Се создава ли „европско НАТО“? Европа чекор поблиску до воена автономија од САД
Поимот „европско НАТО“ се појавува во стратегиските дебати уште од времето на Шарл де Гол, но долго време важеше за далечна и речиси утописка идеја. Денес, според сè поголем број европски политичари и безбедносни аналитичари, таа станува неопходност.
Со децении моделот беше едноставен: Соединетите Американски Држави го обезбедуваа главниот безбедносен „чадор“ за Европа, додека европските држави делумно ги покриваа трошоците. Но, последните геополитички кризи и промените во американската политика го разнишаа тој систем и ја отворија дилемата колку Европа може да се потпира на Вашингтон за сопствената безбедност.
Во тој контекст, сè погласни се повиците европските членки на НАТО да изградат сопствени и посилни одбранбени капацитети, со цел да не зависат целосно од американската поддршка. Идејата не подразбира распад на Алијансата, туку создавање посилен „европски столб“ во рамки на НАТО, кој би ѝ овозможил на Европа поголема самостојност во безбедносната политика.
Европскиот центар за политика оценува дека „европскиот столб“ во НАТО повеќе не е политичка опција, туку нужност ако Европа сака стабилност и независност од промените во американската политика.
Кризата околу Гренланд беше еден од моментите што дополнително ја засилија оваа дебата. Тогаш повторно се отвори прашањето за европската зависност од САД, особено во безбедносниот сектор. Во меѓувреме, Европската комисија во март 2025 година ја претстави иницијативата „ReArm Europe“, односно „Подготвеност 2030“, чија цел е мобилизација на околу 800 милијарди евра за одбранбени трошоци до крајот на деценијата.
Планот предвидува поголема фискална флексибилност за зголемување на воените буџети, како и создавање на фондот SAFE вреден 150 милијарди евра за заедничка набавка на оружје и воена опрема.
Досега 17 држави ја активирале фискалната клаузула, но критичарите предупредуваат дека таквиот пристап може да доведе до нерамномерност меѓу земјите, демократски дефицит и намалување на средствата за социјални и климатски политики.
Францускиот претседател Емануел Макрон е меѓу најгласните поддржувачи на европското воено зајакнување. Тој најави поголема улога на Франција во нуклеарното одвраќање, како и можност за распоредување француски нуклеарни капацитети во други европски држави. Германија, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, исто така го поддржува процесот и значително ги зголемува инвестициите во одбраната.
Сепак, и покрај амбициите, европската одбранбена индустрија и натаму има сериозни слабости – од недостиг на напредни ракетни системи до ограничени разузнавачки капацитети. Дополнителен проблем е и неусогласеноста меѓу европските армии, кои користат повеќе од 100 различни видови оружени системи, додека САД користат околу 30.
Безбедносните експерти предупредуваат дека целосно независна европска одбрана би барала огромни финансиски вложувања, а создавање сопствен нуклеарен „кишобран“ би чинело стотици милијарди евра.
Според нивните проценки, Европа веќе влегува во процес на трансформација – од целосна зависност кон делумна воена автономија. Но, за вистински „европски НАТО“ ќе бидат потребни најмалку 15 до 20 години, а и тогаш Европа веројатно ќе остане зависна од САД во области како нуклеарното одвраќање, разузнавањето и стратешката логистика.
И покрај тоа, трендот е јасен: Европа постепено ја редефинира својата безбедносна улога и се обидува да изгради поголема самостојност во свет кој станува сè понестабилен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се создава ли „европско НАТО“? Европа чекор…
Поимот „европско НАТО“ се појавува во стратегиските…
Мицкоски: Европа е нашиот единствен пат
Премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод…
Трамп со ултиматум за Европа: Имате рок…
Трамп наведе дека за ова прашање разговарал…
Европа не може да прими во членство…
Прес-конференција на Богданка Кузеска: Граѓаните мораат јасно…
Љутков од Брисел: Македонската култура силно одекна…
„Македонската култура е жива ризница на духот.…