„Само да значи да“: Европскиот парламент бара силувањето да се дефинира како секс без согласност
Резолуцијата усвоена од Европскиот парламент повикува на заедничка дефиниција за силување низ целата ЕУ, наведувајќи дека секој сексуален чин без согласност треба да се смета за силување, објави „Ројтерс“.
Европскиот парламент денеска одобри резолуција со која се повикува на дефиниција за силување во цела ЕУ, врз основа на отсуство на слободно дадена и информирана согласност.
Сега е ред на Европската комисија да предложи закон, кој потоа ќе треба да биде одобрен од земјите-членки на ЕУ, што обично е политички и тежок чекор.
Резолуцијата повикува дека „само јасна, потврдна, слободно дадена и недвосмислена индикација за согласност е валидна“ во сексуалните односи. Се додава дека „молчењето, недостатокот на вербален или физички отпор или отсуството на „не“ не можат да се толкуваат како согласност“.
„Секој сексуален чин надвор од оваа рамка треба да се смета за силување“.
Исто така, се нагласува дека претходната согласност, минатите сексуални односи или која било врска со сторителот – вклучително и бракот – не подразбира автоматска согласност.
Овој повик го одразува принципот „само да значи да“ усвоен од Шпанија, одобрен во 2022 година по брутално групно силување.
Недостатокот на согласност е веќе дефинирачки елемент на силување или сексуален напад во 17 од 27 земји-членки, според Истражувачката служба на Европскиот парламент.
Дефиницијата поддржана од Европскиот парламент е исто така во согласност со Истанбулската конвенција, која е ратификувана од 22 земји-членки на ЕУ.
Сепак, законодавството во неколку земји-членки сè уште се потпира на дефиниција за силување базирано на сила, барајќи од жртвите да докажат насилство или закани. Во Естонија, силувањето се дефинира како повреда на волјата на жртвата преку сила или закани, додека Латвија се однесува на сексуално насилство извршено под принуда, вклучувајќи сила или други форми на притисок.
Во Романија, законот се фокусира на неможноста на жртвата да изрази согласност.
Во меѓувреме, законодавството во Италија, Словачка, Унгарија и во Бугарија е нејасно, задржувајќи елементи на пристап базиран на сила, според експертска група формирана од Советот на Европа.
Ваквите дефиниции честопати бараат толкување од судовите во однос на тоа што претставува насилен напад, што не е секогаш конзистентно. Ова може да доведе до висок товар на докажување и, во некои случаи, до секундарна виктимизација.
Поддржувачите на резолуцијата тврдат дека неодамнешните случаи ги разоткриле границите на дефинициите засновани на сила. Во разговор за „Еуроњуз“, Абир Ал-Сахлани ги посочи случаите во Франција кои вклучуваат дрогирање и онлајн злоупотреба како доказ за еволуирачки форми на сексуално насилство.
Резолуцијата беше усвоена со големо мнозинство, со 447 гласови „за“, 160 „против“ и 43 „воздржани“.
Дефиницијата за силување останува клучен јаз во законодавството на ЕУ за насилство врз жените, откако беше исклучена од директивата усвоена во 2024 година – потег што предизвика критики и протести.
Првичниот предлог на Европската комисија го дефинираше силувањето како секс без согласност, но неколку земји-членки се спротивставија на одредбата.
Некои, вклучително и Франција, тврдеа дека кривичното право спаѓа под национална надлежност и треба да остане одговорност на поединечните земји.
Според Агенцијата на Европската унија за фундаментални права, околу 5 отсто од жените во ЕУ доживеале силување од 15-годишна возраст.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Само да значи да“: Европскиот парламент бара…
Резолуцијата усвоена од Европскиот парламент повикува на…
Истрага за силување и изработување порнографски материјал…
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за…
Малолетник во БиХ ја силувал сестра си…
Полицијата во БиХ, по наредба на надлежното…
Силувана 18-годишна бремена девојка во Шуто Оризари
МВР информира дека рано утринава околу 00:15…
Хорор во Гостивар: Брат си ја силувал…
На 19.04.2026 во 04:10 часот во СВР…