Се пишмани: Нема Новогодишна кошница, таквите мерки имале само привремен ефект, смета Мицкоски
Граѓаните не треба да очекуваат било каква интервенција на пазарот во очи на Новогодишните и Божикните празници и покрај тоа што инфлацијата мерена на годишно ниво останува релативно висока, а на месечно ниво покажува знаци на забрзување. Според нивото на порастот на трошоците за живот со кои се мери инфлацијата, нашата земја и натаму е двојно над европскиот просек, а слично е ако се споредиме и со состојбите во земјите во регионот, каде што е во горниот дел на табелата. Сепак, Владата смета дека било какви интервенции со ограничување на цените на основните производи или пак на маржите, не би дала траен ефект и цените веќе во наредните месеци по завршување на интервенцијата, ќе се нивелираат, или ќе бидат дури и повисоки.
Ваквиот пристап, денеска го потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања по посетата на почетокот на изградбата на мултифункционален центар во Општина Аеродром, рече дека било каков интервенционизам ќе значи само префрлање во другите месеци.
„Тоа го покажа искуството. Можеби тој месец ќе има поевтина цена на артиклите, но трговцитѕе тоа го пренесуваат во наредните месеци и на крај нето цената што ја плаќаат граѓаните е повисока. Таква е анализата која што ја направивме и која што е резултат на овие кошнички. И не само тука, туку и сите земји кои што ја примениле таа анализа дошле до тој заклучок“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека она што е важно да се направи, е надлежните институции да излезат на терен, што и се прави. Според него, инфлацијата на крајот на годинава ќе биде во рамките на предвидените 4 проценти, а следната година ќе биде меѓу два и три проценти.
Инаку, според последните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во ноември годинава, во однос на истиот месец лани, изнесуваше 4 отсто. Тоа е за 0,5 проценти поени помалку од претходниот месец (октомври) кога изнесуваше 4,5 отсто, што според тогашните објаснувања, се должеше на ниската споредбена основа, односно октомври минатата година кога беа применети мерки за ограничување на трговските маржи.
Сепак, и покрај намалувањето на годишната инфлација во ноември, загржува податокот дека кај храната и безалкохолните пијалаци таа изнесуваше 5,4 отсто. Најголем пораст имаше кај свежото овошје, месото, маслата и мастите, додека најизразено поскапување се бележи кај кафето, чајот и какаото – производи чија цена директно зависи од светските берзи, покажаа податоците на ДЗС. Исто така, на месечно ниво имаше пораст од 0,5 отсто, со што беше прекинат трендот на месечно намалување од претходните два месеци.
„Овој месец базната инфлација е малку поголема од претходниот месец–два и тоа претежно се должи во делот на овошјето, а делумно и кај зњеленчукот и тоа го анализираме“, вели Мицкоски, додавајќи дека ќе испитаат зошто е тоа така, претежно кај берзанските артикли, шекерот и слично, а инспекциите ќе продолжат ревносно да ја вршат својата работа.
Тој посочи дека Државниот пазарен инспекторат повторно ќе излезе на терен заедно со Комисијата на заштита на конкурентност, уште еднаш да направат детална инспекција на маркетите и да се констатира нивното однесување. Сепак, тоа не значи и дека Владата ќе воведе мерки за заштита на потрошувачите.
Неодамна, КЗК казни симбиолично неколку синџири маркети за „картелско здружување“. Мицкоски денеска изјави дека отприлика имаат лоцирано кои биле тие кои што организираат „ваков тип на однесување“, како и дека првичната казна била предупредувачка.
„Но доколку не дојде до смирување, а очекувам да дојде до смирување во декември, јануари и февруари, тогаш ќе одиме чекор понатаму, но се разбира не би сакал премногу за тоа јавно да зборувам“, рече Мицкоски.
Сепак, посочи дека има индиции за скриени маркетинг услуги, даватели на скриени маркетинг услуги кои што ги плаќаат одредени производители, дистрибутери и тн, кои што потоа се пренесуваат во крајната цена која што ја плаќаат граѓаните.
„За жал, до сега имаме само индиции, никој не сака да посведочи. Кога би посведочил, нам би ни било многу поедноставно во делот на истрагата. Затоа јас апелирам до сите трговци производители, оваа нефер трговска практика која што ја прават дел од маркетите преку одредени маркетинг услуги, истражувања на пазарот и слично да наплаќаат некакви маргини кои што граѓаните ги плаќаат преку цените на производите. Ги повикувам, ве молам помогнете за да ви помогнеме“, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, податоците за покривање на неопходните трошоци за просечно домаќинство покажуваат дека за да се помине месецот во ноември беа потребни 65.173 денари, за 371 денари помалку од еден месец претходно. Но, на годишно ниво живеачката беше поскапа за 1.200 денари. Потрошувачката кошница е уште поголема за оние кои што живеат во изнајмен стан од 60 квадрати – во ноември кошничката изнесуваше 80.548 денари.
Најмногу пари, односно 23.534 денари се потребни за храна и пијалоци, а потоа образование со 7.159 денари и режиски трошоци односно плаќање вода, електрична енергија, греење, станарина 6.130 денари. За облека и обувки се потребни 5.731 денари, за хигиена 2.506 денари, за здравство 1.185 денари, покажуваат податоците на ССМ.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, пак, во септември 2025 година, изнесуваше 45.466 денари и во однос на септември 2024 година, е повисока за 9,3 отсто.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се пишмани: Нема Новогодишна кошница, таквите мерки…
Граѓаните не треба да очекуваат било каква…
Тошковски : Тврдењата дека Македонија ќе биде…
Македонија ниту размислува, ниту има какви било…
Граѓаните на Кучевишка Бара и Бел камен…
Пред да почнете да ја читате оваа…
Трамп воведе „златна карта“ – американското државјанство…
Американската влада денеска го објави иницирањето на…
Апасиев: Мицика колку пати си поднесуваш оставка?
#Мицика, а бе колку пати "СЕ ПОВЛЕКУВАШ…