Сиљановска-Давкова: Трагедијата во Кочани е нашиот „ѕид на срамот“ – политичките партии да престанат да го користат случајот за дневно-политички поени
„Со пожарот во дискотеката во Кочани, на површина излезе грдото лице на стихијното одлучување и културата на неказнивост“, рече меѓудругото во новогодишното обраќање пред пратениците претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа оцени дека трагедијата не била само несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција и институционална неодговорност кои државата ја довеле до „ѕидот на срамот“.
Сиљановска-Давкова рече дека толерирањето на корупцијата и несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа.
„Кочани не беше само трагедија. Тој настан нè доведе до ѕидот на срамот, а потоа и до можноста за катарза… Во случајот на Кочани не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал. Ја разбирам болката на семејствата на настраданите. Го разбирам нивниот оправдан гнев и бес“, истакна претседателката.
Потсети и на моментите на солидарност – медицинските тимови, хеликоптерите и активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита, кои покажаа дека во најтешките моменти „не сме сами“.
Во делот посветен на правдата, Сиљановска-Давкова упати директно предупредување до политичките партии да престанат да го користат случајот за дневно-политички поени.
„Треба да ги оставиме на мир обвинителите да обвинуваат, бранителите да бранат, а судиите да судат. Партиите и политичарите треба да ги прекинат дневнополитичките препукувања на сметка на работата на судот и болката на семејствата. Нивните најмили не можеме да ги вратиме“, порача таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на…
Претседателката Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите…
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги…