Сиљановска Давкова: Употребата на придавката македонски не може да се забрани

t

Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но употребата на придавката македонски во однос на идентитетот и народот не може да се забрани, истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по однос на вербалната нота врачена до амбасадорот на Бугарија во земјава поради изјавата на новата шефица на бугарската дипломатија, Весислава Петрова Чамова, која го употреби терминот „северномакедонски“.

Таа нагласи дека нејзиниот став кон договорот од Преспа не е променет и посочи дека потписниците на документот треба први да инсистираат на негово доследно почитување во меѓународните односи.

– Не се забранува, ниту пак може да се забрани употребата на придавката македонски. Впрочем тоа е и дел од самиот договор. Е сега, тие што го поддржале и што го потпишале договорот, први треба да укажуваат на неговото почитување – изјави Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на политичката клима во регионот и новата влада во Бугарија, претседателката изрази очекување за конструктивност и водење политики засновани на добра волја, нагласувајќи дека регионалното разбирање е клучно за евроинтеграцискиот пат на целиот Западен Балкан.

Во однос на прашањето за општествениот ангажман на поранешните шефови на државата, Сиљановска-Давкова истакна дека нивната активност не треба да престане по завршувањето на мандатот. Таа откри дека веќе размислувала за иницијатива за нивни заеднички консултации.

– Мислам дека би било убаво да има една тркалезна маса на бивши претседатели каде што ќе може да се советуваме за состојбите со кои се соочуваме и за решенијата за определени проблеми. Инаку, во право сте дека не треба со заминувањето од функцијата да престанат и активностите, туку да продолжат – рече претседателката.

Запрашана за неодамнешните изјави поврзани со комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Сиљановска-Давкова одби да ги коментира, нагласувајќи дека нема увид во природата на нивните телефонски разговори и дека одговорите треба да се побараат директно од инволвираните страни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на…

Претседателката Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите…

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги…