Се одложува официјалниот старт на „Сејф сити“, потврди МВР – еве кога ќе почнат казните
Министерството за внатрешни работи (МВР), во одговор на прашање на „360 степени“ околу тоа дали системот „Безбеден град“ („Сејф сити“) се тестира и кога официјално ќе биде во функција, вели дека регистрирањето сообраќајни прекршоци преку овој систем ќе започне да функционира од 1 февруари, а не од 1 јануари, како што беше првично најавено.
„Безбеден град ќе започне да функционира од 1.2.2026 година на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10“, велат од МВР за „360 степени“.
Откако отпочна тест-периодот и опомените кои стигаат во СМС-пораки, системот „Безбеден град“, властите размислуваа за одложување на почетниот датум откога наместо опомени, ќе почнат да се испраќаат казни за брзо возење и поминување на црвено светло.
Ова сигнализира дека на МВР му е потребно повеќе време за тестирање и калибрирање на системот, пишува „360 степени“, чијашто екипа го тестираше системот и откри некои недоследности.
Покрај одложувањето, претставници на МВР изминатите денови најавија дека се размислува и за извесна толеранција околу брзината, односно да не се казнуваат возачите кои возеле 52 или 53 километри на час во градска зона.