Сиљановска до младите: Земете ја сегашноста во свои раце, ако сакате да влијаете на иднината
Младите активно да бидат вклучени во процесите на одлучување и во креирањето на политиките во општеството, ако сакаме да влијаеме врз иднината, мора да работиме и да ја уредиме сегашноста, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната дискусија со млади на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам: Млади, училишта и дигитален простор“ во претседателската вила „Билјана“ во Охрид.
Често употребуваната порака дека иднината им припаѓа на младите, според Сиљановска не смее да значи занемарување на нивната сегашност и активна улога во општеството.
„Јас понекогаш велам дека можеби ние возрасните, само заради таа фраза „на младите им припаѓа иднината“, ја осиромашуваме сегашноста. Земете ја сегашноста ако сакате да влијаете врз иднината. Затоа вклучувањето во процесот на одлучување на младите, не само во Собранието, на сите нивоа, во училиштата, е важно“, порача Сиљановска.
Таа нагласи дека борбата против насилството не може да се сведе само на статистики, бидејќи зад секој случај стои конкретна личност, со чувства, желби и достоинство. Во тој контекст ја истакна важноста на непосредното дружење и човечкиот контакт, особено во време кога значаен дел од комуникацијата на младите се одвива во дигиталниот простор.
Сиљановска-Давкова зборуваше и за вербалното насилство и за влијанието на говорот врз младите, посочувајќи дека навредите, омаловажувањето и нетолеранцијата се форми на насилство што често се потценуваат. Според неа, наместо создавање култура во која насилството се прифаќа како начин на комуникација и решавање конфликти, потребно е младите да се учат на љубов, почитување и ненасилно однесување.
Осврнувајќи се на поделбите врз етничка и верска основа, нагласи дека припадноста не треба да биде критериум според кој се вреднува човекот, а особено не основа за поделби меѓу младите. Во превенцијата на насилството, според Сиљановска-Давкова, потребен е системски пристап кој ќе ги вклучи образованието, културата, музиката, филмот, драмата и спортот.
„Мораме систем да создадеме….Сите треба да се активираме за да градиме култура на разбирање, мировна култура, наместо култура на страв… Спорт, музика, култура, активност – нема поважни средства за ангажирање и, ако сакате, за демилитаризација на мислите кои што се присутни на мрежите или, ако сакате, за миротворство“ рече петседателката Сиљановска.
Според министерката за култура, Весна Јаневска, загрижува тоа што агресијата меѓу младите станува се побрутална, а особено тоа што насилството не само што се гледа, туку се снима и објавува на социјалните мрежи.
„Имам впечаток дека е многу зголемена агресијата, можеби е само повидлива и повеќе пријавена, но сметам дека станала побрутална. Во минатото децата ќе се степале, имало туркање, докачување и така натаму, но сега имаме гасење цигари врз тело, имаме бодење со нож, имаме понижување во најгрубата форма која може да постои на едно човечко суштество. И она што е најстрашно, и еднакво страшно, е апатичното гледање, па дури и снимањето на телефон и постирањето на мрежите, рече Јаневска.
Таа нагласи дека семејството е еден од значајните фактори за појавата на агресивно однесување, но дека влијание имаат и медиумите и дигиталниот простор. Во таа насока, Министерството за образование и наука, заедно со Комората на психолози, спроведува обуки за наставниците за препознавање на раните знаци на агресија и проблеми во семејството, досега опфаќајќи 30 општини.
Како дел од мерките таа ги посочи програмите за превенција од насилство во училиштата, поголемото присуство на наставниците во ходниците и училишните дворови, прирачниците за справување со врсничкото насилство и активностите против кибер-насилството. Најави и законско решение со кое се предвидуваат казни за родителите на деца кои вршат насилство.
Според Јаневска, промената не може да се случи само во училиштето или семејството, туку бара поширока промена во општеството.
„Менувањето на менталитетот не е нешто што се случува денес-утре, тоа е процес што трае и кој не може да го направи само семејството, само училиштето – тоа го прави целото општество. Не е флоскула кога велиме „иднината е во младите“. Тоа е реалност. Ако ја искористиме заеднички сегашноста, ќе направиме подобра иднина“ рече Јаневска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сиљановска до младите: Земете ја сегашноста во…
Младите активно да бидат вклучени во процесите…
Средба на Муцунски со вршителката на должноста…
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,…
Струмичките земјоделци успешни со протестите – 30…
Постигнат е договор за пиперката – куртовска…
Гостиварец се обидел да спречи тепачка меѓу…
Гостиварец бил физички нападнат додека се обидувал…
Иран егзекутира млада жена: тврдела дека убила…
Иран егзекутира млада жена која тврдела дека…