
Абдулов исто така го наведе и проблемот со испразнетите места во јавната и државнта администрација, каде што Ромите по било кој основ кога ќе го ослободат местото, на тие работни места веќе не се вработуваат Роми по било кој основ и затоа, рече тој, ова е сериозно прашање на кое треба сите сериозно да размислиме.
-И покрај одредениот напредок, реалноста покажува дека жените Ромки и натаму се сооочуваат со дискриминација, родово-базиорано насилство, нееднаква застапеност во раководните позиции како економска нееднаквост, рече Абдулов.
Тој упати порака до носителите на одлуки да обезбедат политики засновани на еднаквост, повик до работодавачите да гарантираат еднакви можности и услови за работа и повик до секој поединец да придонесе кон ослободување од стереотипи, предрасуди и заштита од секаков вид насилство кон жената.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Само 8 проценти од Ромките се вработени,…
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
ЕСЧП отвори предмет за дискриминација на Апасиев…
ЕСЧП отвори предмет за дискриминација на Апасиев…
ДКСК го дискриминирала Апасиев, утврди Комисијата за…
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација…
Над 50% од жените се економски неактивни…
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат…
Жените во Иран добија дозвола да возат…
Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф,…