Се очекува реизбор на Мицкоски за претседател за последен пат – конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци
ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кавадарци ќе го одржи својот 18. партиски конгрес, кој партијата го најавува како почеток на ново политичко поглавје и клучен момент за дефинирање на идниот курс на државата. Централно случување ќе биде изборот на премиерот Христијан Мицкоски за претседател на партијата, трет по ред, при што тој е единствениот кандидат за функцијата.
Конгресот се одвива под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ и се очекува да собере околу 2.600 делегати и гости. Во рамки на настанот ќе биде претставена и усвоена стратегијата „Македонија 2030“, документ кој треба да ја трасира долгорочната политичка, економска и институционална визија на партијата за наредната деценија.
Според најавите од ВМРО-ДПМНЕ, стратешкиот документ ги поставува темелите на модерна државност со стабилни институции, дигитална администрација, социјална пазарна економија, подобрено образование, квалитетно здравство и политики што треба да го задржат талентот во земјата. Партијата се позиционира како европска и вредносно ориентирана десница која ја гради државата на труд, знаење и фер конкуренција.
Мицкоски веќе порача дека ако биде избран, овој мандат ќе биде негов последен, бидејќи статутот дозволува максимум три. Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ првпат по долго време влегува во конгрес без долгови и со стабилна финансиска состојба, за разлика од состојбата што ја наследил во 2018 година.
Конгресот ќе се одвива по вообичаена процедура: усвојување дневен ред, избор на работно претседателство, усвојување на стратегијата, претставување на кандидатот за лидер, обраќања на делегати и гласање. На крајот ќе следи избор на статутарна комисија и комисија за материјално-финансиски надзор.
Дел од политичките аналитичари, иако го гледаат конгресот како демонстрација на сила и консолидација, предупредуваат дека најголем предизвик останува исполнувањето на ветувањата од минатогодишните избори. Во спротивно, велат тие, довербата кај јавноста може да се намалува.
Со денешниот конгрес, ВМРО-ДПМНЕ формално ќе ја зацврсти својата позиција во власта и ќе ја претстави визијата со која планира да ја моделира државата сè до 2030 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се очекува реизбор на Мицкоски за претседател…
ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кавадарци ќе го одржи…
Големи блокади во Грција поради доцнењето на…
Грчката полиција употреби солзавец за да ги…
МААЕ: Заштитниот саркофаг во Чернобил е оштетен…
Заштитниот саркофаг на нуклеарната централа Чернобил во…
Британска амбасада: Соработуваме со Македонија во борбата…
Амбасадата не ги споменува објавите на медиумите…
(Видео) Сообраќајка на автопатот Куманово-Скопје
Вечерва на автопатот Куманово–Скопје кај Стајковци се…