СДСМ: Филков многу добро знае за сценариото за враќање на Груби и за „дилот“ помеѓу ВМРО и ДУИ

t

Министерот Игор Филков е дел од циркусот, од режираното сценарио на криминалната власт и диловите на ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, на која ја коментираше одлуката за изрекување поблага мерка – куќен наместо затворски притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, второосомничен во предметот „Државна лотарија“.

„Министерот Филков нека не се прави како да не е од тука. Тој многу добро знае за договореното сценарио за враќање на Груби, за ‘дилот’ меѓу ВМРО и ДУИ, кој се реализира пред очите на јавноста, а знае и дека шефот на обвинителот кој побара куќен притвор за Груби беше избран на оваа функција во Скопското јавно обвинителство пред еден месец“, се вели во партиската реакција.

Оттаму дополнуваат и дека министерот знае и за контролата врз судството и Обвинителството од страна на нивната тендер коалиција ВМРО–ЗНАМ, како и за менувањето на јавниот обвинител со цел да се инсталира нов под контрола на власта.

„Филков знае и за сопругата на ексградоначалникот на ВМРО која ја назначија за член на Судски совет, како и за советникот на Мицкоски кој беше избран во Уставниот суд. Знае и дека МВР, раководено од Панче Тошковски, и АНБ, раководена од Бојан Христовски, дале проценка дека Груби ‘не бил безбеден‘ во затворот во Шутка, па затоа предложиле куќен притвор“, додаваат од опозициската партија.

Според СДСМ, на сите им е јасно дека Филков, Тошковски и Христовски се во служба на ВМРО-ОКГ и на крими-државата.

„Кога Обвинителството и судството ќе бидат ослободени, сите ќе одговараат“, пишуваат од партијата.

Зборувајќи за случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, второосомничен во предметот „Државна лотарија“, Филков денеска на прес-конференција кажа дека вчерашната одлуката за изрекување поблага мерка – куќен притвор наместо затворски, е тест за целиот систем бидејќи според него, станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство.

Побара одговорноста да се лоцира со „име и презиме“ и ги повика сите „актери“ во постапката да дадат објаснување.

Ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители да свикаат итни седници, да го разгледаат случајот и да утврдат дали има елементи за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Филков кажа дека побарал објаснување за состојбата и од директорот на затворот преку Управата за извршување санкции, институција во надлежност на Министерството за правда.

„Бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција. Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка“, рече тој.

Најави дека ќе побара да се спроведе вонреден надзор во затворите низ земјава за да се утврди безбедносната состојба во нив. Потенцира дека залудно се носат закони ако не се спроведуваат.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.

За таквата одлука, од Обвинителството велат дека биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.

Инаку, Груби во земјава реши да се врати по повеќе од една година бегство надвор од државата. Првично кога избега, нему му беше одредена мерка притвор, поради што вчераутро веднаш по појавувањето на ГП „Блаце“ беше спроведен во затворот „Скопје“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СДСМ: Филков многу добро знае за сценариото…

Министерот Игор Филков е дел од циркусот,…

Комисијата го одби предлогот за минимална плата…

Предлог-измените на Законот за минималната плата, со…

Се обидел да ги убие синот и…

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.Ф.(42)…

Се стега и функционерскиот ремен – околу…

Функционерите ќе земаат пониски плати за околу…

ДУИ бара Филков да биде разрешен, се…

ДУИ го обвини министерот за правда Игор…